Последни написи

Ќе смисли ли Арсовска нови „рачиња во медот“ или ќе потпише за Прeчистителната станица?

СОЊА ТАНЕСКА

Директивите на ЕУ јасно укажуваат на забрана за испуштање на отпадни води во реките, езерата и подземните води ако претходно не се третираат во пречистителни станици. Без изградба на пречистителни станици за отпадни води, земјава не може да ги задоволи европските стандарди за животна средина, но дали ова беше еден од приоритетите на градоначалничката Данела Арсовска?

Иако изградбата требаше да почне уште во март минатата година, таа по долги месеци одложување, од септември минатата година со што и го разреши тогашниот директор на „Водовод и канализација“, па така ја блокираше изградбата на прочистителната станица во Скопје, го блокираше Буџетот за 2023 година држејќи беседи на седниците на Советот на Град Скопје постојано обвинувајќи за „директори со рачињата во медот“, а со слични обвинувања го блокираше и јавниот превоз.

Ќе побара ли некоја институција кривична одговорност за лажни тврдења, бидејќи досега не достави никаков документ? Или пак за изживувањето со трпението и здравјето на граѓаните?

Што добија скопјани? 

(Според реакциите – изгубено време во кавги и изгубена доверба.)

Добрата вест е што вчера беше потпишан договор за неповратен грант од 70 милиони евра од Европската Унија, со тоа се заокружи финансиската конструкција од над 200 милиони евра за изградба на пречистителната станица. Претходно, во 2019 преку заем беа обезбедени 136 милиони евра од Европската инвестициска банка. Сега повторно се чека Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ да го потпишат договорот за градба.                                                                                                                                       Изградбата на пречистителна станица беше најавена на крајот од 2019 година. Во мај 2020 од ЈП најавија почеток на изградбата до крајот на 2021 година. И покрај тоа, се случи она што јавноста не го очекуваше, Скопје остана единствениот главен град во Европа кој нема изградено пречистителна станица за отпадни води.

Во однос на водите во Скопскиот регион, за најзагадено подрачје се смета делот на Вардар од Сајмиште кон Трубарево, каде се слеваат непречистени отпадни води од домаќинствата и компаниите, но и од други загадувачи: фрлени мрши од животни, градежен шут, органски отпад и фекалии од празнењето на септичките јами, сето тоа директно – во Вардар. Со изградбата на пречистителна станица треба да се подобри бактериолошкиот и хемискиот квалитет на водата во Вардар, со што би се овозможило нејзино  безбедно користење за наводнување на земјоделските површини.

Арсовска демантирана од ЕИБ

Потпретседателката на Европска Инвестициона банка Лилјана Павлова на прес конференцијата во Клубот на пратеници ги демантираше обвинувањата на Арсовска дека поранешниот директор на ЈП Водовод и канализација Златко Перински влијаел на тендерската документација за изградба на пречистителната станица и додаде дека проектот е кристално чист и без никакви проблеми, укажувајќи дека Европската Инвестициона Банка не утврдила никакви отстапки од она што е воспоставено како правила и процедури од нивна страна.

-Она што можам да го кажам од оваа перспектива знаете дека Европската Инвестициона банка е главен финансиер и ние имаме и мораме да следиме посебни правила и процедури кои што се веќе воспоставени, вршиме надзор на процесот на набавка, да ги вршиме сите потребни и вонредни проверки и контроли и она што можам да го кажам е дека процесот на набавка беше успешно завршен и немаше отстапки и имаме зелено светло за потпишување на договорите за изградба и надзор од страна на Водовод и канализација. И во оваа фаза можам да кажам дека немаме проблеми и навистина со нетрпение ги очекувам роковите и датумите кога ќе се потпишат договорите и успешно да започнеме со имплементацијата – изјави Павлова.

Иако обивнувањата за „раце во мед“ практично и по вторпат паднаа во вода, градоначалничката Арсовска се уште тврди дека била во право и ги обвини новинарите дека поставуваат „инсинуирачки прашања“ за тоа зошто досега ја блокирала изградбата и изнела лажни тврдења.

-Ако може да не испревртувате, Вашето прашање беше инсинуирачко, кажувајќи ја изјавата на еден господин кој што беше разрешен поради тоа што нетранспарентно и врз основа на влијание ги вршеше постапките и одговорал само пред својот партиски лидер, а не пред граѓаните, рече Арсовска.

Лош менаџер или саботер?

Оваа епизода, колку што  ги наруши односите меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ,  со чија поддршка таа стана градоначалничка, според експертите, најмногу ја сруши сликата за капацитетот на нашите институции, а ја потврди и нефункционалноста на Градот Скопје под раководтво на Арсовска .

Особено што ова не е прв обид за стопирање на проекти. Истото се случи и со „Бас рапид транзит“, проект кој го почна Петре Шилегов, претходникот на Арсовска. Таа дојде на кормилото на Градот со став дека на Скопје му треба добар менаџер, но не успеа да ги изменаџира ни односите со директорите на јавните претпријатија.

Тој однос се рефлектираше со именувања и брзи разрешувања на директори, а најчесто со нивни оставки поради отсуство на комуникација, отсуство на поддршка и нејзина незаинтересираност за работата на јавните претпријатија.

Кога треба да биде готова?

Изградбата на ПСОВ сè уште не е започната, а проектот вреден 136 милиони евра треба да биде завршен до 2030, односно 2045 година.

Изведувачот на градежните работи требаше да биде избран меѓу два конзорциума, но како што соопшти Градот Скопје поради „самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендерпокрај тогашниот директор, разрешен беше и генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски.

Во финалната фаза влегоа две компании/конзорциуми со своите понуди. Според претходни медиумски натписи блиски до опозицијата, Арсовска пак ја фаворизирала турската фирма.

Проектот се состои од две фази. Пречистителната станица ќе се состои од единица за предтретман и единица за биолошки третман кои ќе се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман со цел да се вклучи и отстранување на азотот и фосфорот ќе се изгради во рамки на втората фаза на проектот (до 2045 година).

Единицата за дезинфекција и одделно третирање на атмосферските води се смета на опционални објекти кои може да се изградат во рамки на втората фаза на проектот. Ефлуентот од третманот на отпадните води ќе се испушта во реката Вардар. Предвидениот капацитет на ПСОВ е 625.000 жители во 2030 година и 650.000 жители во 2045 година.

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај