More

    Медиумите и граѓанските организации во преговорите со ЕУ како политички процес од висок интензитет

    Точно е дека најголемата одговорност им останува на Владата, на Собранието и на политичарите, но без отвореност, отчетност и учество на граѓанските организации и на медиумите како системи за мониторинг и за „контрола“ на квалитетот на учеството одговорните страни во име на граѓаните и на јавниот интерес, тој процес не може да биде целосно успешен.

    Зоран БОЈАРОВСКИ

    Директно вклучување во работните групи по сите поглавја и кластери, широки и под тематски консултации и вклучување на поединци номинирани од граѓанските организации во некои групи, се моделите за учество на граѓанските организации во процесот на пристапувањето во Европската Унија, кои деновиве се дискутираа на различни форуми за дијалог за овие прашања меѓу Владата, Делегацијата на ЕУ и граѓанските организации.

    Во изјава за медиуми на еден од тие настани вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, рече дека граѓанските организации се клучен елемент во процесот на евроинтеграции на земјата.

    Со истиот интензитет и низ инклузивен процес беше презентиран и тригодишниот проект „Медиумите за ЕУ“, програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, чијашто основна цел е да се надградат медиумските капацитети за покривање, следење и испитување на преговарачкиот процес за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

    Три модели за вклучување на граѓанските организации

    Сите овие активности говорат дека Владата, со силна поддршка на меѓународната заедница, освен што јавно го соопшти тајмингот до кога треба да заврши наредната фаза од преговите со ЕУ – крајот на ноември, го активираше процесот што одамна го најавуваше.

    Вицепремиерот Маричиќ потсетти дека уште од првиот ден од кога започнаа преговорите минатата година започнаа повеќе циклуси на консултации во кој беше вклучен и Советот за соработка на Владата и граѓанските организации за да бидат разгледани сите можностите за вклучување на граѓанските организации во процесот на преговори.

    Точно е дека најголемата одговорност им останува на Владата, на Собранието и на политичарите, но без отвореност, отчетност, консултација и учество на граѓанските организации и на медиумите како канали за комуникација, но и како систем за мониторинг и за „контрола“ на квалитетот на учеството одговорните страни во име на граѓаните и на јавниот интерес , тој процес не може да биде целосно успешен.

    Деталји од анализата за вклучување на граѓанските организации во овие активности соопшти вицепремиерот Маричиќ.

    – Едната опција е директно вклучување во работните групи по сите поглавја и по сите кластери, Таа е опцијата која што бара најмногу одговорност и најмногу ангажман од невладините организации. Втората опција е широки консултации под тематски консултации наместо учество во работните групи. Консултации за секоја работна група. И третата е некој комбиниран модел, каде што правиме тематски консултации и вклучуваме поединци номинирани од граѓанските организации во некои групи – објасни Маричиќ на една од сесиите за консултација со граѓанските оргазниации.

    Медиумите како будни, но конструктивни критичари на преговарачкиот процес

    Во однос на учеството на медиумите очигледен е ставот и внимателноста на владините институции да се држат настрана од независната позиција на медиумите.

    Тоа произлегува како заклучок од тригодишниот проект „Медиумите за ЕУ“ кој низ програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ има за цел да помогне да се надградат медиумските капацитети за покривање, следење и испитување на преговарачкиот процес за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

    Проектот си ја поставил и високата неопходна цел да го подобри амбиентот за учество на медиумите во процесот на преговори за членство во ЕУ со унапредување на знаењата на  новинарите за известување за регулативите, политиките и вредностите на ЕУ и да го поттикне вмрежувањето со европските колеги и колешки од медиумскиот сектор.

    Се чини дека вака дизајнирани проекти и програми за неопходно соодветно комуницирање на евроинтеграцискиот процес со граѓаните е соодветен одговор со оглед на фактот дека процесот на евроинтеграции, особено со новата методологија, стана и политички процес од висок интензитет, кој за жал кај нас сè почесто се злоупотребува за дневна политика, што секако влијае на ставовите на граѓаните за ЕУ.

    Иако демократијата подразбира различни ставови, она што треба да биде врзивно ткиво и заедничка кауза на владата и на граѓанските организации и медиумите, е ефикасното спроведување на преговарачкиот процес до негово позитивно окончување кое треба да се круниса со членство на Северна Македонија во ЕУ.

    Маричиќ: Заедно за приближување на ЕУ до граѓаните и постојано да ги информираме за придобивките од европскиот систем

    – Граѓаните треба да бидат добро информирани за ЕУ и заеднички да правиме напори да се продлабочи дебатата за важноста и за сите позитивни промени и економски можности кои ги носи членството во ЕУ. Заедно да дадеме придонес во приближување на ЕУ до граѓаните и постројано да ги информираме за придобивките од европскиот систем за граѓаните – потенцира вицепремиерот Маричиќ.

    Евроамбасадорот Дејвид Гир на овие настани за вклучување на граѓанските организации и медиумите во процесот на преговорите за членство во ЕУ, нагласи дека нивната улога е клучна во објаснувањето на процесот и анализата на предизвиците кои претстојат, во помагањето да се разбере развојот и да се донесат преговорите за пристапување поблиску до читателите, гледачите и слушателите низ целата земја.

    Амбасадорот Гир не пропушти да укаже на важноста од активната улога на медиумите и во контекст на глобалните и регионалните случувања, нешто на што инсистираат и сите други претставници на меѓународната заедница коишто во овој период се посветени да ни ја предочат сета итност. Станува сосема јасно дека таа итност не е заснована на алтруизам, туку на здраворазумска проценка за моментумот во однос на европската иднина на земјата, како и во однос на позицијата на ЕУ за затворање на прашањето за статусот на Западен Балкан од безбедносен аспект.

    Извор: racin.mk

    Exit mobile version