More

    Утре започнува меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“

    Во хотелот „Мериот“ во Скопје утре и задутре ќе се одржи меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“. Конференцијата ќе биде организирана во хибриден формат, при што дел од учесниците ќе ја имаат можноста физички да присуствуваат на настанот, а останатите ќе можат да ги следат сесиите онлајн, преку платформата ZOOM и Facebook Live.

    Конференцијата ќе ја отворат Славица Грковска, заменичка на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Влада на Република Северна Македонија, Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација на Северна Македонија и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис. Модератор на настанот ќе биде Мила Јосифовска Даниловска од Фондацијата Метаморфозис.

    Говорниците ќе ги споделат своите гледишта во однос на напредокот на дигиталната трансформација насочена кон потребите на сите граѓани – без исклучоци. Сесијата ќе овозможи цврста основа за понатамошни дискусии насочени кон создавање одржлив и отпорен дигитален екосистем, во кој сите граѓани ќе може безбедно, ефикасно и етички да ги користат јавните е-услуги и интернетот.

    Конференцијата ќе трае два дена и се состои од седум панел дискусии, два инспиративни говори, на која ќе ѝ претходи ТВ дебата.

    Конференцијата се организира во духот на инклузивна и ефикасна дигитална трансформација заснована на потребите на граѓаните која не остава простор за поткопување на човековите права и достоинства, ниту пак за дигиталната исклученост на ниедна заедница.

    На конференцијата ќе се обединат претставници од институциите, граѓанското општество, медиумите, академијата, активистите за дигитални права, практичарите и граѓаните од Западен Балкан и Европа, овозможувајќи им да дебатираат за предизвиците кон дигиталната трансформација, а низ призмата на паметното е-владеење, дигиталниот јаз, приватноста, вештачката интелигенција, сајбер отпорноста и хибридното војување.

    „Неминовен е фактот дека дигиталните технологии нудат многу можности за подобрување на животот на граѓаните, меѓутоа тие треба да бидат искористени на ефикасен, безбеден и етички начин, и да не оставаат ниту еден граѓанин на маргините. Затоа, на оваа конференција ставаме фокус на потребата од инклузивна дигитална трансформација, предводена од граѓаните и прилагодена на нивните потреби. Младите како една од најранливите категории се особено засегнати со дигиталната трансформација и затоа треба да ни биде приоритет тие да станат дигитално компетентни и одговорни граѓани како идни лидери во општеството“, стои во соопштението од Фондацијата Метаморфозис.

    На настанот ќе биде обезбеден превод на македонски, албански, српски и на англиски јазик.

    Агендата за конференцијата може да ја најдете тука.

    Конференцијата се организира во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version