More

    Маричиќ: Вистинското прашање е дали сакаме да го фатиме најбрзиот воз за членство во Европската Унија

    Институтот за медиуми и аналитика ИМА Скопје, за платформата #Деполаризирајсе што е дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни, вклучувачки институции: придонес на граѓанското општество“, разговараше со заменик – преседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

    Во фокус на интервјуто се активностите кои ги спроведуваат институциите во рамки на започнатите преговори за членство во Европската унија. Во првиот дел од разговорот, Маричиќ одговараше на прашања поврзани со дезинформациите околу почетокот на преговорите и скринингот. Во вториот дел од разговорот, Маричиќ одговара на прашања за патоказите за владеењето на правото, за демократските институции, за реформите во јавната администрација, за интерсекторската соработка и за идните чекори по завршувањето на скринингот.

    Маричиќ: Знаеме дека имаме актуелни проблеми на тема функционирање на демократски институции

    ИМА:  Уште во почетокот на 2020 јавноста знаеше дека преговорите за фундаменталните вредности би требало да бидат отворени први и тогаш се спомнуваше, спомнавте и вие за патоказите – Патоказ за поглавјата во делот на владеење на правото и Патоказ за функционирање на демократските институции и реформата на јавната администрација. Неодамна се најавуваат три патокази. До каде сме со првиот патоказ за владеење на правото, и какви цели и мерки содржи тој?

    Маричиќ: Патоказот за владеењето на правото, всушност, е оној патоказ кој што ги покрива поглавјата 23 и 24. Тоа се поглавјата за правосудство и темелни права, но и правда, слобода и безбедност. Така што, сите оние правила врзани со Шенген, но и независност на судството, ефикасност на судството, борба против корупцијата, слобода на медиумите, малцински права, правата на сите видови на малцински заедници —не само етнички, туку и сите други видови на заедници ќе бидат посебно третирани, ќе имаат посебно внимание, и ќе треба да изработиме во рамките на тој патоказ за владеење на правото, акциски план за малцински групи – така се нарекува во терминологијата на Европската Унија. Ние го имаме неодамна, пред неколку дена практично, ја добивме табелата, или да речам, примерокот како треба да изгледа тој патоказ. И, во оваа фаза која што следува, значи во наредниот период, најпрво преку претставници на институциите, но и експерти видни од областа, од сите овие области што ги набројав, ќе треба да дојдеме до листата на задачи – како ние ги гледаме нашите задачи до членството во Европската Унија.

    Откако ние ќе изработиме определена, да речам верзија, на тој патоказ, ќе го почекаме извештајот на Европската комисија, скрининг извештајот за првиот кластер. Во тој скрининг извештај за првиот кластер ќе се содржат и забелешките или задачите за овој патоказ. Ќе треба да видиме дали ние сме ја завршиле работата и да споредиме. Дали треба нешто да се додаде или одземе, и кога ќе го завршиме тој процес, ќе бидат тие документи подготвени за формално усвојување од страна на Советот на министри на Европската Унија. Кога тие ќе бидат усвоени, и во овој, и другите два патокази, практично ние ќе ги исполниме условите за отворање на првиот кластер.

    ИМА: Какви цели и мерки ќе содржи патоказот за функционирање на демократските институции, и ако може поконкретно да ни кажете кои институции ги опфаќа тој?

    Маричиќ: Видете, тоа е интересно бидејќи таа тема, исто како и јавна администрација, се за прв пат дел од скрининг за пристапување кон Европската Унија.  Тие досега биле споменувани во делот на политичките критериуми, коишто се третираа како предуслов за почеток на преговорите, и кога ќе почнеа преговорите, веќе се сметаат за исполнети. Но, од искуство со другите држави – Бугарија, Романија, Хрватска, коишто пристапиле во последните години – сфатиле дека е потребно да се следат овие прашања во текот на целите преговори.

    Што спаѓа под функционирање на демократски институции? Тоа се сите оние основни демократски обележја на државата, коишто се секогаш во воведните делови на извештаите на ЕУ.  Тука е Собранието и како функционира Собранието. Знаеме дека ние имаме актуелни проблеми на таа тема. Сите оние блокади, бескрајни амандмани, бескрајно одолговлекување, закони коишто стојат и по две години во собранието. Тие прашања ќе се дискутираат. Жан Моне дијалогот во Собранието – како да се воспостави една средина која што нема да биде поларизирана до таа точка, да не функционира Собранието заради тоа. Прашањето на изборите, Изборниот законик, исто така, се дел од функционирање на демократските институции. Значи, сите прашања поврзани со  препораките на ОБСЕ/ОДИХР за слободни избори, но и изборен модел доколку ние сметаме дека таа тема треба да се отвори. Секако, тука ќе влезат и оние – Народен правобранител, и сите оние институции коишто ги штитат правата на граѓаните и помагаат за функционалност, антидискриминација, и помагаат за функционалност на демократијата.

    Маричиќ: Реформата на јавната администрација ќе биде една од најтешките теми или најисцрпувачките теми за нашиот систем

    ИМА: Посебно нѐ интересира и патоказот за реформата на јавната администрација. На нашата платформа #деполаризирајсе граѓаните објавуваат приказни во кои обелоденуваат повеќе примери на непрофесионално постапување на дел од институциите, како и најразлични административни препреки и апсурдни бирократски процедури. На пример, пациентите со ретки болести укажуваат на бројни тендерски пропусти и други административни пропусти коишто го оневозможуваат остварувањето на нивното право на навремено и ефикасно лекување. Како да дојдеме до професионална администрација, и кои се чекорите што треба да ги преземат институциите, за да добиеме администрација која што е во вистинска служба на граѓаните?

    Маричиќ:  Оваa тема, според мене, ќе биде една од најтешките теми или најисцрпувачките теми за нашиот систем но, генерално, и за граѓанското општество, и за политичарите, и за институциите. Реформата на јавната администрација е нешто за што се збори триесет години. Во меѓувреме, има повеќеслојни проблеми во администрацијата коишто не се сведуваат само на бројката, значи, колку има вработени, туку – што работат тие вработени, какви услуги даваат, какви услуги можат да даваат а не даваат, кој е квалитетот и брзината на тие услуги, каде граѓаните се соочуваат со пречки, корупција, и застој? Дали за тоа се виновни законите, процедурите, или човечкиот фактор?

    И конечно, по мене, суштинското прашање што треба да го одговориме низ тој патоказ – како да се задржат добрите работници во јавната администрација и квалитетните кадри во јавната администрација, од една страна, а како на оние што се непрофесионални, неквалитетни, и го рушат имиџот на целата јавна управа, да им се најде начин да бидат отстранети од тој систем. По мене, тоа ќе биде клучно, затоа што ние, покрај тоа што се соочуваме со сите проблеми со коишто се соочуваме – и покрај сите обиди, триесет години се прави реформа на администрација – имаме премногу институции, имаме во некои институции премногу кадри, а во некои институции премалку кадри. А клучот на сето тоа, пак ќе кажам според мене, клучот на сето тоа е таа политика на задржување на добрите кадри. Затоа што ние се соочуваме моментално со сериозен проблем на одлив на квалитетни кадри од јавната управа во приватниот сектор. Тоа се конкретно лоцирани области. Да речеме, многу е тешко да се задржат оние луѓе кои што работат на ИПА проектите и што ги имплементираат – повиците, тендерите, но и спроведувањето на тие проекти. Многу е тешко да се задржат кадрите коишто работат во делот на финансии, јавни набавки, бидејќи се многу специјализирани, ги знаат тие процедури и се многу барани. Ревизори, исто така, тешко се наоѓаат. Програмери, луѓе што работат во ИТ индустријата, што треба да го одржуваат ИТ системот на државата, многу тешко се наоѓаат. Значи, имаме лоцирано, исто така, и економисти, архитекти на пример, во Министерството за транспорт, проектите од ИПА не можат да се спроведат без добри архитекти коишто ќе работат на тоа. Значи, имаме дефинитивно проблем и ние мора да најдеме начин, секакви луѓе коишто работат во преговорите со ЕУ – мора да најдеме начин како тие луѓе да ги мотивираме да останат, а други да привлечеме и да ги обучиме да станат како овие коишто се обидуваме да ги задржиме.

    Во моментот, тоа е сериозен проблем, има мали чекори што ги правиме – да речеме, сите што во ИПА структурите добиваат додаток од петнаесет проценти на платата. Сите што работат во делот на финансии, исто така, добиваат извесен додаток на платата. Има можност секој министер, секој носител на институција да награди триесет проценти – од вработените со триесет проценти додаток на плата. Но, тоа се сѐ ad hoc инструменти кои што се прават за да се, колку толку, ублажи ситуацијата. Трајно решение, според мене, ќе мора да значи зголемување на платите на овие дефицитарни кадри, коишто ги немаме и коишто ни се потребни, а од друга страна, оној неефикасен дел на администрацијата, да најдеме начин, исто така, да го изменаџираме или трансформираме.

    Маричиќ: Имаме многу успешни приказни за интерсекторска соработка

    ИМА: Само уште малку околу овие бирократски процедури коишто го отежнуваат пристапот на граѓаните до одредени инструменти, лекови, и така натаму. Знам дека тоа не е ваша потесна специјалност. Но, има ли начин, поконкретен начин, поконкретни постапки на институциите коишто ќе го спречат таквото непрофесионално работење, или ќе ги отстранат тие бирократски процедури. Се работи ли нешто поконретно на тој план?

    Маричиќ:  Мислам дека има напори, и обиди, како преку засилен надзор над оние тела кој што носат одлуки, одлучуваат за човечки животи, коишто одлучуваат за вакви битни прашања, а чија што работа е врзана за рок, да се постапува побрзо и поефикасно. И, нашата цел е да извршиме како влада еден позитивен притисок на сите тела коишто работат со предмети коишто се од итен карактер, да ги работат што побрзо.

    ИМА:  Интерсекторската соработка, соработката помеѓу институциите, исто така е многу важен аспект на којшто и Европската Унија посветува внимание. Можете ли да ни наведете неколку добри примери?

    Маричиќ:  Видете, имаме многу успешни приказни, да речеме, особено во делот образование, труд и социјална политика, деинституционализација на лицата со попречености, каде што имаат улога и Министерство за образование и Министерство за труд и социјална политика. Имаше одличен пример, можам да го споделам, од Воспитно-поправниот дом во Тетово, каде што Министерство за правда и Управата за санкции, заедно со Министерство за образование и наука, успеа да направи програма за интегрирање на децата. Практично, малолетниците коишто се претстапници, деликвенти и престојуват во воспитно-поравниот дом, да следат образование како и сите останати ученици, значи, да бидат интегрирани. Претходната пракса е дека доаѓаат наставници во воспитно-поправниот дом и таму држаат настава. Сегашната пракса е дека тие деца се носат во училиштата и таму слушаат настава и добиваат дипломи коишто не се обележени, не ги стигматизираат, добиваат дипломи од образовна институција и тоа им дава шанса да се интегрираат во општеството.

    Сега дадов два примери, меѓутоа има повеќе, и тие треба да ни служат како инспирација за подобрување. Од друга страна, знаеме и дека има и некогаш премногу крути погледи меѓу ресорите, дека, нели, интерсекторската соработка се гледа како некое табу. Мислам дека преку овие позитивни примери може да се дојде да бидат што повеќе, и да ги олесниме процедурите, и да бидеме подостапни кон граѓаните, и да ги моделираме политиките по потребите на граѓаните.

    Маричиќ: Продолжувањето на патот до ЕУ не зависи ниту од Софија ниту од Атина, ниту од Париз, ниту од Берлин, ниту од никого, туку од нашата одлука

    ИМА: Што ќе следува по завршување на скринингот? Ќе има ли политичка волја за исполнување на условот за продолжување на преговорите со ЕУ – знаеме дека тоа е донесувањето на уставните измени. И, кога очекувате да почнеме да преговараме со ЕУ по првиот кластер – фундаментални вредности?

    Маричиќ:  Видете, по првпат блокадата е во наши раце. Ние се боревме да дојдеме во таа ситуација. Продолжувањето на патот да не зависи ниту од Софија ниту од Атина, ниту од Париз, ниту од Берлин, ниту од никого, туку од нашата одлука. Сметам дека вистинското прашање не е дали можеме да смогнеме сили да ги направиме неопходните уставни измени што ги има во нашата преговарачка рамка. Туку, вистинското прашање е дали сакаме да го фатиме најбрзиот воз за членство во Европската Унија.

    Доколку одговорот е да, имаме време до ноември, до крајот на скринингот, да ги завршиме тие обврски. И, доколку тоа го направиме, со одговорност, зрелост и свесност на сите политички актери, можеме да очекуваме во декември оваа година, или во јануари идната година, да ги започнеме преговорите во делот на кластер еден, со отворање на кластер еден и поглавјата во него. Предноста на новата методологија е што во моментот кога ќе се отвори кластерот, се отвораат сите поглавја од тој кластер, и тоа ни дава можност да се тркаме во сите поглавја, да покажеме подобри резултати, па дури и да ги стигнеме државите коишто веќе десет години преговараат за членство, како Србија и Црна Гора.

    ИМА: Која е вашата проценка? Дали ова е остварливо?

    Маричиќ:  Секако дека е остварливо. Прашањето е само дали ќе успееме така да се организираме, за да успееме оваа година. Инаку, времето покажало дека што повеќе ги одлагаме обврските, тие стануваат потешки и проблемите стануваат поголеми. Мислам дека нам ни одговара, како Северна Македонија, како држава, што поскоро ова да го завршиме, затоа што тоа ќе ни ја отвори вратата, дури и без да ја прашаме Бугарија – така пишува во заклучоците – автоматски се свикува втората меѓувладина конференција и веќе влегуваме во сосема друго ниво на односи со Европската Унија.

    ИМА: Господине Маричиќ ви благодарам за овој разговор.

    Маричиќ:  Благодарам на поканата.

    Разговорот го водеше Петрит Сарачини на 28.03.2023 година.

    #демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas

     

    Проектот се спроведува со финансиска поддршка преку програмата Цивика мобилитас
    ​Projekti realizohet me mbështetje financiare përmes programit Civica Mobilitas

    Дисклејмер: Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Цивика мобилитас, СДЦ или пак спроведувачките организации

    Disclaimer: Civika mobilitas është projekt i Agjencisë zvicerane për zhvillim dhe bashkëpunim (SDC), të cilin e zbatojnë NIRAS, MCMS dhe FCG. Mendimet e shprehura këtu jo domosdo i reflektojnë qëndrimet e Cvika mobilitas, SDC ose të organizatave zbatuese.

    Exit mobile version