Последни написи

МОН повторно најавува изедначување на стипендиите за сите ученици и студенти

Откако на почетокот од месецов Министерството за образование и наука (МОН) објави дека средношколците и студентите што земаат пониски стипендии треба да потпишат анекс на договорите за да ги земаат повисоките суми, стана јасно дека покачени стипендии ќе земаат само оние ученици и студенти кои се активни корисници на стипендија, и тоа почнувајќи од март. За учениците што во меѓувреме го завршиле средното образование и за студентите што дипломирале, а кои исто така земале пониски стипендии минатата година, МОН не информираше дали и како ќе им биде доисплатена разликата.

Мета.мк на 6 март упати прашања до Министерството за образование за тоа дали повисоките стипендии ретроактивно ќе им бидат исплатени на учениците и студентите и за минатата учебна, односно академска година и за кои Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека биле дискриминирани.

До овој момент одговор од МОН не добивме, но Министерството попладнево преку соопштение до јавноста информираше дека и старите корисници со активни договори за стипендии ќе добиваат идентичен, зголемен месечен надоместок како и новите корисници. Исплатата ќе се реализира и ретроактивно, односно ќе следи надомест на разликата од изминатата учебна и академска година, како и за месеците од оваа учебна година за корисниците со активни договори. За таа цел, велат од МОН, ќе се подготват спогодби каде ќе биде регулиран начинот на ретроактивната исплата на стипендиите.

Од Министерството додаваат дека за учениците и студентите чии договори се завршени, односно веќе го завршиле средното образование или дипломирале и правото на стипендија веќе го искористиле, дополнително ќе се утврдува правен основ за исплаќање на разликата.

„Во меѓувреме, се реорганизира и начинот на исплата, со цел учениците и студентите редовно да ги добиваат месечните надоместоци по основ на стипендија“, се вели во соопштението на МОН.

По пишувањата на Мета.мк за проблемот со неизедначените стипендии, на 16 декември 2022 година од ова министерство во одговор на испратено прашање рекоа дека повисоките стипендии ќе им бидат исплатени на студентите и учениците „ретроактивно за минатата година, а потоа и за новата“.

Меѓутоа, во анексите што МОН ги објави на 3 март годинава, може да се види дека покачени стипендии ќе земаат само студентите и учениците што во моментов се корисници на стипендија и тоа почнувајќи од март, додека за изминатите пет месеци од оваа учебна година – од октомври до февруари – ќе им останат речиси двојно пониските стипендии.

За овој проблем реагираше и Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) од каде се заканија со протест. По средбата меѓу УСС УКИМ и МОН, студентите добиле ветување дека Министерството ќе изврши и ретроактивна исплата на стипендиите, што денеска беше соопштено и јавно.

Инаку, од МОН информираат дека во тек се измените и на законското решение за субвенционираниот студентски оброк, кои предвидуваат зголемување на износот на оброкот од 120 на 140 денари дневно.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај