More

    Полиграф: Кој дезинформира за депортацијата на Евреите од Македонија?

    На 13.03.2023, повеќе медиуми го пренесоа тврдењето на претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов: „Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски ја оправдува нацистичка Германија за смртта на 11.000 Евреи, обвинувајќи го Кралството Бугарија“.

    Повеќе медиуми ја пренесоа и изјавата на евро-пратеникот Џамбаски дека „Пендаровски уште еднаш излажа дека властите во Софија имаат врска со депортацијата на Евреите од териториите на денешна Северна Македонија. Докажан историски факт е дека се работи за целосна и крајна лага.“

    Но, во обраќањето на 12.03.2023, Пендаровски ги осуди „нацизмот и фашизмот“, а ја предводеше и Поворката на живите, во спомен на македонските Евреи депортирани во „нацистичкиот логор Треблинка“. Следствено, невистинито е тврдењето дека Пендаровски ја оправдувал нацистичка Германија за смртта на 11.000 Евреи.

    Дали тогашните власти во Софија имале врска со депортацијата на Евреите од териториите на денешна Северна Македонија? Во Енциклопедијата на Холокаустот пишува: „За време на војната, Бугарија, сојузничка на Германија, не ги депортирала Евреите од основните области на Бугарија. Меѓутоа, бугарските власти ги депортирале еврејските жители од грчките и југословенските територии кои Бугарија ги окупирала во 1941 година… Севкупно, Бугарија депортирала над 11.000 Евреи на територија под контрола на Германија.“

    И во Светскиот центар за сеќавање на холокаустот „Јад Вашем“ е истакната улогата на Бугарија во депортирањето на Евреите од Македонија до „кампот на смртта Треблинка“, поконкретно, на војниците, полицијата и бугарските  службеници. И во статијата за „Холокаустот во Македонија“ на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија пишува: Во низа од три транспорти, кои започнале на 22.03.1943 година, бугарските стражари натовариле 7144 Евреи во добиточни вагони и ги придружувале до Лапово, каде требало да им бидат предадени на Германците“.

    И група бугарски интелектуалци побара „Бугарската држава да ја признае јавно, искрено и безусловно својата одговорност, поднесувајќи извинување за прогонот и за депортирањето на Евреите во годините на Втората светска војна“.

    Накусо, невистинити се тврдењата дека бугарските власти немале врска со депортацијата на Евреите од Македонија. Напротив, историски факт е дека бугарската држава, која стапила во Тројниот пакт, била соучесник во Холокаустот на Евреите од Македонија.

    Извор: ima.mk

    Exit mobile version