More

    Укината пресудата за организаторите за упадот во Собранието на 27 април

    Апелациониот суд Скопје, во врска со кривичниот предмет „Собрание“ информира дека ги уважил жалбите на обвинетите Владимир Атанасовски, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и ја укинал првостепената пресуда за предметот „Организатори на 27 април“.

    Предметот се враќа на повторно судење.

    „Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Скопје во оваа фаза на постапката одлучи дека е беспредметна. Мерките за претпазливост спрема обвинетите Т.В од С. и В.А од Д. со привремено престојувалиште во С., остануваат во сила“, информираат во судот.

    Во Апелациониот суд додаваат дека кога била разгледувана првостепената пресуда, оценето е дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка.

    „Првостепениот суд при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети“, велат оттаму.

    Според Апелација, првостепениот суд сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење.

    „Првостепниот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија кои го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик“, велат од судот.

    Кривичниот суд, на 26 јули 2021 година ги прогласи за виновни четворицата обвинети. Највисока казна против организаторите на упадот и насилствата во Собранието од 27 април 2017 година доби поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој беше осуден на шест години и шест месеци затвор, а поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и поранешниот министер за наука и образование Спиро Ристовски, беа осудени на шест години и три месеци. Поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасов беше осуден на шест години затвор.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version