Последни написи

Тунева: Со навремени информации на институциите да се спречат дезинформациите

Дезинформациите не се одлика на нашето секојдневие и со случувањата во оваа држава, туку се нешто што се случува на глобално ниво, меѓутоа тоа не нè амнестира од одговорноста што ја имаме сите ние како креатори на информации, како некој што ги консумира тие информации како публика, вели Проф. д-р Марина Тунева, медиумски експер, во интервју за ЦИВИЛ Медиа.

„Проблемот за жал навистина постои, можеби е многу повеќе присутен на социјалните мрежи, меѓутоа ако се земе предвид, колку социјалните мрежи се извор на информации и за граѓаните и за дел од медиумите, или се почесто станува како практика во обидот да се дојде до некоја тема за која ќе се информира, тогаш несомнено штетите се големи. Тоа е проблем што треба систематски да се адресира со меѓусекторска соработка, со одговорност и внимание во однос на консумирањето на информациите“, вели Тунева.

Таа додава дека искуството покажува дека дезинформациите најчесто се присутни кога станува збор за сензитивни прашања, било да се на политичката сцена или со јавното здравје (здравство) итн.

„Видовме и на глобално ниво како лесно се шират дезинформациите и во нашата држава и како тие со голема брзина и леснотија се конзумира од граѓаните. Војната во Украина, земјотресите кои се случија во Турција и Сирија, корона кризата е евидентен пример како се ширеја дезинформации и тие навистина имаа влијание врз здравјето на населението и јавното здравство… Мора многу внимателно да се фокусираме кон решавањето на проблемот со дезинформациите. Не треба да остане само на дебати, конференции или истражувања, туку реално да се насочиме кон справувањето со овој проблем“, вели таа.

Тунева вели дека дезинформациите може сериозно да влијаат врз безбедноста на државата.

„Границите се флуидни и фактот дека се почесто се користи интернетот, социјалните мрежи за пренос, за транфер на информации, лесно може некои информации да станат закана за безбедноста во државата. За заканата со бомби во училиштата, присутен е тој проблем и во други земји, не знаеме кој е креаторот, само се шпекулираше кој е креаторот, меѓутоа порозни се границите и лесно може да стане проблем поврзан со безбедноста во државата“, нагласи таа.

Околу креаторите на дезинформациите вели дека тие доаѓаат од државата или од надвор од одредени групации или центри на моќ, групи со некаков интерес кои создаваат околности со кои јавноста е збунета и не знае како да постапува.

„Луѓето се плашат од конфликт или дека нешто ќе се случи што ќе ја наруши безбедноста. Не можеме да лоцираме одговорност само од една страна, но она што е заедничко за сите е најчесто некаков интерес. Понекогаш дезинформациите, мисинформациите или погрешните инфромации и несвесно се шират, бидејќи луѓето најчесто веруваат во она што сакаат да веруваат. Со студии што се прават на глобално ниво се согледува дека граѓаните без разлика на колку извори на информации се изложени, тие сепак ги избираат информациите што ним им одговараат, и се преклопуваат со ставовите, вредностите, интересите, или тој обем на информации кои што ги имаат акумулирано за одредена тема. Тоа зема се поголем замав и треба да се реши“, вели Тунева.

Во рамки на истражување на МИМ во кој се вклучени пред сè младите, укажува дека младите мислат дека политичарите се креатори на дезинформации.

„Младите се сомневаат во содржината што произлегува во име на политичарите или политичките партии, центри на моќ итн. Постојат стравувања дека и врз тие политичари има некакви извори било да се внатре во државата или да се од надвор кои што шират одредени вистини, полувистини, манипулативни информации итн. Секој што има интерес, било да е од интерес за остварување на некаков профит“, вели таа.

Професорката Тунева вели дека има примери кога порталите објавуваат вест со наслов кој што нема врска со содржината, само колку да има повеќе кликови, а тие кликови им носат профит.

Таа вели дека државата не треба да има преголема улога во однос на справување со проблемот со дезинформациите.

„Улогата на невладиниот сектор, на образовните институции, неформалното образование, медиумските организации и саморегулација пред сè треба да дојдат до израз. Ако се остави на централат да го решава тој проблем постојат и одредени ризици, како што е и цензурата“, потенцира Тунева.

Таа е децидна дека треба да постои меѓусекторска соработка и државните институции да реагираат доколку се шири говор на омраза, дискриминација, загрозување на националниот интерес…

„Институциите треба да бидат транспарентни, отчетни и навремено да настапат кон јавноста, бидејќи поради недостаток на информации се остава простор други чинители да го пополнат тој простор. Брзината на инситуциите да дадат точни информации нема да остави простор за ширење на дезинформации“, додава Тунева.

Проф. д-р Тунева вели дека многу често се случува просторот во медиумите да го заземат личности што немаат компетентност да зборуваат и анализираат одредена тема, и ни се случува да циркулираат исти личности во медиумите или на социјалните мрежи и тие да пласираат некои свои гледишта кои можеби не се доволно проверливи или аргументирани, а голем дел од луѓето да веруваат во тоа.

„Не секогаш е евидентно што е дезинформација, што е манипулација, што е погрешна информација, за жал во денешно време тоа е спакувано во една убава форма што е тешко да се препознае што е дезинформација“, вели таа.

Професорката Тунева вели дека младите имаат алатки и почнуваат да ги распознаваат дезинформациите.

Дехран Муратов
камера и фотографија: Александар Ризински
монтажа: Ариан Мехмети

(Извор: CIVILMEDIA)

Latest Posts

Не пропуштај