Последни написи

Лек и терапија

ВОЈО МАНЕВСКИ

Луѓето се разболуваат, на тоа сме сведоци. Се разболува целиот жив свет и тоа го гледаме. А се разболуваат ли народите и нивните држави? Ако сѐ друго е подложно на болести, тогаш и политичките творби мора да имаат некаква болест. Веројатно болеста е резултат на сѐ поголемото оддалечување од оригиналната замисла. Исто како и човечкото битие кое сѐ повеќе се оддалечува од ликот на својот створител и сѐ помалку е човек, така и политичките творби како што се народ, нација или држава се разболуваат од болести кои битно го нарушуваат нивното функционирање.

Како и секоја болест, ако не се лечи, таа полека го умира организмот. Безидејност, корупција, занемарување на општото и воспевање на посебното, полека го рушат организмот на еден народ, нација и држава. За вакцина е доцна, но има ли лек? Како и кај секоја болест, лекот е да се стимулираат добрите делови да се борат против лошите сѐ додека не заздрави организмот. А ако организмот е општество, тоа значи што поголемо учество на поединци во општите работи, да донесат нови идеи околу кои ќе се соберат најголем дел од народот, нацијата и ќе станат активни граѓани на државата. А сето тоа низ терапијата за лечење што се нарекува – демократизација .

Првиот дел на повикот до граѓаните од група интелектуалци помина со разни коментари и конструктивни предлози. Вториот дел е пред читателите, но бидејќи целината секогаш ја дава вистинската слик, ако сте го пропуштиле,  на овој линк можете да го прочитате прво првиот дел а потоа да го приклучите и овој дел што следува.

Втор дел

Главен генератор на проблемите на политичките партии во Македонија не се индивидуални лица, кои и да се тие. Главни проблеми се СИСТЕМИТЕ на одлучување во партиите, поточно нивните Статути.

Едноставна промена на лидерот на некоја партија со друго лице произлезено од истата структура, поддржано од истиот круг на партиско раководство нема да смени ништо. Секој кој ќе наследи автократска организација, веднаш ќе се вклопи во тој систем и сите промени ќе бидат козметички, несуштински.

Поради тоа, мора во државата да се направат коренити промени со кои ќе се суспендираат автократските Статути на политичките партии. Неопходно е донесување на закони со кои ќе се регулира демократската поставеност на партиите и ќе се стимулираат најквалитетните кадри во општеството да прифатат одговорни функции.

Ако во моментов политичките партии се со загрижувачки низок кадровски капацитет и дополнително во самата партија нема речиси никаква вертикална проодност, како тогаш може да се очекува подобрување на состојбата во државата? Како може да се очекува партија која самата е недемократски поставена, да спроведува демократија во државата?

Како што е состојбата во моментов, може да се очекува само од лошо полошо.

За жал, трчаме по последниот вагон од возот кој заминува. Крајно време е да фатиме приклучок и да се качиме на тој вагон. Мораме да бидеме решителни и подготвени за сериозни промени, ВЕДНАШ! Инаку, ќе останеме неми набљудувачи на возот кој заминал. Историјата можеби никогаш нема да ни даде нова шанса.

Ако сме свесни дека луѓето кои ја водат и оние кои претендираат да ја водат државата немаат визија, знаење и интерес да воведат промени, тогаш дали треба да им дозволиме да одлучуваат за иднината на државата? Колку е нивната одговорност за погрешните чекори, исто толкава е и нашата одговорност што не преземаме ништо тоа да се смени. Следните генерации ќе не осудуваат.

Само итни суштински промени во Законот за политичките партии и Изборниот законик можат да придонесат за подигнување на степенот на демократија во Македонија.

Ако е цел да се создаде демократско општество, мора политичките чинители во тоа општество т.е. политичките партии да бидат демократски. Во спротивно, залудни ќе бидат сите напори за реални промени, бидејќи во моментот кога недемократска партија ќе дојде на власт, таа ќе го промени уредувањето според сопствен терк. Затоа, задолжително во Законот треба да се дефинира дека во Статутите на партиите мора да е дефинирана прецизна постапка за избор и разрешување на раководствата. Доколку такви одредби во статутот не постојат, партијата да не може да биде регистрирана.

Вториот закон кој треба да биде променет е Изборниот законик. Дали ќе биде една или повеќе изборни единици е предмет на дебата, но нешто кое задолжително мора да се воведе е листите на кандидати да бидат отворени. Во сегашната регулатива, редоследот на кандидатите на листите е однапред утврден и под влијание на раководството на партиите. Отворените листи ќе им овозможат на гласачите да избираат според сопствени преференции. Поради тоа, партиите ќе бидат принудени на листите да ги поставуваат најдобрите кандидати, а не според блискоста со раководството. Ако партиите се демократизирани, тогаш на листите навистина ќе се најдат лица кои се далеку покомпетентни и со поголем капацитет.

Објективно, предложените промени се сериозни и прашање е дали може да се направат до следните парламентарни избори. Ако има согласност, Изборниот законик би било полесно да се донесе, но се чини дека нема волја кај најголемите политички партии и од власта и од опозицијата.

Законот за политички партии ќе бара повеќе време, бидејќи задира во привилегиите токму на тие кои треба да го усвојат. Затоа треба да се направи општествен притисок во кој ќе бидат вклучени сите структури во општеството, од невладиниот сектор до академската фела. Проблемот кој треба да се реши ги надминува интересите на квази-политичарите кои ги имаат запоседнато врвовите на партиите. Во притисокот треба да се вклучат сите кои навистина се заинтересирани за решавање на катастрофалната состојба на македонското општество, а најмногу членовите на политичките партии кои се фактори во македонското општество.

Факт е дека такви радикални промени можат многу полесно да се спроведат додека некоја партијата е во опозиција. Поради тоа како пример ја земавме ВМРО-ДПМНЕ. Крајно време е да се почне од некаде, а најпогодна партија за почеток е најголемата опозициона партија која претендира да ја преземе власта.

Но, тоа не значи дека во другите партии нема потреба од такви промени, напротив. Цел е овие промени да бидат само почеток на системско демократизирање на сите партии, а преку тоа и на општеството.

Без вклучување на сите потенцијали во државата, перспективата на Македонија не е светла. Овде мислиме на поранешни докажани политичари, државници, академци, менаџери и сите оние кои имаат личен углед и поседуваат авторитет за да имаат влијание во јавноста.

Затоа не смее да има нерешителност. Крајно време е сите да се запрашаме што можеме да и дадеме на Македонија, како да ѝ помогнеме? И тоа да не биде само флоскула, туку повод за вистинска акција.

Доколку после следните избори имаме демократизирани партии, способни да ги промовираат и понудат најдобрите и најспособните носители на јавни функции, тогаш има логика во следната влада на Македонија да бидат вклучени сите парламентарни партии, во паритет според бројот на пратеници, а премиер да биде од партијата која освоила најмногу гласови. Крајно време е во Македонија СИТЕ истовремено да понесат одговорност за иднината на државата, без извршување на тесно-партиски интереси. Само таква влада, во тек на еден или два мандати ќе може политички и економски да го стабилизира општеството. На тој начин ќе можеме да фатиме приклучок со современите европски држави.

Проектот кој го предлагаме е сериозен, а за да биде реализиран треба навистина да дојде до промена на свеста на македонските граѓани и политичките чинители. И после повеќе од 30 години привидна демократија целото општество е заробено, како резултат од бесконечни манипулации и изигрување од страна на лажните „спасители“. Треба конечно да станеме одговорни кон иднината на нашите деца. Сигурно дека не сакаме младите да продолжат масовно да ја напуштаат Македонија, а овде да останат само пензионери и незаинтересирани административци со лимитиран капацитет.

Токму затоа е потребна револуција, но не револуција со кавги и со оружје, туку револуција на свеста.

*

Ако само малку ја поттикнав дебатата за нужниот лек што им е потребен на моите сограѓани и мојата држава  ќе знам дека барем едно од моите писанија си ја завршило улогата за кое е и напишано. Мои драги сограѓани затворете ги за миг очите и сетете се колку народи и држави, цели цивилизации пропаднале зошто граѓаните одбиле да ја лечат својата заедница. Зарем тие сакале тоа се случи? Веројатно тогаш мислеле дека тоа што го прават е добро, како што и сегашните „лидери и лидерчиња“ мислат. Отворете ги очите и донесете одлука, направете чекор…

Извор:civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај