More

    Проектот Смарт сити две години се надградува, а Скопје чека да стане „Паметен град“

    Кога пред две години беше најавен проектот „Паметен град“, или „Смарт сити“ тоа беше нешто непознато за граѓаните. Беше проект што требаше да вклучи платформа за дигитален град за да опфати систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода и изработка на градски портал.

     

    Паметен град или „Смарт сити“ е концепт на функционирање на еден град или урбано подрачје, што се карактеризира со користење напредни дигитални технологии за оптимизирање на градските ресурси, намалување на трошоците, подобрување на квалитетот на живот и обезбедување подобри услуги на граѓаните.

    Од она што може да се прочита на социјалните мрежи и секојдневни комуникации, се чини дека граѓаните имаат проблеми со ваквиот тип на услуги. Некои велат дека не можат да ја преземат апликацијата, а некои се жалат дека не се одржуваат, како што е системот за паметно осветлување, систем за паметно паркирање.

    Што вели Македонски Телеком?

    Град Скопје со група компании на чело со Македонски Телеком на 13 јануари 2021 година потпишаа договор во вредност од 401 милион и двесте илјади денари или околу шест и пол милиони евра за набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град.

    Од таму велат дека Македонски Тeлеком, како лидер на конзорциумот за „Паметен град“ на Град Скопје успешно и во зададениот рок го има реализирано проектот, а сите членови на конзорциумот целосно ги исполнија своите обврски.

    „На оваа интегрирана платформа, имплементирани се следните елементи: 10 000 паметни светилки и систем за паметно осветлување, сензори за паметен паркинг, сензорни станици за следење на микроклиматските параметри, уреди за мерење на потрошувачката на вода, интерактивна мобилна апликација и паметни столбови за изградба на паметна мрежа. Елементите се инсталирани, а платформата е предадена на Градот, според договорот, уште во 2021 година“.

    Арсовска: Се прави надградување на проектот

    Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во изјава за Градска.мк вели дека тоа било само зачеток на целосно дигитализирање на процесите во градот.

    „Проектот е имплементиран, она што се прави сега во овој момент практично надградување на проектот од аспект на прилагодување на апликативните решениjа бидејќи тој беше само зачеток на целосно дигитализирање на процесите во градот“.

    Таа понатаму истакна дека голем дел од нив беа само во тест фаза.

    „Како што знаете имаше доста апликации кои што се во делот на паметното паркирање, паметното осветлување, на сето она што би требало да го има еден модерен град на европска метропола. Со тоа што во следниот период треба да се отпочне со имплементирање на доградба на овие системи за тоа што голем дел од нив беа само во тест фаза и беа опфатени само во 5 до 10 посто од она што би требало да опфатено во Градот Скопје“, рече Арсовска.

    Кои се топ 7 градови во светот – Смарт сити

    Обединетите нации предвидуваат дека 70% од светското население ќе живее во градови и урбани средини до 2050 година, што значи дека емисиите и потрошувачката на енергија ќе продолжат да растат со секоја измината година. Потребата од попаметни урбани транспортни мрежи, еколошки капацитети за отстранување на вода и згради со висока енергетска ефикасност се по важни од кога било, пренесува earth.org

    Топ 7 Смарт сити во светот за 2023

    • Сингапур.
    • Хелсинки, Финска.
    • Цирих, Швајцарија.
    • Осло, Норвешка.
    • Амстердам, Холандија.
    • Њујорк, Соединетите Американски Држави.
    • Сеул, Јужна Кореја.

    Градска.мк Назми Абдурахмани

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version