Последни написи

Евтини макарони

 

Атанас Кировски

Кинескиот претседател Џи Јинпинг се подготвува да ја оствари својата прва официјална посета на Москва, откако Русија изврши инвазија врз Украина. Посетата се случува само неколку дена откако меѓународниот суд во Хаг го обвини рускиот претседател Владимир Путин за воени злосторства – конкретно, за депортирање деца од воените жаришта во Украина во Русија, каде што според истражувањето на универзитетот Јеил – поддржано од американскиот Стејт Департмент, децата се носат во кампови за „политичка едукација“ каде што развиваат љубов кон „Мајка Русија“.

 

Многумина сметаат дека налогот за апсење на Путин од трибуналот во Хаг, ја поткопува можноста за прекин на војната во Украина, и го намалува неговиот маневарски простор, наместо да го насочи кон дипломатско решение на судирот. Бездруго, потерницата од Хаг значи и драстично намалување на опциите на Путин да патува надвор од Русија и евентуално да преговара со западни политичари за некакво решение на конфликтот во Украина.

Меѓународната заедница е длабоко загрижена од посетата на „еден од најмоќните луѓе на планетата“ на Москва. Иако Путин ја најавува посетата на кинескиот претседател како „подготвеност на Кина да игра конструктивна посредничка улога во решавање на судирот во Украина“, меѓународната заедница стравува од резултатите на оваа посета, кои можат да претставуваат зајакнување на блок против Западот, но и директна помош на Кина кон Русија во оружје, ресурси и пари. Исто така, Русија токму преку Кина ги бајпасира последиците од западните санкции врз Русија, а Пекинг и Москва ги зајакнуваат економските и трговските односи, особено во енергетскиот сектор, а во најава се и и нафтоводи и гасоводи од Русија кон Кина.

Аналитичарите на Би-Би-Си од Пекинг предупредуваат дека на Кина всушност и одговара долга исцрпувачка војна во Украина која ги троши ресурсите на НАТО, но уште повеќе ја ослабнува поддршката за интервенција внатре во самите западни земји, така што во еден миг тие не би поддржале нова таква интервенција, по долгата војна во Украина, што за Кина би претставувала можност да интервенира во Тајван.

По преговорите во Охрид за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, силно поддржани од ЕУ и САД, првичните позитивни резултати и оптимизам како да спласнуваат. Договорениот протокол кој беше поздравен безмалку од сите, за американскиот професор од универзитетот Џон Хопкинс Даниел Сервер е спогодба која ќе направи повеќе конфузија и штета во иднина, отколку што ќе ги нормализира односите. Тој смета дека протоколот има сериозни недостатоци. Прво, тој е фокусиран на процесот, а не на суштината, односно “не подразбира обврска за признавање на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово“. Втората слабост на протоколот е упорното одбивање на Србија да го потпише. Официјалните претставници на ЕУ и САД, сметаат дека формалното потпишување на протоколот и не е толку важно, но тоа, како што тврди професорот  е погрешно. Според меѓународното право, потпишаните спогодби и протоколи ги обврзуваат државите. Непотпишаните, не ги обврзуваат. „Србија во секој миг може да се повлече од сите спогодби со Косово, затоа што се тие непотпишани“, смета Сервер.

Во Соединетите Американски Држави, се најавува голема политичка бура на внатрешен план, и остар судир помеѓу демократите и републиканците. Сè поизвесно е дека окружниот обвинител на Менхетн ќе даде налог за апсење на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Самиот Трамп, смета дека тој ќе биде уапсен во вторник, и ги повика неговите поддржувачи на масовни демонстрации. Двајцата највлијателни републиканци – поранешниот потпретседател Мајк Пенс и главниот претставник на републиканците во Конгресот Кевин МекКарти – се изјаснија против правното гонење на Доналд Трамп и велат дека обвинението кое се подготвува е политички мотивирано. Јавниот обвинител на Менхетн Алвин Браг е демократ, што дополнително го политизира целиот случај. Поранешниот потпретседател Пенс вели дека во ситуација кога Њујорк се дави од криминал – приоритет на јавниот обвинител е да изготви обвинение против поранешниот претседател Трамп. „Тоа ви говори сè што треба да знаете за радикалната левица во САД“, порача Пенс.

По насилствата во Конгресот, откако Трамп го обвини својот противкандидат Џо Бајден за лажирање на изборите, Америка е сè повеќе поделена земја, или поточно, има две паралелни Америки кои сè потешко коегзистираат. Апсењето на Трамп, бездруго би ја затегнало ситуацијата, особено ако се случат и масовни демонстрации на кои тој самиот повикува.

И конечно, во паралелниот универзум – кој и натаму е најбитен за медиумите во Македонија, премиерот и министерот за економија се сликаа со кошничките и зимбилите како пазарат по пиљарите – за да ги уверат граѓаните дека се почитуват мерките на владата со кои се замрзнаа цените на макароните и млекото. Нејасно е кој го советува премиерот да прави таков евтин и контрапродуктивен ПР, но очигледно е дека не се направени никакви анализи од претходната кампања кога беше замрзната цената на лебот, која ги разгневи граѓаните и благо речено беше вистинско фијаско. Граѓаните веќе ги бомбардираат со нов ПР под коден наслов -„Тој доаѓа“. Фокусот на кампањата креирана од ДУИ за нејзиното гласачко тело е дека во последните 100 дена од оваа влада, премиер ќе биде Албанец. Во суштина, станува збор за пресметка внатре во ДУИ меѓу Али Ахмети и неговите поддржувачи и „огнената група“.

Идејата на кампањата е дека не е важно ниту кој, ниту што може да направи за три месеци владеење на влада која практично ќе биде во оставка и ќе подготвува избори – важно е дека ќе биде Албанец премиер, за да се оправда изборната кампања –Зошто не Албанец премиер? Инаку вицепремиерот на СДСМ за економски прашања со години е Албанец, и тоа не е вест, а успешноста на Битиќи на таа функција се вреднува според неговите перформанси, а не според тоа што напишал во графата националност на пописот. Но, очигледно, во овој „универзум“ фокусот е на процесот, а не на суштината. Како што е фокус на декларативна заложба за интегрирање во ЕУ, наместо вистински реформи во владеење на правото или медиумите, кои се клучни поглавја.

Извор: ima.mk

Latest Posts

Не пропуштај