More

    Полиграф: Погрешна информација е дека „Бугарија ќе обвини и Македонци за дојавите за бомби кај нив“

    На 29.03.2023, повикувајќи се на изјава на Јордан Божилов, директор на Софискиот безбедносен форум дадена за бугарската национална телевизија БНТ, неколку медиуми објавија дека „Бугарија ќе обвини и Македонци за дојавите за бомби кај нив“.

    На пример, порталот „Инфомакс“ објави наслов со прашање: „Дојавите за бомби во Бугарија ги праќаат Македонци?!“, а порталот „Локално“ објави: „Шефот на Софискиот безбедносен форум тврди: Македонци поврзани со една политичка партија ќе бидат обвинети за заканите со бомби во Бугарија“.

    Меѓутоа, да видиме што точно изјавил Божилов за БНТ: „Се работи на различни верзии и во Северна Македонија. Првично, имаше информација за хибридни закани, вклучително поврзани и со Русија. Впрочем, таа информација беше објавена и во Бугарија на една од конференциите што ги одржавме. Но сега, како што разбирам, ќе бидат подигнати обвиненија и на неколку Македонци, македонски граѓани кои се поврзани со една од политичките партии во Македонија“.

    Од изјавата, и од контекстот во кој е дадена, јасно е дека Божилов не зборува за покренување обвиненија за заканите за бомби во Бугарија, туку во Северна Македонија.

    Тоа го заклучува отпосле и порталот Плусинфо, кој првично во наслов објави дека „Бугарија ќе гони македонски граѓани за испраќање лажни дојави за бомби“, а потоа ова тврдење го промени во „Ќе се гонат македонски граѓани за испраќање лажни дојави за бомби“.

    Од медиумите кои ја пренесоа неточно изјавата на Божилов, само Плусинфо ја дополни содржината со исправка: „Во насловот и во содржината на претходно објавената вест беше кажано дека Бугарија ќе гони македонски државјани за заканите со бомби. По утврдувањето на неточноста на таа информација, извршена е исправка на веста – Стоилов сепак зборува за тоа дека македонски граѓани ќе се гонат во Македонија.“ Меѓутоа, и во исправката има грешка, зашто експертот не се вика Стоилов, туку Божилов.

    Очигледно, некои медиуми се изгубија во преводот од бугарски јазик и раширија неточни информации дека за дојавите за бомби во Бугарија ќе биле обвинети Македонци. Вакви грешки може да се случат, затоа медиумите треба внимателно да ги проверуваат изјавите од други јазици, а доколку згрешат, да ја информираат публиката преку исправки.

    Извор: ima.mk

    Exit mobile version