More

    Каде се наоѓаме на Атласот на европските вредности?

    Брисел е пред предизвик со проширувањето да осигура поголема блискост и доверба на населението од Западен Балкан во ЕУ, а ние со политиките и мерките да го намалиме сѐ понагласениот евроскептицизам во регионот.

    Тони ПОПОВСКИ

    Студијата за европски вредности е меѓународна програма за истражување на основните човечки вредности, чија цел е да се направи увид во идеите, верувањата, преференциите, ставовите, вредностите и мислењата на граѓаните ширум Европа. Се работи за уникатен и исклучително комплексен истражувачки проект за тоа како Европејците размислуваат за животот, семејството, работата, религијата, политиката и општеството. Во рамки на оваа програма кон крајот на 2022 година од страна на холандскиот Универзитет во Тилбург беше публикуванo третото издание на Атласот на европските вредности, насловено „Промена и континуитет во турбулентни времиња“, а во кое е направен избор од податоци од спроведена анкета на репрезентативен примерок од население во 36 држави и презентирани се повеќе од 200 информативни графикони и мапи, проследени со анализа на истражувачите.

    Во предговорот на публикацијата, претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дер Лајен ќе нагласи: „ Европската унија е заедница на вредности и мировен проект, кој излезе од трагедијата на војната и беше заснован на почитување на човековото достоинство, човековите права, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото. Ова се фундаментални вредности кои отворените општества ги споделуваат и мора да ги бранат. Општества во кои се разбираме и се гледаме – сите поединци – како еднакви, и достоинствени. Слободни сме да размислуваме и чувствуваме и да се определуваме како што сакаме. Атласот на европските вредности го дели истото фундаментално верување како европскиот проект: дека сме обединети во диверзитетот. Во поновата историја на Европа, образованието е вакцина против насилство. Образованието е повеќе од знаењето за факти; тоа е познавање на вредностите. И поради тоа Атласот е толку скапоцен“.

    Во продложение само два извадоци од Атласот, поврзани со актуелните политички предизвици и политичката понуда кај нас, а кои го определуваат нашето место на картата на европските вредности.

    На прашањето „Какво е Вашето чувство за блискост кон Европа“, само 10% од нашите испитаници одговориле „Многу блиски“, близу 27% се определиле за „Блиски“, околу 41% го избрале одговорот “Не многу блиски“ и 22% се определиле за „Ниту малку блиски“.  Од дијаграмот подолу може да се согледаат наодите за другите држави –  кандидати за членство во ЕУ. Предничат Босна и Херцеговина (BA) и Црна Гора (ME) во изјаснување за „Многу блиски“ со околу 20% од испитаници, додека под 10% од испитаниците во Албанија (AL) и Србија (RS) се имаат определено за овој одговор. Сепак, според соодносот на испитаници кои одговориле „Многу блиски“ и „Блиски“, на прво место е Црна Гора (надминува и 7 држави членки на ЕУ) , следена од Босна и Херцеговина, Србија, на претпоследно место е Македонија и последна е Албанија.

    На прашањето „Дали имате доверба во ЕУ“, над 16% од нашите испитаници се изјасниле дека имаат „Одлична (доверба)“, а околу 34% дека имаат „Навистина многу (доверба)“, 26 % го избрале одговорот „ Не многу (доверба)“ и преостанатите 24% дека „Немаат никаква (доверба).

    Споредбата на државите кандидати за членство во ЕУ покажува дека најголем број испитаници кои ги избрале одговорите „Одлична“ и „Навистина многу (доверба)“ во ЕУ, се од Албанија (вкупно над 75%), потоа од Црна Гора (над 56%), Македонија и Босна и Херцеговина со околу 50%, и на последно место Србија со помалку од 24%.  Доколку се споредиме со членките на ЕУ, со исклучок на Србија, во останатите четири држави кандидати има поголема доверба во ЕУ отколку во 12 држави членки на ЕУ, меѓу кои и Бугарија.

    Намената на ваков тип на комплексни истражувања е првенствено да се информираат одлуките кои се носат во ЕУ, а кои се поврзани со заедничките политики, меѓу кои и политиката за проширување. Поврзано со последново, ЕУ е пред предизвик, ефикасно и ефективно и на колку е можно покус рок да осигура чувство на многу поголема блискост и доверба на населението во најблискиот регион – Западниот Балкан. Од друга страна, наодите се полезни и за државите кандидати за членство, бидејќи како појдовна точка, само од овие два извадоци од Атласот, а ги има преку 200, може со голема сигурност да се заклучиме дека потфрламе со политиките и мерките кои стратешки треба да резултираат со поголема блискост и поврзаност со вредностите на ЕУ и да ја зголемат довербата во ЕУ, односно да го намалат сѐ понагласениот евроскептицизам во регионот.

    Одговорни за овие политики и мерки се политичките партии, медиумите, образовниот систем како целина но и други засегнати и влијателни страни, како граѓанскиот и приватниот сектор.

    Извор: racin.mk

    Exit mobile version