More

    Почна судењето за „Империја“- Панделевски тврди дека е невин, Митровски призна вина

    Со воведни зборови на обвинителството, во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето за случајот „Империја“ против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.

    Во овој случај обвинети се Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра. Прво и второобвинетиот се гонат за „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“, а на првообвинетиот на товар му се става и кривичното дело „измама“ за кое се товари и третообвинетиот.

    Сопственикот на компанијата „Езимит“, Зоранчо Митревски, посочи дека чувствува вина за делата што му се ставаат на товар. Сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески, и пред судот рече дека не е виновен. Берзанскиот брокер Јованче Тасковски на следното рочиште ќе се произнесе за вина.

    Обвинителката Лиле Стефанова, пак, е децидна дека ќе докаже оти тројцата бизнисмени, кои не се спогодија за „Империја“, се виновни за делата што ги сториле. Таа пред судот посочи дека за предметот имало обемна истрага, во која се собрани голем број докази. Стефанова му посочи на судот дека очекува осудителна пресуда. Таа побара судот да им ја одзеде и имотната корист.

    „Обвинителниот акт против обвинетите Цветан Панделески, Зоранчо Митревски и Јованче Тасковски за кривичните дела што се наведени е резултат на една обемна и долготрајна истрага. Во оваа постапка предмет на истражување беа повеќе осомничени лица, повеќе кривични дела сторени во подолг временски период, а некои од обвинетите, кои беа предмет во оваа истрага, го завршија со внесување пресуди врз основа на спогодби. За обвинетите, кои се предмет на ова обвинение, по завршување на истрагата, иако некои беа под истрага и за други кривични дела, Јавното обвинителство собра доволно докази за да очекува осудителна пресуда за дејствата што се опишани во диспозитивот на обвинението“, рече обвинителката Стефанова.

    Таа во детали раскажуваше кои од фирмите на обвинетите колку приход добиле, како што рече, со сторувањето на кривичните дела.

    „Пред судот ќе изведам повеќе материјални и вербални докази, од кои судот со сигурност ќе ја утврди фактичката состојба од обвинителниот акт. Преку материјалните докази и исказите на сведоците, ќе се утврди дека обвинетите Цветан Панделески и Зоранчо Митревски заедно со осудениот Ванче Мијалчев ги искористиле своите ингеренции во АД ‘Бетон’ – Штип, па прибавиле значителна имотна корист за правни лица на кои тие биле сопственици“, додаде Стефанова.

    Обвинителката тврди дека ќе докаже и како Панделески и Митревски ги префрлале парите за кои знаеле дека се од сторени кривични дела.

    „Обвинетите постапувале по веќе создаден план за стекнување противправен имот. Иако знаеле дека градежно земјиште е лоцирано во Центар, кое било во сопственост на правно лице, немало одобрение за градба, немало процена на уделот, земјиштето веќе било дадено под хипотека за кредит од Стопанска банка АД Битола, ги искористиле своите овластувања и на седница на одборот на директори потпишале записник со предлог-одлука за добивање зделка со заинтересирана страна да се откупат уделите на правното лице ‘Омега билдинг’, кое како единствен имот го имало ова земјиште“, посочи Стефанова.

    Во вториот дел на обвинителниот акт се опфатени берзанскиот брокер Јованче Тасковски заедно со Цветан Панделевски.

    „Личи на сложена измама од највисок вид за која судот сигурно ќе го убедиме, при што успеале да измамат долгогодишен стопанственик и да заработат милионски суми. Ќе докажеме дека Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и обвинетите Јованче Тасковски заедно со Цветан Панделески, со намера да прибават противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, како соизвршители ја довеле во заблуда оштетената Кираца Трајковска, да презема дејствија со кои нанела значителна имотна штета и на себе и правното лице, а притоа биле искористени и поголем број акционери на правното лице ‘Ферпшед’. Од доказите што ќе ги изведеме судот ќе се увери дека обвинетите, знаејќи дека акциите од ‘Ферпшед’, кои ги поседувале Трајковска и правното лице, се заложени да се земе кредит од Комерцијална и од Еуростандард банка, тие не се во можност да ги сервисираат своите обврски. Јордан Камчев со претходен договор со Цветан Панделески имал цел акциите на Кираца и на правното лице да му бидат продадени Штерјо Наков. Знаејќи дека Кираца Трајковска нема да се согласи со таквата продажба, ја довеле во заблуда дека ќе ѝ помогнат за исплата на кредитот, а таа да му помогне на правно лице од странство“, посочи Стефанова.

    Објаснуваше и што направил обвинетиот брокер Тасковски.

    „Обвинетиот Јованче Тасковски ги оневозможил акционерите слободно да тргуваат со акциите. И затоа нагло пораснала цената на слободните акции на ‘Фершпед’. За да ги земат акциите по помала цена од онаа на берзата, создале план по кој постапиле и акциите што ги имале Кираца Трајковска и правното лице ги запишале како основачки влог на ново правно лице, а притоа Панделески продолжил да купува акции од ‘Фершпед’, па во неработен ден, во просториите на брокерската куќа во присуство на Тасковски, Јосифовиќ и нотарот Сашо Писаровски, Кираца Трајковска добила документација за потпишување, со која се основа ново правно лице. За управител го поставиле Ненад Јосифовиќ, а со тоа ѝ дале да потпише и документација за отуѓување на правното лице. Следниот ден правното лице било пренесено на правното лице ‘Син фајненс“ ДООЕЛ, правен следбеник на друга фирма. Правното лице било користено на неговата сметка да биде пренесена имотната корист“, додаде таа.

    „Се чувствувам виновен за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Се чувствувам виновен и за перење пари и други приноси. Признанието го давам доброволно, не сум прислиен, здравствената состојба ми е одлична“, изјави бизнисменот Зоранчо Митревски, сопственик на „Езимит“.

    Панделески не призна вина, а ниту го разбира обвинението.

    „Обвинението не можам да го разберам, не се чувствувам виновен. Со оглед дека многу адвокати и правници не може да го разберат, не барајте од мене, економист, да го разберам. Таму пишува по претходни договори, за кои не се наведени настан, време, место“, рече Панделески.

    Беше побарана пауза по која се бараше одложување на рочиштето.

    „Се консултирав со клиентот. Условно кажано, тој се двоуми да признае, но и да не признае вина поради тоа што се работи за специфичен кривично-правен настан. На клиентот му кажав дека има трошоци на постапката, а тој не може да ги покрие. На Тасковски му треба временски период за тоа да се консултира со своите членови на семејството“, рече Мерџан Даути, адвокат на Тасковски.
    Помеѓу спогодбите беше и спогодбата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал со што беше осуден на 3 години затвор и исплата од 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот и му беше одземен и имот во вредност од околу 30 милиони евра.

    Спогодба, исто така, направи и бизнисменот Орце Камче кој доби казна затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на управата за јавни приходи заради пресметан непалтен данок со фирмата „Орка холдинг“.

    (Извор: 24инфо)

    Exit mobile version