Последни написи

Религијата дели, верата спојува, поврзува

Црквата не е политичка организација којашто се уредува и функционира со обврзувачки декрети и квоти за еднаквост, туку Царство во кое нема поделба на мажи и жени, на свештенство и верници. Сите се личности – еднакви во Црквата како царство на земјата.

Зоран БОЈАРОВСКИ

За жал заради повеќедецениското комунистичко перење на мозоците дека религијата е опиум за народот, повеќе генерации до ден-денеска имаат погрешна претстава за црквата, односно за верата.

Оттаму, како една од последиците на овие процеси, произлегуваат сосема погрешните пристапи кога во име на заштитата на едни права се дискриминираат правата на другите.

Не може од тие кои страдале заради дискриминација и било која форма на насилство, заради различност или омраза, да се очекува да бидат дискриминатори и да протестираат со транспарентни „Црквата да одјебе“.

Ајде замислете ситуација на променети улоги и да излезат верниците со транспарент „ЛГБТ да одјебе“.

Замислете.

Полека, полека, до тука ви го чувствувам адреналинот како ви се качува, ама токму тоа сакав да го постигнам.

Поентата ми е кога се етикетира црквата, таа етикета да не доаѓа од поистоветуваето на Црквата со МПЦ или со поединци, свештеници во МПЦ.

Ако имате причини да реагирате заради постапки или изјави на поединци во МПЦ или во било која друга црква, тогаш вашата реакција нека оди на таа адреса, а не генерално на црквата. Зашто црквата не се епископите Агатангел, Петар, Јаков, Тимотеј, или било кој друг клирик што кај вас предизвикал бес за некоја од темите за кои вие мислите дека црквата нема што да каже.

Напротив, има и треба да има што да каже.

Најважно е да имате трпение и да сакате да слушнете, прочитате што велат од другата страна.

Не типови како оние од МПЦ-ОА што овие денови се рашетуваат низ државата, туку автентични познавачи на православната теологија. Бидете трпеливи и дадете си шанса да препознаете колку многу, всушност, пропуштате. Од колку многу повеќе сознанија и откровенија сме биле лишени само затоа што сме затруени дека религијата е само мрак и темјан.

Верата не е догма, религијата е догма. Верата е автентично, длабоко чувство, религијата е научено знаење. Верата е природна состојба на душата, религијата е вештачка состојба на умот, наметната. Верата е несоздадена супстанца, религијата е случајност. Верата е непроменлива, религијата е променлива. Верата е волја, религијата е желба. Верата е љубов, религијата е должност.

Сакате уште: Верата е свест, религијата е вест. Верата е мисла, религијата е доктрина, идеологија. Верата е верба, религијата е насока што ја определува чловекот, а не Бог. Верата е морал, религијата е политика. Верата е тајна (како именка, не како придавка), религијата е јавна. Во основата на религијата е стравот или стравопочитта, а во основата на верата е љубовта. Религијата дели, верата спојува, поврзува.

Религијата контролира, верата е слобода, како што слободата му припаѓа и му е дадена на секој човек.

Ако до тука сме ок, тогаш во името на таа слобода само треба да се има трпение и да се чуе другиот.

За жал, заради долгото пребивање во раскол со што беше екскомуницирана од живото православие и теологијата, МПЦ не успеа да однегува, да образува и да афирмира теолози коишто знаат да ја премостат онтолошката провалија меѓу верата и религијата.

Затоа денес имаме такви појави коишто вознемируваат бидејќи речиси сите епископи на МПЦ-ОА не ја препознаваат таа разлика и влегуваат во толкувања кои не се автентични на православната теологија, туку произлегуваат од личните фрустрации од кои треба(ло) да се ослободат тогаш кога ги соблекле земските алишта и кога ја облекле мантијата со која ја преземаат улогата на апостоли, на учители, духовници на автентичната црква, а не на ежедневната политика.

Мантијата не е привилегија, мантијата е одговорност. Зашто ако некој претендира на духовност, или да биде духовник на верниците, мора да шири љубов, во секое време и кон сите.

Секоја друга постапка е злоупотреба на мантијата.

Од такви злоупотреби и стравови за сопствените лукративни позиции во црковната институција МПЦ, пострадаа неколкумина професори на Богословскиот факултат, како и владиката Јован и монасите и монахињите, кои подоцна се издвоија во ПОА, и кои, меѓу другото, имаа што да кажат и кажуваа од теолошки аспект за многу современи прашања. Кажуваат и делуваат во тој дух и денеска.

Затоа имајте малку повеќе трпение и тргнете ги наметнатите стереотипи и отворете го умот за хоризонти кон кои неправедно не сака(в)те да се осврнете.

Да се разбереме, во суштина верата или атеизмот и сите негови варијации, се приватна работа на секој човек. Но, во основата на определбата некој да ја прифати верата како свој приватен катехизис, кој со ништо не треба да го загрози другиот, почива на теологијата, на изворите за науката за Господ Бог кои во нашата култура неправедно повеќе децении беа прогласени за непожелни и со тоа ги стеснија духовните хоризонти, а дел од последиците од тоа се трибините против родовата еднаквост.

Бидете трпеливи и продолжете да читате. Пред вас е еден поглед на една од темите што деновиве предизвикуваат жестоки реакции, и тоа со право затоа што ги предизвикуваат искривоколчените толкувања за теми, како на пример за улогата на жената во верата и во општеството.

Без намера да влијаам на вашето мислење со овој текст, ќе укажам на само една поента којашто веднаш станува јасна откако ќе го препознаеме и прифатиме „парадоксот“.

Црквата не е политичка организација којашто се уредува и функционира со статути со амандмани за квоти за еднаквост, туку Царство во кое нема поделба на мажи и жени, на свештенство и верници. Сите се личности – еднакви во Црквата како царство на земјата.

Меѓунасловите во опремата на текстот, како и болдираните делови, се моја интервенција за да го олеснам читањето и да укажам само на дел од бројните поенти.

ХРИСТИЈАНКИТЕ СЕ НАЈГОЛЕМИ ФЕМИНИСТКИ

Александра Јанковиќ*

Иако сè уште имам повеќе прашања отколку одговори, ќе ги споделам со вас оние одговори кои ја илустрираат тезата од која тргнав – тезата дека христијанките се најголемите феминистки!

Црковното, библиското и евангелското разбирање на жената не само што е недискриминаторско во однос на нејзините капацитети и слобода, туку на жената ѝ дава достоинство, кое не ѝ се дава ниту во најслободната феминистичка фантазија!

Во библиската приказна жената се нарекува човечко суштество, онаа која стои наспроти мажот, еднаква во љубовта, според Божјиот лик, еднаква во шансите да се развие од икона Божја во обожена личност.

Како што Бог во една личност не би бил Љубов, туку моделот, стандардот на Љубовта се наоѓа во Бога како Троица, така ниту човечкото суштество, ако е затворена индивидуа, не може да биде Негов образ.

Еден кон друг, еден наспроти друг – во тоа е суштината на сопостоењето на мажите и жените, затоа што човечкото битие од искона е – брачно битие.

Или, како што вели Павле Евдокимов, човекот е повеќе од разликата помеѓу машко и женско. Дури може да се каже дека овие два типа на луѓе според Божјиот лик се толку неразделни што едно човечко суштество земено одделно и само за себе не е во целост човек. Во битието кое е одвоено од својата дополна има само половина човек.

Митот за мажот-пастув и контра-митот за жената-Амазонка се „ќорсокаци“.

Христијанското толкување на односот меѓу половите не инсистира на еднаквост, туку оди чекор понатаму – се стреми кон еднаквост во љубовта. А целта на љубовта е двајца да бидат едно.

Милена Павловиќ Барили

Иако денес се многу популарни книгите кои зборуваат дека жените се од Венера, а мажите од Марс, би можело да се постави прашањето: зарем не се и едните и другите на Господ? Мажот и жената се двоединка. Двајца и еден во исто време, што ја надминува општо познатата констатација за постоењето на женскиот и машкиот дел на личноста (анима и анимус).

Автентичното предание на Црквата не познава поделба на мажи и жени, сите се едно – личности

И мажите и жените имаат многу автентични и специфични посебности на заедничкиот пат на растење до светоста, којшто не е условен од полот!

Светиот апостол Павле не им се обраќа само на претставниците на свештенството со „свет/и“, односно само на мажите, туку секој маж и жена ги смета за свештеници. Сите сме повикани да му служиме на Бога, да бидеме свештеници, теологијата не е само привилегија на луѓето во мантија, туку задача на секој член на Црквата. Ава Јустин вели: „Човекот е обожување, а светот е Божјо откровение!“

Тоа што во Црквата постојат различни дарови, функции и дејствија, не ја укинува вистината за Единиот Дух, како што апостолското преемство не ја укинува неопходноста од лаички апостолат.

Старозаветниот однос со пропишаните норми е всушност подготовка за единствената и најважна норма на Новиот завет – Љубовта. Од Ева, која пред падот се нарекуваше човечко суштество, преку многу свети жени од Стариот Завет, стигаме до полнотата и исполнувањето во Новата Ева – Пресвета Богородица.

Павле Евдокимов зборува за мајчинското свештенство на жената, тврдејќи дека генијалноста на жената се покажала токму во верата. Преданието ја нарекува Дева Марија – нова Ева. Таа го направи она што првата Ева не успеа да го направи – да биде жена и да биде модел на однос кон Бога за целото човештво, без разлика на полот.

Ако основата на Црквата е послушанието, а секоја сличност со она што вообичаено се нарекува послушност, потчинување и покорување е случајна и неточна, тогаш Богородица стана мерило на тоа послушание од Љубов, давајќи му живот на Другиот и исполнувајќи и создавајќи свој живот во Него!

Милена Павловиќ Барили

Преку неа се препознава дека прифаќањето на Христос, копнежот Тој да живее во нас, е целта и полнотата на животот на секој од нас и на сета љубов.

Дева Марија, како жена, не беше формален претставник на свештенството, но сепак го исполни својот повик за свештенство, и остана засекогаш – Богородица!

Што се однесува до мене, ако Нејзе не ѝ пречеше што нема епитрахил, не само што не ми пречи ниту на мене, туку копнеам да развијам, барем во траги, смирение и љубов како Нејзината. На крајот на краиштата, приговорите зошто нема жени свештеници најчесто доаѓаат од мажи или жени кои не разбираат дека Црквата не е политичка организација, ниту Централен комитет, кој донесува обврзувачки декрети, туку Царство во кое нема поделба на мажи и жени, на свештенство и верници.

За жената како мајка

На критичарите на црквата, во форма на претставници на правата на жените, покрај отсуството на свештеници (претпоставувам дека и тоа треба да се прави според некој клуч или квота, како во политиката), она што најмногу им пречи е потенцирањето на улогата на жена-мајка.

И, повторно, наместо да се гледа на дарот на мајчинството како на израз на врвна доверба и љубов кон Самиот Господ, главно се сведува на неподносливите обврски на модерната деловна жена кон нејзиното потомство. Успешните жени се жалат дека им е тешко да ги ускладат нивните другите дарови со дарот на мајчинството. Поагресивните би сакале да застанат пред Господа со амандман да им го довери дарот на раѓање и на мажите!

Суштинската грешка не е во констатацијата дека е тешко да се усогласат различните арови. На крајот на краиштата, на кого му е дадено повеќе, ќе се бара повеќе од него! Погрешно е да се гледа дарот на мајчинството и на мајчинското свештенство како на нешто што ги кочи нејзината слобода и развој.

Во хедонистичкиот свет што не опкружува, се инсистира на слободата на избор, којашто често не е автентична слобода за човекот, слобода од сопствените страсти, туку слобода против човекот и неговата боголика даденост.

Здруженијата за заштита на граѓанските слободи и за остварување на правата на жените добро воочуваат дека живееме во неслобода, но бунтот ги води кон надворешна револуција и пропаганда, наместо кон преобразба и раст. И нема таква револуција што ќе го направи човекот Бог по благодат, затоа што единствениот вистински револуционер и феминист е човекот на светиот живот.

Наместо дарот на мајчинството, кој се осмелувам да кажам дека не случајно им бил доверен на жените (затоа што ако за Господ Бог сѐ е можно, тогаш секако било можно и тој дар да им биде даден и мажите), да го третираат како привилегија, како постојан поттик за негување на љубовта, некои жени всушност го „закопуваат“ тој дар, барајќи слобода и љубов на погрешни места, кај погрешни луѓе, во погрешно време.

Поентата не е дали жената станала или може да стане физички мајка. Важно е таа да го поседува дарот на мајчинството, потенцијалот преку мајчински однос да ја развива и умножува автентичната и Света Љубов, којашто ја надминува смртта, којашто подразбира Жртва од Љубов, бидејќи нема Љубов без Жртва и Крст.

Милена Павловиќ Барили

Смислата на љубовта не е да се раѓаат деца. На љубовта не и треба никакво оправдување: љубовта не е добра само затоа што дава живот, туку – токму затоа што е добра, таа дава живот! – вели Александар Шмеман.

Затоа, ако улогата на Божјиот народ е да биде свет род и царско свештенство во Црквата на Живиот Бог, тогаш нашата задача, без разлика дали сме мажи или жени, и со почит кон фактот дека само Бог не определи како мажи или жени, е дека, со доверба во Господ, му служиме пред сè на спасението на другиот – нашиот ближен.

Немаме право да не ги ставаме во „погон“ потенцијалите со кои Бог нè опремил за секоја прилика, било да е тоа заради радост или несреќа, немаме право да ја проектираме сопствената недоверба во Бога со постојано покажување со прст кон оние кои нè спречуваат да ја оствариме нашата слобода.

Ако треба да се натпреваруваме, нека биде натпревар во љубов!

А жените, преку дарот на мајчинството, добија шанса поприродно и полесно да сфатат како жртвата на љубовта е радост, како убавината не е во егоцентричното остварување на својата единствена индивидуа, туку во исчекорувањето од сопствениот космос во макрокосмосот на другиот, во единствената и неповторлива Божја креација!

*Фрагмент од предавањето на Александра Јанковиќ одржано во Коларац во Белград, на 18 ноември во 2004 година.

Извор: racin.mk

Latest Posts

Не пропуштај