More

    На фармата на Никола се работи напорно за да се добие подмладок, мисирките бараат внимание и нега

    Мисирките се познати меѓу живината како најдобри и најголеми производители на најквалитетно месо. Се одгледуваат првенствено поради нивното месо, кое содржи висок процент на белковини, во просек 30-34%. Ги содржи и сите есенцијални амино киселини неопходни за човечкото тело, голем процент на витамини од групата Б, а мал процент на масти, поради што е многу погодно за современа диетална исхрана.

    Јајцата од мисирка се малку поголеми од јајцата од кокошка. Исто така, нивната лушпа е нешто поцврста, а мембраната помеѓу лушпата и јајцето е нешто подебела од онаа на кокошкините јајца. Јајцата од мисирки можат да се јадат но тие несат јајца многу поретко од другите птици. На пример, кокошката или патката снесува едно јајце дневно, додека мисирките снесуваат најмногу две јајца неделно.

    „Мисиркиното јајце не е популарно кај потрошувачите бидејќи тие се научени само на кокошкини јајца, првенствено бидејќи домашната селска мисирка не носи многу јајца во годината и производителите немаат доволна количина за да ги понудат на пазарот. Селската домашна мисирка е комбинирана што значи од неа се добиваат и јајца и месо, отприлика 30-40 јајца во годината. Достигнува тежина од 5 до 15 кг жива мера.“, објасни за Агротим младиот Никола, на чија фарма Moja фарма Богдановски има 10 женски и 2 машки мисирки.

    Токму поради оваа причина, јајцата од мисирка најчесто се користат за размножување. Поисплатливо е да се одгледуваат мисирки за нивното месо, кое е со висок квалитет, отколку да се продаваат нивните јајца.

     

     

    На фармата на Никола мисирките се чуваат пред се за добивање подмладок.

    „На нашата фарма работиме напорно за да достигнеме поголема бројка на подмладок, и токму тука ни помагаат мисирките. Една мисирка годишно на нашата фарма може да извади до 60 мали пиленца, шатчиња или мисирчиња, се зависи од тоа какви јајца ќе и подметнеме за инкубација.“, вели Никола.

    При одгледување на мисирки треба многу да се внимава кај младите мисирки. Секое невнимание во младите денови може да предизвика смрт. Доволно е да се пуштат малите мисирки во росна трева или да ги фати невреме и дожд, и голем број од нив да угинат. Таа чувствителност трае до т.н „брињање“, што најчесто доаѓа кога мисирките се стари околу 8 недели. Оттогаш, мисирките се многу издржливи и можат да бидат пуштени на пасишта без никакви грижи ако ги фати невреме со дожд.

    „За одгледување на подмладокот потребно е големо внимание и нега бидејќи како мали се склони на болести и осетливи на влага. Додека се мали треба да бидат затворени во кафез каде што ќе им биде доволно топло и да не ги фаќа вода.“, вели Никола.

    Извор: agrotim.mk

    Exit mobile version