More

    ЕУ грант од 70 милиони евра за скопската пречистителна станица, се чека договорот за изведувач

    С. Македонија доби грант од 70 милиони евра од Европската Унија, со што се заокружи финансиската конструкција потребна за изградба на скопската пречистителна станица  тешка 200 милиони евра. Договорот за грантот денеска го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик претседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, во присуство на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир.

    Со пречистителната станица, која треба да се гради во близина на населбата Трубарево, ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води од Скопје и ќе има капацитет да ги задоволи потребите на 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, со што ќе се подобри и хемискиот и бактериолошкиот квалитет на речните води на Вардар.

    По заокружувањето на финансиската конструкција за капиталниот објект, останува да се потпишат договорите за изведба и надзор од страна на Градот Скопје и јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Иако евалуацијата на понудите е завршена одамна, процесот е закочен во оваа позиција веќе неколку месеци.

    Министерката Каја Шукова денеска изјави дека работат на надминување на предизвиците со Градот Скопје и дека разговарале со градоначалничката Данела Арсовска, а договорите наскоро ќе бидат потпишани.

    „Овој проект е над сите политички интереси во земјава и императив ако сакаме да бидеме дел од европското семејство, но и уште една потврда за конкретната поддршка што ѝ ја дава ЕУ на земјава“, рече Шукова.

    На денешниот настан присуствуваше и скопската градоначалничка Данела Арсовска, која изјави дека во овој момент во процесот нема проблем, но и тврдеше дека тоа е така, затоа што тие шест месеци се бореле да не дозволат да настане проблем. Арсовска не прецизираше дали и кога ќе се потпише договорот, туку само рече дека мора да се запазат сите формално-правни аспекти кои ги бара нашето право.

    „По завршување на сите неопходни постапки, верувам дека на следниот настан ќе се официјализира сето она што „Водовод и канализација“ го работеше изминатите пет години. Ова е најголемиот екокапитален проект во земјата и во регионот со кој ќе имаме прочистување на над 90 проценти од урбаните отпадни води во градот и кој комплементарно се надополнува со други проекти кои се работат, како што е справувањето со проблемот што 60 проценти од водите не завршуваат кај корисниците туку се одлеваат“, рече Арсовска.

    Вицепремиерот Маричиќ истакна дека симболично, на Светскиот ден на водата, земјата се обврзува да биде дел од промената која подразбира одговорен однос и заштита на водите. Тој нагласи дека членството во ЕУ не значи само исполнување на критериумите и усогласување на законодавството, туку и конкретна помош за државата и придобивки за граѓаните.

    Министерот Бесими потенцираше дека овие 70 милиони евра се грант за кој не треба да се задолжиме, да платиме камата, ниту пак да го вратиме, што е уште една потврда дека членството во ЕУ не се само формален или политички процес, туку вистинско подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните.

    Евроамбасадорот Гир истакна дека проектот во кој ќе се намали протекувањето и 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби, е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население, а ќе помогне и водата од реката Вардар да не биде толку загадена.

    „Откако ќе биде пуштена во функција, пречистителната станица ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно европските стандарди“, посочи Гир.

    Заменик претседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Лилјана Павлова потсети дека се работи за најголем инвестициски грант за Северна Македонија во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан. Таа укажа дека земјава има богатство на вода и дека треба добро да ја чува и да се осигура дека нејзиниот квалитет за пиење е на најдобро можно ниво.

    Мета.мк веќе неколку години пишува за текот на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води за главниот град. Капиталниот проект беше најавуван дека ќе започне уште во 2019 година, но и по четири години сè уште не е целосно финализирана постапката за негова изградба.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version