Последни написи

„Ураганот“ Ахмети ќе ги оддува „Огнените“

Министрите на ДУИ сега раководат со речиси највиталните сектори на државата како што се за економијата, финансиите и меѓународната политика. И токму со ваквиот однос Ахмети создава основа да бара премиер Албанец, но и претседател на државата.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Залажување на јавноста е дека т.н. „огнени“, незадоволни од работата на Артан Груби и Бујар Османи, се бореле за подобар владин состав, како и за почитување на статутот на партијата и редовни консултации со нејзините ограноци. Целата атмосфера што овие „огнени“ ја потпалија во јавноста и направи огромна штета на ДУИ и на нејзиниот лидер.  Оттаму може да се заклучи дека нивната  крајна цел била соборување на лидерот Али Ахмети и преземање на партијата.

Причините се едноставни. Тие се незадоволни од фактот што се отпишани, што се бивши.

Ако тоа не го разбрале досега, дека тивко се тргнати настрана, но дека сè уште можат да бидат од корист, на последниот чаирски митинг Ахмети гласно ги потсети дека ќе бидат оддувани од партијата со ураганот што ќе им го подготви.

Тие треба да бидат свесни дека си го отслужија своето и дека станаа товар при осовременувањето на партијата, бидејќи за многумиина од нив единствената вредност беше што биле борци на ОНА.

И не е дека и ти не добија шанса во извршната власт, но се покажаа неотпорни на љубовни и бизнис афери, на мито и корупција и што е поважно беа неподготвени за новата стратегија што ја подготвуваше Ахмети.

Како прво, стариот лисец процени дека е време да расчисти со военото минато и од ДУИ да создаде модерна партија, ребрендирана и подновена со млади школувани кадри, спремни да ја преземат извршната власт и да ја водат на поинаков начин од дотогаш востановениот кога министрите Албанци главно се грижеа за албанските интереси.

Сега тие добија нова задача, да бидат министри во функција пред сè на државата и да работат во интерес на сите граѓани, без разлика на која етничкка заедница и припаѓаат.

Имено, Ахмети многу бргу се адаптираше на стратегијата на Зоран Заев „едно општество за сите“, сфаќајки дека нема поголем интерес за Албанците од членството во ЕУ и НАТО. Сè друго за што претходно се борело ДУИ, но и сите останат партии на Албанците е маргинално во однос на големата европска идеја.

Министрите на ДУИ сега раководат со речиси највиталните сектори на државата како што се за економијата, финансиите и меѓународната политика. И токму со ваквиот однос Ахмети создава основа да бара премиер Албанец, но и претседател на државата.

Нема да биде чудо ако токму меѓу некои од сегашните министри се кријат и личностите за овие функциии.

А „огнените“ така наивно атакуваат токму на нив. Тие и по дваесет години со Ахмети не ја разбраа неговата мисија. Точно, тој е мисионер. И може да се каже дека иако е само партиски лидер на една малцинска партија во Македонија, е таков играч на политичката сцена што може да биде достоен партнер на регионалните државници како Вучиќ, Рама или Курти.

Последниов од списокот и не случајно се сретна со Ахмети во Охрид пред да се одржи трилатералната средба на која се усвојуваше анексот на договорот за нормализација на однсоите меѓу Србија и Косово. И не можам да се отргнам од чуството дека целиот пакет на избор на местото на одржување на тие состаноци и разговори (вклучително и овој Курти-Ахмети) не беше во режија на „големите“  и дека беше случајно.

Оттаму „огнените“ немаат многу опции по кои ќе се однесуваат.

Едната е да ја подвиткаат опашката и да одат на „бацирака“ кај лидерот за помирување и прошка  за да останат во партијата како  членови без функција.

Или ако сакаат да останат во политиката тогаш нека си формираат своја партија. Но ако ја одберат втората опција треба да бидат свесни дека таа може да опстои до првата прес конференција, а потоа да ја снема, а тогаш ќе ги снема и нив. Тие очигледно се подготвени за втората опција затоа што веќе најавуваат соработка со останатите партии на Албанците. Но колкава политичка сила ќе бидат за да имаат коалициски капацитет ќе се знае дури на наредните избори, за кои велат дека треба да се во редовниот термин.

Извор: racin.mk

Latest Posts

Не пропуштај