Последни написи

Дебата на АЛПИ: Неопходна е дигитализација на универзитетите

На македонските универзитети недостасуваат сеопфатни дигитални платформи и лиценцирани апликации кои ќе се одржуваат редовно и ќе бидат достапни за сите студенти и професори. Онаму каде што се користат дигитални услуги, студентите се задоволни од искуствата. Професорите, од една страна, поддржуваат настава во живо, додека студентите претпочитаат хибридна настава. Ова се дел од заклучоците во анализата „Дигитална трансформација во високото образование – младински перспективи“ издадена од Меѓународниот републикански институт (ИРИ), чиј автор е Бојан Кордалов од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Заклучоците од анализата беа презентирани на вчерашниот настан „Дигитални реформи за современо високо образование-младински перспективи“, во организација на Институтот за напредно политичко лидерство – АЛПИ, поддржан од ИРИ.

На првата сесија од настанот говореа претставници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово (ЈИЕ Универзитет).

Проректорката за настава на УКИМ, Христина Спасевска истакна дека дигитализацијата е скап процес и дека УКИМ постоечките дигитални услуги и системи сега ги одржува со сопствени ресурси. Додаде дека е потребно системите постојано да се ажурираат со цел да останат релевантни и да бидат во тек со промените.

„Дигитализацијата не е евтин процес – бара не само да го купите софтверот, туку бара и нешто повеќе – да имате стручен и обучен технички кадар и професори. Ние знаеме колку е тешко да задржиме информатичари да работат за плата во администрацијата, веројатно сите универзитети го имаат тој проблем. За среќа имаме факултети што ни ја даваат цела платформа и сето тоа го развиваме со сопствени ресурси, и финансиски и човечки. Сите сме свесни дека после извесен период овие алатки мора да се заменат со нови. Ако во високото образование не изградиме одржлив концепт на унапредување на дигитализацијата, ништо не сме постигнале. Алатките секојдневно се менуваат, сето тоа бара големи буџети и редовна посветеност на дигитализацијата“, посочи Спасевска на дебатата.

Проректорката за наука на УГД Зденка Стојановска истакна дека дигитализацијата е потребна не само заради правилно функционирање на универзитетите, туку и за универзитетите да бидат поотворени и подостапни. УГД е позитивен пример каде што и образовниот и административните процеси се целосно дигитализирани.

„Нашите студенти не знаат што значи да стоиш во студентски прашања со саати или да чекаш на ред во банка да уплатиш. Сме виделе дека тоа е начин на правилно функционирање не само како дигитализација, туку како достапност на информации и подобрување на комуникацијата“, истакна Стојановска.

И Стојановска подвлече дека при дигитализација, најважен е човечкиот фактор и затоа е потребно да се направи национална стратегија за професиите како информатичарите.

„Еве ќе се направи и имплементира систем, но информатичките технологии секоја недела одат напред, а не пак за десет години. Ако немаме кој тоа да го следи, а ние не сме популарни – кој информатичар би дошол да работи на универзитет кога тие веќе во трета година од студиите имаат понуди да работат како фриленсери? Никој нема да работи за некои симболични суми. Кога ќе се направи една национална стратегија и ќе се дигитализира образованието, ќе има придобивки за целиот систем на целото образование, а не вака индивидуално кој како се снајде и кој како ќе добие. Ние мора да се следиме едни со други“, потенцираше Стојановска.

Дека е потребно справување со одливот на млади информатичари се согласи и деканот на Факултетот за современи науки и технологии при ЈИЕ Универзитетот – Тетово, Џемал Зенуни. Тој истакна дека е потребна соработка помеѓу државните институции и универзитетите.

„ИТ секторот е глобален сектор и ние се наоѓаме во конкуренција со светот каде што секако дека платите се многу повисоки од тоа што ние го нудиме. Сметам дека заминувањето на млади информатичари бара итни мерки за одржлив економски развој, социјален развој и мора да преземеме мерки во државава за тие да останат тука и да придонесат за развојот. Владата не треба да има само општи ресурси, туку и човечки ресурси. Ова мора да се направи во соработка меѓу институциите и универзитетите“, рече Зенуни.

Итни мерки за дигитализирање на образованието во интерес на студентите побараа и младинските претставници кои говореа на втората дебата.

фото: Институт за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП)

Претставничката на АЛПИ и модераторка на дебатата за млади, Арта Ќерими истакна дека е потребна поддршка за младите кои ги иницираат дигитализираните процеси и поголем слух од институциите за барањата, потребите и заложбите на младите.

Заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски, рече дека дигитализацијата е бран кој ги зафаќа сите институции и целото општество.

„Токму оваа анализа ни помага да видиме кои се индикаторите и фокус групите каде најмногу треба да се посвети внимание“, рече Трајановски.

Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени рече дека младите имаат прагматични барања – целосна дигитализација и поголемо промовирање на хибридното учење.

„Ние како млади не сакаме кога ќе дојде февруари и кога треба да го запишеме семестарот, да изгубиме три часа на Студентски прашања, затоа што како студенти имаме сто проблеми, а чекањето пред шалтерите не треба да биде еден од нив“, рече Ходаи.

Младите се согласија дека во земјава голем број на студенти студираат на програми од областа на информатичките науки и овој податок треба да се искористи за подобрување на состојбата со дигитализацијата.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ), Славчо Темелковски додаде дека нема дефицит, туку постои суфицит на ИТ кадар на пазарот на труд.

„Ако на УКИМ му треба некој што ќе го одржува тој систем, а зборуваме дека дигитализацијата е важна, тогаш логично да се плати повисока сума за тој вработен отколку другите вработени за тоа работно место. Доколку треба да се издвојат 90.000 или 120.000 денари, ќе се издвојат и само така ќе докажеме дека дигитализацијата ни е важна“, истакна Темелковски.

Демир Демири од студентското собрание на ЈИЕ Универзитетот во Тетово рече дека дигитализацијата на овој приватен универзитет функционира добро и дека тој процес нема крај, туку постојано се ажурира и подобрува.

И претседателката на студентското собрание на УГД, Сара Денкова, го посочи универзитетот на кој студира како „најдигитализиран“ во однос на достапноста што ја имаат студентите.

„Секој студент, без разлика од каде и да доаѓа, има можност од дома да врши и заверка и упис на семестар. Има можност за пристап до електронски индекс, имаме развиено е-библиотека. И за време на пандемијата имавме непречена можност да се справиме со целата таа ситуација“, истакна Денкова.

Анализата на ИРИ заклучува дека е неопходно инвестирање во компјутерски и други уреди, квалитетен интернет и дека дигиталната трансформација не смее да се претвори во привилегија, туку треба да нуди можности за сите. Истражувањето ги опфати трите универзитети – УКИМ, УГД и ЈИЕ Универзитетот и кај сите е заклучено дека недостасува дигитален пристап до научни извори и публикации.

Младинската иницијатива која има за цел да утврди до каде е процесот на дигитализација во високото образование ја повеле младинските претставници од првата генерација на АЛПИ – Арта Ќерими, Бојан Никовски, Хилал Беќири, Александар Трајановски, Наум Лекоски и Евгенија Јанакиеска.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај