More

    Брифинг: Министерството за одбрана и Армијата се во забрзан процес на модернизација

    „На дезинформациите се спротивставуваме со максимална транспарентност. Затоа, ве поканивме на овој брифинг за да ги претставиме сите детали за процесот на модернизација на нашата Армија, соодветно на НАТО стандардите“, изјави Министерката за одбрана, Славјанка Петровска на почетокот на брифингот за медиумите во касарната Илинден, што се одржува во моментов.

    Пред бројните новинарки и новинари се обрати и Началникот на Генералштабот на нашата армија, генерал Васко Ѓурчиновски.

    Презентација за деталите на овој процес одржа Бригадниот Генерал Симеон Трајковски. Според него, модернизацијата на Армијата тече со засилено темпо. Дел од единиците опфатени со модернизацијата веќе добиле статус combat-ready според категоризацијата на НАТО.

    ЕУ предвидува 9.000.000 евра финансиска поддршка за одбранбените сили на Северна Македонија, информира бриг. ген. Трајковски.

    Одговарајќи на новинарско прашање, ген. Ѓурчиновски рече дека за неколку месеци се очекува и анализа со проценка на потребите од набавка на беспилотни летала.

    „Италија, Сад, Германија, Франција се земји од каде што ќе бидат набавени нашите нови хеликоптери. Не сме сами. САД сериозно ќе ја поддржат нашата земја и финансиски во процесот на модернизација, без оглед на изборот на земјата на потекло на оружјето. Затоа, ова е одговорна и патриотска одлука на нашето политичко раководство“, изјави генералот Ѓурчиновски.

    „САД ѝ помогнаа на нашата земја со 164 милиони долари во претходните 30 години, а само минатата, 2022 година, добивме помош од 136 милиони долари“, информира Министерката Петровска.

    Според информациите од Министерството за одбрана и армискиот врв, според стратешкиот план за модернизација подготвен во 2019 година, а ревидиран по нашето зачленување во НАТО во 2020 година, до 2032 година се предвидуваат околу 930 милиони евра во одбраната. 

    „Воената помош на Северна Македонија за Украина е во вредност од 24, но не повеќе од 30 милиони евра“, информира Петровска.

    „Генералштабот во целост ја поддржува одлуката за воена помош на Украина. Тоа е помош на земја што е напдната и треба да се брани“, додаде Ѓурчиновски.

    Брифингот е во тек. Повеќе информации за деталите на модернизацијата на Армијата може да се очекуваат во текот на денот.

    Б. Ј.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version