Последни написи

ДЕБАТА: Испит уште полагаме со хартиена пријава, дигиталните алатки во наставата се реткост

За да се запишеш на факултет, мора да ги однесеш документите во хартиена форма на студентски прашања, мора да имаш и хартиена пријава за да полагаш испит кај професор, а за да извадиш билет за бесплатен јавен превоз во ЈСП мора да однесеш хартиена потврда дека си студент. Од друга страна, користењето на дигиталните алатки во наставата е реткост, а дискусиите коишто се водеа во изминатиов период беа првенствено насочени дали ќе имаме дигитални учебници во ПДФ формат или отпечатени на хартија, што е најмалку важната тема за дискусија. Ова беа само дел од заклучоците на вчерашната дебата за млади „Дигитализацијата во образованието“, која се одржа во организација на Фондација Метаморфозис во „Јавна соба“.

На прашањето до каде е стигната дигитализацијата во високото образование, особено на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на дебатата говореше проф.д-р Христина Спасевска, проректорка за настава на УКИМ.

Фото: Мета.мк

Таа најпрво посочи дека УКИМ се разликува од другите универзитети во земјава, бидејќи другите универзитети имаат севкупно толкав број на студенти колку што има само еден од помалите факултети на УКИМ. Спасевска посочи дека УКИМ има 28 единки, над 25.000 студенти и меѓу 3.000 и 4.000 професори вклучувајќи ги оние кои не се во наставно-научните совети, што значи дека е комплексен систем за дигитализација.

Ковид пандемијата влијаела за период од 10-тина дена да треба да се прилагодат на начин на учење од далечина, а придобивките од онлајн наставата се увидени и проректорката Спасевска смета дека ќе се користат и во иднина, особено кога се канат гости од странство за да учествуваат во наставата.

Таа рече дека многу брзо короната ги натерала од УКИМ да размислуваат за целосна дигитализација, додавајќи дека сето она што досега го направиле е со сопствени технички и финансиски ресурси на универзитетот.

Од УКИМ на почетокот од 2021 година донеле одлука да имаат концепт за дигитализација во сите домени и имаат план како ќе се одвива дигитализацијата, истакна проректорката Спасевска.

Таа посочи дека покрај настава на Teams, студентите побарале и онлајн систем за учење, па така од најстариот универзитет работеле напорно со сопствени ресурси за да го направат целосно функционален системот iLearn, кој е веќе прифатен и се користи на седум факултети во рамките на УКИМ.

Покрај iLearn, Спасевска говореше и за iKnow платформата на УКИМ која постои веќе 10-тина години, при што буџетот за нејзината изработка бил над 1 милион евра. Во моментов овој систем не се менува, туку се надоградува, а самата платформа била замислено да претставува електронски индекс. Сепак, проректорката Спасевска рече дека поради опасноста од хакирање и поради законите за архивско работење во земјава, на УКИМ сè уште постојат хартиените пријави за испити.

Проректорката за настава на УКИМ спомена и дека од овој летен семестар три факултети (ФЕИТ, ФИНКИ и Фармацевтски факултет) целосно го организираат плаќањето онлајн, додека од денеска давачките на студентите почнале постепено да се плаќаат онлајн и на другите факултети.

„Дигитализацијата е скап процес, и не само што е скап, после неколку години мора да го замените. IKnow системот мора да размислиме дека за кратко време мора да се промени“, вели проректорката Спасевска.

Таа додаде дека на УКИМ две години организирале онлајн уписи и сите студенти можеле електронски да ги поднесат своите документи.

На идентичното прашање за тоа до каде е стигната дигитализацијата на УКИМ, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Славчо Темелковски на синоќешната дебата рече дека iKnow и iLearn системите имаат многу предности, но еден од хендикепите е одбивноста кај повозрасните професори да преминат кон овој систем.

Она што им смета на студентите, рече Темелковски, е тоа што сме една од ретките земји каде користиме паралелен систем, односно и понатаму ја имаме папирологијата која е дел од секојдневието на студентите.

„Според мене моментално фали само акција за да се премине кон целосно дигитализирање“, вели Темелковски, додавајќи дека треба да се тргне папирологијата.

Како конкретни примери што треба да се дигитализираат, тој наведе дека на УКИМ не се користи електронски индекс, а пријавите за испити за предметите и уплатите на факултетите не може да се извршат онлајн.

Темелковски додава дека темата за дигитализацијата се отвора најмногу во оние моменти кога имаме уписи на факултетите, а годинава се случија огромните редици за запишување на студенти на ФИНКИ, при што говориме за факултетот кој е токму за информатички технологии. Брзината, ефикасноста и ефективноста се клучни и затоа треба да се отстрани папирологијата, смета претседателот на УСС на УКИМ.

Тој го отвори и прашањето за потребата сите факултети на УКИМ да го користат iLearn системот, а не само седум или осум факултети.

На темата до каде е дигитализацијата во образованието, но од аспект на средношколците, на вчерашната дебата говореше и Анисија Угриновска, претседателка на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС).

Фото: Мета.мк

Претседателката на ОДАС посочи дека електронскиот дневник се покажал како корисен за учениците и родителите да го следат успехот од наставата. Исто така, онлајн уписите во школите се покажале како многу потребни и корисни, рече Угриновска. Според неа, треба да се разграничи дигиталното учење од  дигиталните процеси. Токму кај второто, таа смета дека имаме огромен простор за напредок.

Во однос на неодамнешната актуелна тема за воведувањето на електронски учебници во основното и средното образование кое беше дочекано со отпор кај дел од јавноста, претседателката на ОДАС посочи дека тие како ученици се спремни да користат електронски учебници до онаа мерка до која тие не доминираат во учењето.

„Подготвени сме да ги користиме како помагала како што се наменети и самите хартиени учебници, но да не ја заменат самата настава во училиштата и она што го има во хартиените учебници“, изјави Анисија Угриновска.

На дебатата се поставија и неколку актуелни прашања од страна на средношколците и студентите кон тројцата говорници.

Фото: Мета.мк

Едно од прашањата беше токму за тоа колку пријавите за полагање испит се навистина потребни во хартиена форма, исто како и запишувањето на шалтерите на студентски прашања. Проректорката за настава на УКИМ, Христина Спасевска рече дека постои закон за архивско работење, според кој обврзувачки е да се водат и хартиени документи во земјава. Кај студентските служби на факултетите постои отпор, вели Спасевска, бидејќи пријавите што студентите ги доставуваат онлајн, студентските служби треба потоа да ги принтаат и да ги ставаат во досиејата на студентите. Кај некои факултети, како што е ФИНКИ каде има над 4.000 студенти, за сето ова да се испринта се потребни човечки ресурси.

На дебатата студентите се интересираа и за достапноста на електронски учебници на англиски јазик, но и за тоа зошто системот на УКИМ нуди пристап единствено до оние учебници за предметите што ги студираат, а не и за оние за кои имаат интерес. Беше наведен примерот за студентите на Економскиот факултет, на кои понекогаш им треба консултација на правна литература или обратно за студентите кои се на правни студии за економска литература.

Проректорката за настава на УКИМ објасни дека електронското издаваштво е достапно за сите заинтересирани на универзитетската веб-страница, додека на студентите преку нивните платформи им се достапни сите книги од дигиталната библиотека и по полагањето на конкретен испит.

Едно од прашањата што беше поставено кон проректорката за настава на УКИМ се и потврдите кои студентите досега требаше да ги вадат за да добијат здравствено осигурување или за да користат бесплатен јавен превоз. Спасевска одговори дека УКИМ веќе на Фондот за здравствено осигурување ги испраќа списоците со запишани студенти, а со Министерството за образование и наука работат на истиот чекор. Работат и со јавниот превоз, но имаат технички проблеми кои не се од нивна страна, а нивна желба е и таму да го испраќаат онлајн списокот со запишани студенти за да нема потреба од издавање писмени потврди.

Сериозна дискусија меѓу публиката и говорниците на дебатата се разви и околу прашањето за тоа колкави средства се потребни за спроведување на дигитализацијата во образованието. За разлика од проректорката за настава на УКИМ, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ рече дека постои согласност оти буџетот за дигитализација е висок, но поентата е дека по почетната висока инвестиција, многу трошоци кои претходно постоеле да ги снема, и затоа е многу важно да се отпочне процесот.

Проректорката за настава на УКИМ, Христина Спасевска, пак, се задржа на потребата од користењето на дигиталните алатки преку кои студентите визуелно ќе може да ги гледаат процесите во компаниите, за да се прикаже работењето во нив. Спасевска појасни дека ова е неопходно за компетентен работен кадар во иднина. Заедно со ова, на УКИМ се користи и современа опрема за лабораториски вежби, посочи Спасовска, која е неопходна за совладување на процесите кои денес не можат да се објаснат на табла или со зборови од страна на професорите.

Инаку, вчерашната младинска дебата за дигитализацијата во образованието беше организирана од Фондацијата Метаморфозис, во синергија со проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA” кој е кофинансиран од Европската Унија и проектот „Веродостојни вести за оспособена младина“ финансиран од Британската амбасада во Скопје.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај