More

    Одбележана тригодишнина од членството на Република Северна Македонија во НАТО

    Во касарната Илинден денеска свечено беше одбележана тригодишнината откако Република Северна Македонија официјално е членка во НАТО.

    „27 март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина, момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никого. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и брзо, рече во оваа прилика премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање пред присутните на настанот. Како што посочи, оваа годишнина не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, туку и момент во кој престанавме да бидеме точка на дневен ред во безбедноста и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност.

    „Денеска ние сме НАТО. Ја остваривме едногласната одлука на нашето Собрание и идејата на нашите предци кои се бореа да сме еднакви со најразвиените. Успеавме да се избориме на овој пат. Со истото темпо продолжуваме и на нашиот пат кон членство во ЕУ“, наведе премиерот, кој ги потенцираше придобивките од членството во НАТО, успешноста на Армијата, вложувањето во нејзиниот развој, а ја нагласи и поддршката за Украина и значењето на сојузништвото во рамки на Алијансата.

    „Горд сум што можам денеска исправено пред вас да се обратам како Премиер на земја која пред три години, токму на денешниот ден – 27 март, оствари една од нејзините стратешки цели – станавме членка на најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО алијансата.

    Нашата национална одлука за членство во Алијансата, ги проби бариерите на партиите, религиите и народите, и не’ обедини. Незначајна маргина се оние малкумина кои не се горди на овој наш успех и би сакале други алтернативи. Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за Европската Унија“, рече премиерот.

    Премиерот Ковачевски се осврна и на значењето на НАТО за Северна Македонија но и за регионалното и глобално значење на Алијансата.

    „Да се биде НАТО, значи да се дели масата за одлучување со најразвиените земји во светот, да се носат одлуките за светската безбедност заедно со најмоќните.

    Да се чува нашиот и светскиот мир како дел од воено супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација. Мир и развој за безмалку една милијарда луѓе, кои живеат во заеднички демократски вредности.

    Поразлична перспектива на тоа колку е важна безбедноста и стабилноста ни даде бруталната неиспровоцирана воена инвазија која Русија ја врши врз Украина. Војна за каква мислевме дека европското тло нема повеќе да види.

    Оваа војна, со сите свои елементи ја втурна Европа во нова безбедносна, но и енергетска и економска криза, за чие справување, солидарноста и обединетоста на НАТО беа и се уште се клучни. И токму во таа обединетост може да види визијата на сојузништвото, и зошто од оваа криза повторно ќе излеземе посилни, посплотени“, рече премиерот.

    Ковачевски упати и честитка до припадниците на Армијата и до сите граѓани за годишнинатата и посака да се одбележува овој ден уште многу години во мир и благосостојба.

    На свеченоста се обрати и министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија Васко Ѓурчиновски.

     

    Министерката за одбрана Славјанка Петровска посочи дека целта не беше само да се внесе Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата, со опрема која секојдневно се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, подофицер и офицер.

    „Сето ова ќе беше невозможно без растот на Буџетот на одбраната. Нашата земја ќе го достигне НАТО критериумот од два процента од БДП алоциран за одбраната веќе следната година, а вториот критериум за опремување и модернизација веќе го надминавме, бидејќи годинава 33 проценти од Буџетот е наменет токму за опремување“, рече Петровска.

    Таа истакна дека Денот на НАТО од 2020-тата година е и наш ден.

    „Денеска гордо велиме Ние сме НАТО, зашто знаевме да бидеме храбри, знаевме како нација да донесеме вистински одлуки, кои од оваа перспектива, биле навистина донесени во вистинско време“, истакна Петровска.

    За воената брутална инвазијата која Русија ја врши врз Украина, Петровска рече дека „одлучно и цврсто стоиме на ставот – НЕ за војна, НЕ за страдања, НЕ за невини жртви“.

    „Донесовме одлуки за помош и поддршка на суверена земја која прави сè за да се одбрани од надворешна агресија, и тоа го направивме со разум и со цел да му помогнеме на народот кој сака само да биде свој на своето, да го заштити сопствениот суверенитет на кој има полно право“, рече Министерката за одбрана.

    Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија Васко Ѓурчиновски во своето обраќање нагласи дека „со нашиот пристап и исполнување на сите задачи во воениот дел, покажавме дека сме сигурен и одговорен партнер, кој стандардите во обуката и интероперабилноста ги оствари многу порано од нашето полноправно членство, а кое го потврдуваме и во изминатите три години“.

    „Со континуирана одлучност, тридецениска напорна работа и посветеност успеавме да ја оствариме и најбрзата воена интеграција во НАТО, цел која ја постигнавме за 19 месеци од нашето полноправно членство.

    Успешното изодување на пристапниот пат е резултат на трудот, кој го вложија сите генерации наши припадници кои посветено следејќи ги препораките на Алијансата, ги применуваа стекнатите искуства и научени лекции од меѓународните операции и воени вежби за достигнување на потребните НАТО стандарди“, истакна началникот на Генералштабот Ѓурчиновски во своето обраќање. Тој зборуваше и за успесите на Армијата, достигнати низ овој период.

    „Она кое сега го имаме се мобилни, професионални и ефикасни сили, способни да ја заштититат безбедноста на нашата земја и одоговорат на сите современи закани и  одоговорат на сите современи закани и предизвици“, рече Ѓурчиновски и изрази благодарност до сите кои ни ја даваат поддршката.

    „Ве уверувам дека ќе продолжиме да ја оправдуваме довербата во потполност, бидејќи сме институција која постои и ќе работи за интересите на својата држава и народ“, порача началникот на Генералштабот.

    извор: Бриф.мк

    Exit mobile version