Последни написи

Пропадната држава

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Ако се фактите против вас, нападнете го законот. Ако законите не ви одат во полза, нападнете ги фактите. Ако и едното и другото се против вас, одете во личен напад и дискредитација на јавниот обвинител. Ова се советите што ги даваат вештите американски адвокати за луѓе кои се обвинети за кривични дела.

 

Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, целата кариера ја мина во напади против системот според неговите лични аршини. Дали е нешто праведно, законито, легално, зависи од личниот вкус на Трамп: Ако ги добие изборите, тогаш тие се перфектни. Ако ги загуби, сигурно се наместени. Ако законите работат во негова полза, тие се добри. Ако тој има некаква лична загуба – не чинат. И така цел живот. Сега во својот препознатлив помпезен стил, полн со навреди и расистички коментари за јавниот обвинител на Менхетн Алвин Браг (Американец од африканско потекло), го нападна обвинението дека е „лов на вештерки“ со политички контекст, за да биде дисквалификуван од претседателската трка во 2024.

Освен трите главни совети на адвокатите за напад врз фактите, законите и јавниот обвинител, Трамп ги нападна и американските вредности и стандарди, кои ги подриваат „левичарските манијаци“ и „обвинителите поддржани од Сорос“. Доналд Трамп и неговите поддржувачи тврдат дека обвинението е во стилот на „банана државите“ од третиот свет, и дека Америка се спуштила многу ниско.

Многумина традиционални конзервативци се согласуваат со реториката на Трамп. Но, не и мнозинството Американци. Обратно, токму фактот што Големата порота на Њујорк обвини поранешен американски претседател за сторено кривично дело, покажува дека Америка не е третокласна земја. Напротив, силината на демократијата и институциите е кога тие функционираат секогаш, и за сите подеднакво. Никој не е над законот, милуваат да кажат Американците, и сè додека навистина се придржуваат на ова гесло, ќе бидат голема нација и парадигма за демократскиот свет.

Од друга страна, во Македонија, бездруго има луѓе кои се над законот. Или, барем, вон дофатот на законот затоа што им успева – независно од тежината на обвиненијата, да ги развлечкаат предметите по судовите сè додека не застарат, така што и нема правен епилог дали биле виновни или не, според обвинението. Тоа е можно само ако правосудниот систем е тотално корумпиран и нефункционален.

И никој не се срами од тенденциозната, бавната и аљкава работа на судовите кои, на еден или друг начин, успеваат да ги забошотуваат предметите, сè додека не застарат. Како основните, така и апелациските судови, во што се уверивме минатата недела. Е, тоа е одлика не на третокласна „банана држава“, туку на пропадната држава (Failed state) во која е евидентно дека не функционира правосудниот систем.  Затоа судовите имаат толку мизерна доверба кај граѓаните.

Не е дека прескапо платените вешти американски адвокати не се сетиле дека може бесконечно да ги развлекуваат процедурите додека предметите не застарат, ама во функционални демократии со нормално судство, таквата тактика е практично невозможна.  А судовите во Македонија знаат и да работат и да одлучуваат промптно. На пример, Уставниот суд во минатата недела, кога требаше да се оспори законот со кој функционерите ќе може да си ги покачат двојно платите. Тогаш судот функционира за мерак. Брзо и ефикасно.

За партиите во Македонија она што е важно е Уставот, па Уставот. Секој ден има по десетина соопштенија, препукувања, одговор на одговорот на истата тема, како ништо друго да не се случува. А внимавајте, уставните измени треба да се случат во ноември. Можеби идејата на стратегиската комуникација е толку многу партиски соопштенија да се разменат на оваа тема, што на луѓето ќе им дојде преку глава и од Устав, и од уставни измени, па ќе си речат – аман нека изгласаат што сакаат, само да престанат веќе да нè бомбардираат со соопштенија на оваа тема, не се трпи повеќе.

И додека во Македонија се занимаваме со замрзнати цени на краставиците, двојно зголемување на платите на функционерите и, се разбира, постојаната тема за промена на Уставот, во светот се случуваат големи тектонски промени чиј тригер бездруго беше руската инвазија на Украина. Се менува целиот светски политички и економски поредок. Влегуваме во ерата на „хипер-реализмот“, што е почеток на нова „Студена војна“, овој пат меѓу САД и европските сојузници и Кина и нејзините сојузници.

Стратегискиот сојуз Пекинг-Москва е печатот на нова светска парадигма. Ама, со променети улоги. Веќе не е Москва супер-силата, туку Пекинг, а Москва полека ќе се претвара во орудие на Кина за остварување на кинеските стратегиски цели во Европа. Голем е стравот од Кина – нација која е најмалку четири пати поголема од американската, со највисока стапка на економски раст.

Американскиот претседател Џо Бајден, како домаќин на Вториот светски самит за демократија, се обиде да исцрта општи линии – за судир меѓу демократиите и авторитарните режими, а не Вашингтон-Пекинг. Но, има проблеми во убедливоста на овој наратив – пред сè, со главниот стратегиски сојузник на Блискиот Исток, Израел, кој еклатантно ги крши човековите права на Палестинците, но и ги урива самите темели на демократската држава. А како удира по демократските вредности на државата ултрадесничарската влада на Бенјамин Нетанјаху – така што ја подрива независноста на Врховниот суд.

Значи, клучот за функционирање на демократијата се судовите. Затоа и толку не нè бива, и сме пропадната држава. Еден од столбовите на демократијата се и медиумите. И таму ги чекаме најавените реформи со години.

Уставните измени се важна тема, затоа што се врзани со македонските авроинтеграции, ама и другите теми се еднкаво важни, дури и клучни. За овие реформи не се потребни ниту двотретинско мнозинство, ниту промена на Уставот.

Latest Posts

Не пропуштај