More

    Близнаковски: Граѓаните сакаат демократија, но и авторитарен лидер, мал процент на евроскептицизам

    Со доц. д-р Јован Близнаковски од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Скопје, разговаравме за податоците од неодамна објавеното Европско општествено истражување, во кое за првпат учествуваше и Северна Македонија.

    Многу висок процент од македонските граѓани би гласале Северна Македонија да стане членка на ЕУ доколку утре се одржи Референдум за членство во Европската унија, мал е процентот на тие кои се евроскептици. Граѓан(к)ите во нашата држава сакаат да живеат во демократска држава, но истовремено сакаат да имаат авторитарен лидер со „цврска рака“ кој ќе биде над законите. Во нашите држава најмногу се дискриминира во однос на етничка и национална припадност, но она што го нема како прашање во истражувањето е политичката дискриминација. Граѓаните имаат ниска доверба во институциите и политичките партии…

    Поддршка за членство во ЕУ

    Рекордни 81,10 проценти од македонските граѓани доколку се одржи утре Референдум за членство во Европската унија би гласале Северна Македонија да стане членка, а само 11,20 проценти би гласале против.

    Истражувањето покажува дека во Северна Македонија има поголемо расположени да се биде дел од ЕУ отколку во Швајцарија и Норвешка, поточно компаративната анализа покажува дека доколку утре се одржи референдум во врска со членство во Европската Унија, само 12 проценти од жителите на Швајцарија би гласале за, односно 22,90 проценти од жителите на Норвешка. Исто така истражувањето покажува дека во Србија е многу помал процентот на желба за членство во ЕУ, поточно само 46,40 проценти од граѓаните се за, додека пак 36,90 се против.

    Демократија

    Во однос на демократијата граѓаните се во исто гледиште како и западноевропските граѓани кои сметаат дека во една демократска држава парламентарните избори треба да се фер и демократски, медиумите да се слободни, судовите да се однесуваат исто кон сите граѓаните и граѓаните да може слободно да ја критикуваат власта.

    Но, според податоците граѓаните сметаат дека немаме слободни и фер избори, нема слободни медиуми и судовите не судат подеднакво за сите граѓани.

    Недоверба во институции 

    Истражувањето покажува и дека граѓаните имаат прилично лошо мислење за образованието, здравството и економијата и имаат ниска доверба во демократските институциите.

    Граѓаните имаат ниска доверба во политичарите и политичките партии, меѓутоа ги учат децата да бидат послушни и лојални на авторитетите (лидерите).

    Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Скопје, го спроведе истражувањето преку теренска анкета на примерок од 1.429 испитаници. Станува збор за голема компаративна анкета која се спроведува повеќе од 20 години во Европа. Последниот 10 бран од истражувањето беше спроведено на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година.

     

    Близнаковски вели дека овој циклус од европското општествено истражување беше прв во кој учествува Северна Македонија, а веќе следниот 11-ти циклус ќе го пропушти поради тоа што Министерството за образование и наука не одвоило пари за учество во истражувањето. Тој смета дека тоа е голем хендикеп за општеството бидејќи податоците што се добиваат од истражувањето може да бидат многу корисни.

    Повеќе податоците од европското општествено истражување, може да најдете на следниов ЛИНК.

    Дехран Муратов
    камера и фотографија: Александар Ризински
    монтажа: Ариан Мехмети

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version