Последни написи

Сања Бачевски, инженер по хортикултура: Микробилките се суперхрана, содржат и до 40 пати повеќе нутритиенти од пораснатиот зеленчук

Одгледувањето на микрозеленчукот ста­ну­ва сѐ поголем тренд во светот. Тоа се всушност млади изданоци од зеленчук, а висината на билките за време на бербата е од 2,5 до 10 см, во зависност од видот. Овој млад зеленчук има интензивен вкус, се карактеризира со сочност и висока содржина на корисни материи. Мала количина микрозеленчук содржи многу витамини, минерали, влакна, амино киселини, хлорофил и белковини.
Микрозеленчукот има 4 до 40 пати повеќе хранливи материи од класичниот зеленчук и има големо влијание врз исфрлањето на отровите (пестициди, тешки метали) од организмот и зајакнување на имунитетот. Поради содржината на корисни материи и фантастичниот вкус, сè повеќе е баран во гастрономијата. Може да се одгледува само еден вид, а може и мешавина на микрозеленчуци.

Микро брокула

И во Македонија се повеќе се зголемува интересот за одгледување микрозеленчук. Агротим разговараше со Сања Бачевски, дипломиран инженер по хортикултура и мастер за заштита на растенија, која веќе подолго време е посветена на одгледувањето на микробилки.

Сања живее во Охрид, а доаѓа од Лесковац, Србија, каде што 20-на години се занимавала со хортикултура. Ја прашавме како дошла до идеја да се посвети на одгледувањето микрозеленчук.

Микро босилок

„Кога станав мајка, се обидов многу повеќе да се интересирам за здравата храна. Како и секој родител, сакав на своето дете да му го овозможам најдоброто. Кога се преселивме во Охрид, немав повеќе простор каде би можела да ја произведувам својата храна. Тогаш почнав да истражувам што е тоа што би можело да се произведе на мал простор и така дојдов до микробилките. За мене, како инженер по хортикултура со долгогодишно искуство, не беше никаков проблем да ги одгледувам. Прво почнав да ги произведувам на прозорска рамка во дневна соба, каде што има доволно светлина за раст и развој на билките. Испробав неколку видови и се решив да направам мал пластеник, во кој вертикално, на полици почнав да произведувам микробилки. Засега имам десетина различни видови.“

 

Микробилки се всушност зеленчуци кои ги јадеме секојдневно, но овај пат се во прва фаза на развој. Тие се поголеми од никулци, а помали од беби зеленчук. За разлика од никулците, микробилките се произведуват во супстрат (хумус, кокосови влакна.. ) и се консумира само надземниот дел од билката.

„Производството е органско, не се употребува никаква хемија и много е важно семето да е специјализирано за микробилки, органско. Зеленчук како микробилка содржи и до 40 пати повеќе нутритиенти од пораснатиот зеленчук. На пример, ако изедете 50 грама микро брокула исто како да сте изеле еден килограм порасната брокула. Поинаку ги нарекуват суперхрана, баш затоа што се толку нутритивно богати.“, објаснува Сања.

Меѓутоа, не може секој зеленчук да се произведува како микробилка. Некои зеленчуци содржат токсични материи во своите листови како на пример домат, компир, пиперка. За разлика од конвеционалното производство на зеленчуци, микробилките се произведуват во заштитени простори, вертикално, под ламби.

Микро пченка, содржи витамини А, B, C и Е , железо, калциум, калиум, фосфор и магнезиум.

Микробилките се консумираат во свеж облик, не термички обработени за да не се изгубат витамините, антиоксидансите и сите хранливи состојки кои ги има во нив. Можат да се користат скоро во секое јадење, од супи, пасти, сендвичи, месо, риба, салати… Имаат интензивен вкус и боја, па се интересни за декорација на јадењата.

Леб без квасец, домашно пушено месо, микробилки и јајце

„Се повеке има заинтересирани за микробилки, како шефови на ресторани, така и приватни лица. Микробилките на секое јадење му даваат друга димензија, повисока вредност, како поради изгледот, така и нутритивно. Од скоро почнав и со производство на јадливи цвеќиња и тоа полека полека почнува да се пробива, и тие како и микробилките имат свои нутритивни својства и својот вкус. Главно работам со ресторани, ама секој кој  е заинтересиран може да ме контактира и да купи микробилки и јадливо цвеќе директно од мене. Себеси за 5 години се гледам исто овде, како жена која произведува уште много видови јадливи цвеќиња и микробилки. Имам уште некои идеи кои засега се во фаза на испитување, ама се надевам дека наскоро ќе ви бидат достапни и тие производи.“, ни откри Сања.

Виолите се извор на витамини А и Ц, антиоксиданси кои го зајакнуват имунолошки систем, помагаат во производството на колаген во кожата и заштита на клетките од оштетување нанесено од надворешни агресори на околината. Цветовите содржат и антоцијани, пигменти кои им даваат на ливчињата обоен изглед и имаат антивоспалителни и антибактериски својства, го намалуваат крвниот притисок и штитаат од болести.

Извор: agrotim.mk

Latest Posts

Не пропуштај