Последни написи

Сандра Георгиевска, енолог во винаријата „Камник“: Ме фасцинира производството на белите вина, тие се како мали деца кои треба да се хранат и воспитуваат

Сандра Георгиевска, енолог во винаријата „Камник“, сомелиер и оценувач на вина на меѓународни интернационални натпревари за вино, за Агротим ја раскажа својата успешна и инспиративна приказна.

-Мојата приказна како се запишав на Земјоделскиот факултет е благодарение на татко ми, кој спонтано ми ја наметна љубовта кон природните науки. Своето средно образование го завршив во општата гимназија „Орце Николов“. Од сите предмети особено ги сакав природните науки, па така за разлика од моите соученици кои повеќето се запишаа на Економскиот и Правниот факултет, јас решив да се запишам на Земјоделски факултет.

Моите факултетски денови беа во период од 2004 до 2008 година. Во тоа време насоката за изучување на производството на вино спаѓаше во Преработка на земјоделски култури. Сега, гледајќи го временскиот период од 4 години, ми звучи кратко, но првите 2 години бидејќи ми беа најтешки ми изгледаа како цела вечност. Потоа во комуникација со другарите од другите факултети научив дека нашиов факултет има доста предности, на пример, вежбите кои реално ги изработувавме, практичната настава, а најважно професорите беа секогаш достапни за консултации. Дури и да паднете испит, ако навистина сте учеле и отидете на консултации да видите зошто сте паднале, трудот секогаш беше препознаен.

Паралелно со додипломските студии, решив да се вработам додека бев втора година факултет. Иако не беше по струка, беше доволно да се осамостојам. Тоа кај нас во Македонија не е својствено, но во странство поголем дел од децата по завршување на средното образование се вработуваат и се осамостојуваат. Паралелната работа ми беше уште поголем предизвик и мотивација да завршам со студирање во минимален рок. Бидејќи сите ми велеа „Е, сега се вработи, ќе го баталиш факултетот“.

По едногодишна пауза од студиите, во кој период волонтирав во Винарија „Сковин“, читав доста странска стручна литература за производство на вино и согледав дека има уште многу работи да научам, па се запишав на последипломските студии за Енологија последипломските студии за Енологија на Институтот за вино. Последипломските студии траеја две години, но јас не ги завршив во овој рок, бидеќи преполагав доста испити… Јас по природа се стремам кон перфекција и за мене не постои нешто невозможно, а сакам да ги држам работите под контола, па затоа се навраќав на предметите да ги преполагам секогаш кога имаше практични прашања што не знам да ги одговорам. Од денешна перспектива тоа го гледам како голема предност, да можам да се снајдам во различна ситуација.

Една од најголемите предности на овој факултет е што нудат пракса. И во винаријата „Сковин“ и потоа во винарија „Камник“, отидов на пракса преку факултетот.

Во „Камник“, каде што работам веќе 11 години, започнав со волонтирање од 9 месеци. Ја поставив својата магистерска теза. И по изработка на една берба ја препознав љубовта кон оваа професија. Особено ме фасцинираше производството на белите вина, тие се како мали деца кои треба да се хранат и воспитуваат. Па така во 2013 година отидов во Нов Зеланд, каде што во период од 3 месеци работев за време на бербата.

Во период од 2013 до 2015 година навистина брзо напредував и станав одговорна за голем дел од работите во винаријата. Предизвикот е уште поголем бидејќи да се вработиш во престижна винарија, не значи само да го задржиш квалитетот, туку да направиш и повеќе од тоа.

Бидејќи многу ме интересираат аромите во виното, завршив дополнително два курса за сомелиер и аплицирав на неколку интернационални натпревари за вино, како панелист, односно оценувач на вино. Сега веќе трета година сум дел од оценувачите на неколку натпревари за вино во Германија и Италија. Па, се надевам дека со тек на искуството ќе станам и една од главните судии на овие натпревари.

Затоа секогаш кога ќе помислите дека сте ја оствариле целта и сте го освоиле врвот што сте си го поставиле, за да се остане на него треба да си поставите нов врв за освојување. Виното е пред сѐ жива материја, која постојано се менува. И тогаш кога ќе помислите дека сте на сигурно и сте го затвориле во шише, по неполни 3 до 6 месеци може да се јават проблеми. Но како што вика една моја постара колешка, проблемите треба да се гледаат секогаш како нови предизвици!

Затоа ја обожавам мојата работа, бидејќи не само што секоја берба е различна, туку и секој ден ви е различен. Единствен недостаток е што за секој нов експеримент имате шанса само еднаш во годината да го поставите. Затоа скоро пола година се спремаме за секоја нова берба. Ем сте во неизвесност од временските услови, ем од новите предизвици.

За крај би сакала уште еднаш да им се заблагодарам најпрво на семејсвото кое ми овозможи да студирам и сѐ уште неуморно ме поддржува во оваа „машка“ профересија. Но и на професорите од Земјоделскиот факултет најпрво за знаењето и искуството кое несебично ми го пренесоа и на праксата што ми ја овозможија – ја заврши својата мотивирачка приказна Сандра, која неуморно продолжува да се надградува и да ниже успеси во својата кариера.

Извор: agrotim.mk

Latest Posts

Не пропуштај