More

    Регионален настан во Штип за подобрување на пристапноста и инклузијата во училиштата

    Во Штип денеска се одржа регионален настан со претставници од училишта, општини, невладини организации, општествено одговорни компании и семејства на ученици со попреченост кои посетуваат редовно образование, како дел од активностите на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, информираат од Фондацијата „Чекор по чекор“.

    На настаните воведни обраќања имале претставници од проектот, а притоа биле презентирани проектните активности и резултати реализирани во овој регион, со особено внимание на влијанието кое проектот го има во подобрување на пристапноста и инклузијата во училиштата.

    Исто така, свое обраќање на настанот имаше и штипскиот градоначалник Иван Јорданов, кој ги информираше граѓаните за активностите кои се преземаат на полето инклузија и идните планови на општината за целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството.

    Во рамките на овој настан, се одржа и дискусија за состојбата на образованието во регионот, како и изложување на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат семејствата, училиштата, институциите и општините. Се разговараше и за улогата на локалните здруженија, институции и поединци, степенот на нивната меѓусебна комуникација и соработка во однос на важните аспекти за суштинско вклучување на лицата со попреченост во образовниот процес, но и во сите други општествени текови.

    Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ се заложува за квалитетно и инклузивно образование, со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали. Проектот го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука.

    Во рамките на проектот, се доделија стипендии на повеќе 470 ученици со попреченост кои се запишани во основни училишта, а повеќе од 150 од овие ученици добија и туторска поддршка.

    Со проектот се поддржуваат наставниците, инклузивните тимови и образовните асистенти преку обуки за професионален развој, каде повеќе од 430 вработени во училиштата учествуваа во обуки за поддршка на процесот на подучување ученици со попреченост.

    Преку овој проект се работи и на подобрување на пристапноста и инклузивноста, при што во 43 редовни основни училишта се подобрени условите за образование на учениците со попреченост преку обезбедување на 22 сензорни соби, 3 сензорни катчиња, 1 сензорна градина, 1 уред за мобилност низ училишната зграда, 1 пристапен тоалет, 10 инклузивни игралишта и 5 пакети дидактички, сензорни и асистивни средства и помагала.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version