Последни написи

ЗНМ ги додели новинарските награди за 2023 година

Здружението на новинарите на Македонија ги додели годишните награди. На настанот што се одржа во Скопје, беа доделени трите главни награди –  „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело, наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство и награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење, но беа доделени и четири признанија и една плакета за посебен придонес во промоција на професионалното истражувачко новинарство, соопштија од ЗНМ.

Комисијата за членство во состав Соња Колевска Делевска, Среќко Поповски и Ријад Мурати, покрај редовните годишни награди, наградата за животно дело ја додели на Драган Ѓорговски.

Драган Ѓорговски – Награда за животно дело, Фото: ЗНМ/Петр Стојановски

 

Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ беше доделена на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), додека награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење замина во рацете на Аднан Ќаили.

ИРЛ – „Јашар Еребара“ – награда за истражувачко новинарство, Фото: ЗНМ/Петр Стојановски
Аднан Ќаили – награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење, Фото: ЗНМ/Петр Стојановски

Добитниците на овогодинешните награди на ЗНМ се заблагодарија за наградите со најава дека нема да застанат тука, ќе продолжат да креираат и раскажуваат приказни вредни за јавноста.

Членовите на Комисијата доделија и една плакета за посебен придонес кон професионалното новинарство за известување од војната во Украина на Кристина Атовска. Доделени се уште четири признанија за посебен придонес во професионалното истражувачко новинарство на Фросина Димевска, Мартин Пушевски, Петар Клинчарски, Ирена Мулачка.

„Секоја година имаме се поголем број на пријавени кандидати за наградите, што особено ме радува бидејќи тоа е показател дека се уште има уште многу стории и приказни кои чекаат да бидат објавени и раскажани. Голема одговорност е да информираат граѓаните, а уште поголема да се биде во нивна служба. Имаме многу медиуми кои не секогаш се солидарни меѓу себе, но тоа не значи дека и ние новинарите и медиумските работници треба да го следиме тој пример. Ако медиумите се поделени, новинарите треба да бидат сплотени “, истакна претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во неговото обраќање на настанот.

За наградите годинава имало 42 пријави, од кои 18 апликации за наградата новинарско истражување на теми од локално и регионално значење, 17 за наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство и уште 7 пријави за наградата за животно дело.

Извор: Здружение на новинарите на Македонија 

Latest Posts

Не пропуштај