More

    Полиграф: Стара вест за Курти од 2020-та објавена како нова, пред средбата со Вучиќ во Охрид

    Средбата меѓу српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти, која се одржа на 18.03.2023 во Охрид, повеќе денови беше во фокусот на медиумите. Меѓу многуте објавени содржини, имаше и такви кои ја дезинформираа јавноста.

    Еден ден пред средбата, на 17.03.2023, повеќе медиуми, повикувајќи се на извештај од дописник на агенцијата МИА, објавија текстови со наслов: „Курти не ја прифаќа одлуката на Уставниот суд на Косово за декретот на Тачи“.

    Во објавените содржини пишува: „Косовскиот премиер во оставка Албин Курти ја оцени како неприфатлива одлуката на Уставниот суд на Косово, со која му се призна правото на претседателот на државата да го додели премиерскиот мандат на друга партија освен на онаа која победила на парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.“

    Но, не е точно дека Курти сега е премиер во оставка – тој е актуелен премиер на Косово. Курти бил премиер во оставка на 29.05.2020, кога е првично објавена веста на МИА.

    На пример, од кластерот вести на агрегаторот time.mk, се гледа дека насловот Курти не ја прифаќа одлуката на Уставниот суд на Косово за декретот на Тачи бил објавен од порталот А1он на 29.05.2020.

    И порталот Опсервер на 29.05.2020 објавил вест „Курти не ја прифаќа одлуката на Уставниот суд на Косово за декретот на Тачи“, а истиот наслов и текст ги преобјавил и на 03.2023.

    Накусо, некои медиуми го искористија интересот за средбата Курти – Вучиќ во Охрид за да објават вест која е стара речиси три години. Ниту еден од медиумите не ја повлече веста ниту им се извини на читателите за грешката. И овој случај покажува дека проверката на факти честопати затајува кај некои медиуми, иако е нивна професионална обврска.

    Извор: ima.mk

    Exit mobile version