Последни написи

Истрефи, Балкан Форум: Потребни ни се храбри лидери кои склучуваат договори затоа што сакаат, а не затоа што мораат

Во пресрет на критичната средба на највисоко ниво меѓу премиерот на Република Косово, Албин Курти и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, очекувањата, надежите и стравувањата беа високи. Редакцијата ЦИВИЛ Медиа, во соработка со своите извори и експертите кои редовно пишуваат за најважните прашања, настани и процеси во земјата и во светот, објави низа прилози и одлични прогнози и анализи на состојбите.

Пред средбата беа објавени голем број изјави на домашни, регионални и европски аналитичари, новинари и политичари, меѓу кои и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, ЕУ комесарот Жосеп Борел, националниот координатор Марјан Забрчанец, новинарите Жељко Шајн и Еуген Сарачини и многу други. Меѓу другите, анализата на Љубомир Костовски, под наслов „Белење“ на бриселскиот договор на Билјанините Извори ги откри главните карактеристики на признавањето на една држава – имплицитно и експлицитно, заклучувајќи дека Србија имплицитно веќе го признала Косово.

Политичкиот аналитичар и првиот човек на тинк-тенк организацијата Балкан ФорумАстрит Истрефи, беше еден од соговорниците на ЦИВИЛ Медиа во пресрет на средбата Вучиќ – Курти. Тој, меѓу другото, во видео интервјуто направено во Приштина на 13 март, објавено под наслов Важно е да има договор за дијалогот меѓу Косово и Србија започнат во 2011 година, прогнозираше дека во Охрид нема да се потпише никаков договор, но дека средбата има големо значење. Според него, „важно е двајцата лидери да се сретнат, за да се воспостави патот до имплементација“, како и тоа дека средбата во Охрид не се организира за да се разговара за Договорот за нормализација, туку за чекорите за имплементација. Така и беше.

Ден по завршувањето на средбата меѓу лидерите на Косово и Србија, со посредство на европските олеснувачи, направивме уште едно (онлајн) интервју со Истрефи, во кое побаравме да го коментира исходот од овој настан, Анексот за имплементација, како и перспективите на процесот започнат во 2011 година. Нашиот соговорник прави одлична поента, велејќи дека е потребно лидерство, визија и храброст за процесите да бидат навистина успешни.

ЦИВИЛ МЕДИА: Кој е вашиот коментар за Анексот за имплементација договорен на средбата меѓу Косово и Србија на 18 март во Охрид?

АСТРИТ ИСТРЕФИ: Договорот постигнат на 18 март 2023 година во Охрид, Северна Македонија, меѓу Србија и Косово за Анексот за имплементација на Договорот од 27 февруари 2023 година, е токму пораката што на двете земји, Европа и светот очајно им е потребна во овие тешки времиња.

Договорот е од исклучително висока важност за намалување на зголемените тензии меѓу Косово и Србија.

Тој ги поставува условите за ублажување на реториката за генерирање конфликти на српскиот претседател Вучиќ и на косовскиот премиер Курти, како што беше потврдено во нивните соодветни говори веднаш по објавувањето дека е постигнат договор.

Понатаму, се надеваме дека со постигнувањето на овој договор, лидерите на Косово и Србија конечно ја научија суштинската лекција дека зборовите, гестовите, симболиката и ставовите се важни и носат страшни последици, особено во овој клучен геополитички момент во светската историја кога се обликува нашата иднина.

ЦИВИЛ МЕДИА: Дали гледате слабости во Договорот и Анексот и кои би биле тие?

АСТРИТ ИСТРЕФИ: Договорот постигнат на 27 февруари и Анексот за имплементација договорен на 18 март уште еднаш открија една голема слабост. Уште еднаш се докажа дека она што им треба на двете земји и народи не се силни лидери како Вучиќ и Курти, ниту „тиранија на мнозинството“.

Трансформацијата на конфликтите и трајниот мир може да се постигнат само со визионери и храбри лидери кои склучуваат договори затоа што сакаат, а не затоа што мораат или затоа што така треба.

Охрид беше уште еден пример дека Вучиќ и Курти не се такви лидери. Тие не постигнаа договори водени од нивните вистински верувања, визија и храброст дека прекинувањето на циклусот на вековни непријателства, омраза и гледање меѓусебно низ нишан е од огромно значење. Според нив, тие биле под „огромен притисок од меѓународната заедница“ и така постапиле поради страв од можни последици – не поради мудроста или стремежот да се постигне долготраен мир. Единствениот придонес од таквите лидери за нивните народи е долготраен конфликт кој никогаш не завршува.

ЦИВИЛ МЕДИА: Тогаш, кое би било решението?

АСТРИТ ИСТРЕФИ: Народите и на Косово и на Србија треба да бараат лидери кои ќе се осмелат да сонуваат како германскиот Аденауер и францускиот Де Гол, или барем да размислуваат како Заев од Северна Македонија.

Џ. Дерала

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај