More

    Отворен Кабинет во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски

    Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, денеска го посетија ученици од ООУ „Владо Тасевски” од Скопје, во рамки на Отворен Кабинет.

    Учениците се сретнаа и поразговараа со претседателот Пендаровски за неговата работа и за активностите во Кабинетот, а ги посетија и просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и салите наменети за свечености, состаноци, седници на Советот за безбедност и прес-конференции.

    Во Мозаик салата учениците го разгледаа импозантниот диптих „Македонија – светла земја” и „Македонија памети”, дело на еден од нашите најзначајни современи уметници – академик Глигор Чемерски.

    Во рамки на Отворен Кабинет, претседателот Пендаровски денеска се сретна и со Јане Велковски, деветтоодделенец од ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски” со дијагностицирана спинална мускулна атрофија (СМА).

    На средбата младиот активист раскажа за својот позитивен став, всаден од неговите родители уште од најмала возраст, што му овозможува, на свој начин да го прави сето она што го прават неговите врсници. 14 годишниот Јане ја сподели успешно извојуваната битка за добивање на неопходната терапија, благодарение на неговата најголема страст, фудбалот, што пак го поттикнала да се заложува и за еднаквост во спортот.

    Тој го запозна претседателот Пендаровски со неговите активности во насока на унапредувањето на правата и подобрувањето на секојдневието на децата со атипичен развој, како и со учеството на претстојната 31. Европска конференција за социјални услуги, во Кралството Шведска, посветена на улогата на технологијата во промовирањето на автономијата и инклузијата.

    Отворен Кабинет е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, чија цел е овозможување директни средби на граѓаните со претседателот Пендаровски. Досега Кабинетот го посетиле граѓани од различни возрасти и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта од земјава.

    (Извор: 24инфо)

    Exit mobile version