Последни написи

Артифициелната Интелигенција сега!

Ја имав таа привилегија кариерата да ја започнам далечната 1991 во Радио Скопје кога новинарската професија беше исклучително ценета. Вестите, па дури и редакциските коментари, им ги диктиравме на дактилографките на машини за чукање, компјутери немавме. Она што беше напишано, внимателно беше прегледувано од лектори. Без лектура, веста не можеше да отиде во етер. Имавме стенографи кои на хартија ни ги симнуваа тонските записи што ни беа потребни, имавме тикер, и вработени во телепринтерско одделение, кои ни ги печатеа и доставуваа вестите од Танјуг кои потоа ги селектиравме и обработувавме. Имавме спикери кои тие вести ги читаа. Организатори кои ни ги носеа материјалите, техничари кои се грижеа за квалитетот на звукот, специјалисти за тонска монтажа кога ги работевме прилозите. Со еден збор, имавме купишта помошен персонал кој ни ја олеснуваше нашата работа, и така функционираше работата со децении.

На крајот од 1992-ра кога заминав од Радио Скопје во првата приватна телевизија А1, се соочив со шокот во кој правец ќе се менува нашата професија. Како уредник на вестите, му кажав што сè ми е потребно за да ги подготвам на директорот на телевизијата Предраг Чемерикиќ – човек кој секогаш беше пред своето време, и ја наредив целата листа помошен персонал што ми е потребен за тие вести да бидат испродуцирани. Пепи ми рече, немам ништо против, земи си и дактилогарфка, и стенограф, и лектор – и сè што ќе посакаш, ама ќе си ги платиш од џеб.

Сфативме дека во новото време многу од професиите стануваат излишни, и дека новинарите ќе треба да развиваат многу дополнителни вештини: Со еден збор, сами да прават сè. Машините за чукање веќе беа заминати во историјата и сменети со компјутерите. Само ни требаше некој надвор од нашиот меур на традиционалните редакции, за да не соочи со цивилизацискиот шок кој веќе се случуваше.

Потоа, додека бев во Би Би Си се отиде и чекор понатаму – еден човек беше обучен да прави сè – да снима со камера, да ја напише строијата, да ја измонтира, и да ја испрати од терен. Сè помалку луѓе беа потребни за да се одржува процесот на производство на содржини. Остана само новинарот, за кој не ни помислувавме дека може некогаш да биде „вишок“ во процесот – заради неговите незаменливи вештини: Да препознае што е вест, да знае на која тема да пишува, да го држи балансот и непристрасноста во информирањето трудејќи се да ја сведе на минимум  „субјективната равенка“, да има карактер и интегритет, да ги стави информациите во вистински контекст, и на целата таа приказна да и додаде „flavour” и „colour” – како и потребниот бекграунд за целата сторија да биде заокружена.

Не верував дека ќе дојде денот кога и новинарската работа ќе стане излишна, и машините ќе може да ја заменат. Пред 20-ина години тоа изгледаше невозможно, премногу негативно-утописки, премногу нестварно. Но, се случи. И се случува денес и сега. Светот што го знаевме се менува неверојатно брзо. Големите медиумски концерни во Германија најавија масовни отпуштања на новинари и медиумски работници, а нивната работа ќе ја замени вештачката интелигенција. Што сè може да прави “Chat GPT” e фрапантно. Ќе стане ли новинарската работа целосно излишна, а новинарството како професија “obsolete”?

Славој Жижек, кој артифициелната интелигенција ја нарече „артифициелен идиотизам“, смета дека AI никогаш нема да може да проникне во суптилноста на ирониите, потконтекстите, затскриениот хумор. Жижек ја споредува Артифициелната Интелигенција со несмасноста на Мишкин, од „Идиот“ на Достојевски. Навистина, има уште неколку трикови во торбата кои му преостанаа на човекот од крв и месо, за да ја измами машината, врз кои Жижек го темели својот оптимизам за таа да изгледа неверојатно наивно, дури и идиотски! Но, прашањето е до кога? Ќе има ли алгоритми кои ќе може да ги препознаваат и најсуптилните финеси на иронијата? Ќе може ли машината да препознае мајтап, блеф? Дали е тоа можно, и ако се случи, за колку време може и тоа да го очекуваме? Дојдено ли е времето да бараме некаква преквалификација, затоа што машините ни ја зедоа работата?

Клучното прашање веќе не е – дали ќе дојде денот кога човекот целосно ќе биде заменет од машините, туку кога? Звучи морничаво, но реалноста е таа. Се сеќавате на филмот „Терминатор“ на Џејмс Камерон? Приказната делува сè поуверлива.

Геостратегиски, светот е исто така драматично сменет. Некогашната биполарност, и „Студената војна“ завршија пред 30-ина години со неспорна доминација на една суперсила – САД, и нејзините економски, политички и социјални вредности како урнек. Но, нејзината позиција сега е загрозена од Кина. Искусните дипломати како Хенри Кисинџер најавуваат нова студена војна – овој пат помеѓу Вашингтон и Пекинг, која може да биде многу поопасна од првата помеѓу САД и СССР.

Поранешниот потпретседател на Светската Банка – Нобеловецот за економија Џозеф Стиглиц, смета дека Кина е во предност во новиот конфликт кој сите го најавуваат. Прво, затоа што има популација четири пати поголема од онаа на САД. Второ, затоа што нејзината економија има три пати побрз раст од американската. И, трето, затоа што со појавата на трампизмот во САД, европските сојузници сè помалку гледаат на Вашингтон како на “role model” и партнер во кој сојузниците може да имаат доверба. А Доналд Трамп во саботата од градот Вејко во Тексас (морничава симболика) го започна походот за враќање во Белата куќа на изборите во 2024-та. Неговата реторика е сè понасилна и поопасна. А опасна станува и реториката на Путин, кој најави распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Многу нешта се менуваат како на филмска лента. Освен во Македонија. Ние сме заглавени во лимбо ситуација дали да се менува Уставот или не, без здрава полемика околу тоа прашање, која е заменета со инфантилните соопштенија на партиите и размена на недолични навреди, што придонесуваат за општа резигнација од политичкиот процес во државава. Во Македонија ништо ново.

Извор: ima.mk

Latest Posts

Не пропуштај