Последни написи

ЕУ Делегација: Граѓанските организации не треба да се воздржуваат од критички однос кон реформите

Повеќе домашни медиуми изминатата недела пренесоа извештај во кој е наведено дека двајца европски дипломати наводно испратиле пораки дека ќе вршат ревизија на организациите и на партнерите со кои соработува Европската Унија во Северна Македонија. Како што беше наведено во новинарските извештаи, делегатите имале забелешки за работата на граѓанските организации и за медиумите поддржани од европските фондови.

Самата оваа објава беше сомнителна од аспект што не беше наведен изворот на наводите, ниту датумот кога се одржал наводниот брифинг, не беше посочена локацијата, а немаше ниту индикација за кои дипломати станува збор. Воедно, наводите во написите не беа потврдени од независни извори, ниту пак од официјален извор.

Во медиумите меѓу другото беше пренесено дека „неименуваните дипломати на ЕУ“ одржале брифинг со македонски невладини организации, од кој потоа бил изготвен и транскрипт. Овој транскрипт бил доставен до само неколку медиуми.

Дел од нив цитираа делови од овој транскрипт на македонски јазик, кој ако се прочита внимателно, ќе се забележи дека изобилува со граматички грешки и изгледа како да е непрецизно преведен.

Па така, во транскриптот стои дека дипломатите биле загрижени за „три главни состојби во вашата земја од аспект на медиумите и граѓанското општество: сѐ поголемото влијание на хибридните закани со цел да извршат ерозија на довербата во системот на земјата и го поткопаат ЕУ пристапниот процес и преговорите; зголеменото ширење на дезинформации и лажни вести, како и недоволната посветеност на дел од про-ЕУ декларираните организации кон Европската Унија и интеграцијата на вашата земја; и немањето нивната транспарентност“.

На наводниот брифинг за кој постојат сомневања дека воопшто се одржал, во медиумите пишуваше оти било порачано дека ЕУ „само во последните неколку години“ ги поддржала граѓанското општество и медиумите со речиси 10 милиони евра, а за возврат од нивна страна сега се барала целосна посветеност кон ЕУ агендата, пред сè поради „хибридните закани, дезинформациите и недоволната посветеност кон европските вредности“.

Исто така, се посочува и за наводен нов due-diligence на организациите од граѓанскиот сектор „поради одредени добиени загрижувачки состојби во дел од организациите на локално на национално ниво“.

Мета.мк разговараше со повеќе претставници од поголемите граѓански организации во земјава, од кои ниту еден не потврди дека приисуствувал, или, пак, бил повикан на ваков брифинг со европски дипломати.

Од ЕУ Делегацијата за Мета.мк индиректно ги демантираат ваквите тврдења велејќи дека финансиската поддршка за граѓанските организации се обезбедува „за спроведување конкретни активности кои ги унапредуваат основните вредности врз кои е основана ЕУ и на кои Северна Македонија е исто така посветена. Ова вклучува почитување на човековите права, владеењето на правото и демократските вредности.“

Оттаму додаваат дека иако очекуваат организациите што ги поддржуваат да дејствуваат со професионализам и интегритет и да ги споделуваат истите вредности, сепак „граѓанското општество мора секогаш да биде слободно да ги изразува своите ставови за случувањата и да дејствува независно“.

Понатаму, додаваат дека очекуваат „граѓанските организации да не се воздржуваат од критичко насочување кон процесот, реформите или кон самата ЕУ“.

„Граѓанското општество има важна улога во секое демократско општество, со тоа што дејствува како контрола на властите, преку обезбедување експертиза, промовирање иновации и креативност и зајакнување на демократската одговорност. Токму поради оваа причина, Европската Унија е долгогодишен и постојан поддржувач на граѓанското општество на глобално ниво, вклучително и преку обезбедување финансиска помош“, се вели во реакцијата од ЕУ Делегацијата.

Во реакцијата се вели дека истото важи и за граѓанските организации во Северна Македонија, која како што велат сега е земја-преговарач за членство во ЕУ.

„Во овој контекст, граѓанското општество може да игра многу позитивна улога и да дејствува како партнер во промовирањето на реформите и унапредувањето на агендата за интеграција во ЕУ. Ова не значи дека граѓанските организации треба да се воздржуваат од критичко насочување кон процесот, реформите или воопшто, кон самата ЕУ. Сепак, нормално е и здраво понекогаш да има разлики во мислењата“, велат оттаму.

Соопштението од наводниот брифинг со неименуваните дипломати беше објавено непосредно пред официјалната посета на високиот претставник на Европската Унија, Жозеф Борел, и комесарот на ЕУ за проширување и добрососедство Оливер Вархеји, по повод 16. Совет за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија што првпат се одржа во Скопје.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај