More

    „Белење“ на бриселскиот договор на Билјанините Извори

    Дали во вилата Билјана во Охрид во сабота навистина ќе нема враќање на она што беше договорено кон крајот на февруари во Брисел меѓу лидерите на Приштина и Белград? Можно ли е тоа, ако преговарачите покажаа непосредно потоа дека она што е договорено во главниот белгиски град останува – во Брисел!? И што е тоа договор кој е потпишан и договор кој е усогласен?

    ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

    Местото каде ќе се сретнат претставници на меѓународната заедница и преговарачите од средбата во Брисел на 27 февруари од Косово и Србија – Охрид – е подготвен да биде добар домаќин. Градот не е обично пријатен во ова време од годината, иако неговото студенило за овој дел од годината треба да е добредојдено да ги смири страстите на актерите од најавениот состанок за 18 март.

    По завршувањето на средбата на премиерот на Косово, Курти, и на српскиот претседател, Вучиќ, по само ден-два имавме варијанти со кои се негираше напредокот на споменатата средба во Белгија(!?). Олеснувачите во овој процес на затворање на т.н. косовско прашање – Борел, Лајчак и Ескобар веројатно очекуваат ова да е само втор чин на нешто што е веќе усогласено во првиот. И дека драмата евентуално би била во деталите, кои треба да ги трасираат патеките на променетиот однос на актерите во однос на смирените страсти. Дали е тоа можно?

    Договор што е јасен само за меѓународните опсервери

    Во основа, според последните изјави на челниците на Косово и Србија не е јасно што во основа признале двете страни и што е дефинирано пред седнувањето на заедничката маса во т.н. Титова вила? За најголем дел од јавноста во регионот дури се јавува и дилемата – што точно беше договорено на 27 февруари? Ако нема имплицитно признавање на независноста, тогаш што е Косово за Србија? Дали Белград со прифаќањето на европскиот договор и формално ќе го признае Косово како посебен предмет на меѓународното право – јасно, недвосмислено и свечено? Зошто тоа им е јасно само на меѓународните опсервери?

    Имено, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел издаде соопштение каде што се наведува дека преговарачите Вучиќ и Курти се согласиле дека „нема потреба од дополнителни дискусии за европскиот Предлог – договор за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија“. Ама соочен со очекуваниот „пречек“ на белградската политичка сцена Вучиќ речиси веднаш по враќањето во земјата во изјава за РТС рече дека ништо не потпишал во Брисел, бидејќи, европскиот предлог имплицира дека Србија не се противи на членството на Косово во ОН.

    За да не остане покус, на 3 март, косовскиот премиер Курти, за време на дискусијата во Собранието на Косово, остана на својот претходен став дека Заедницата на српските општини „не поминува“. За мешаницата да биде поголема, претходно, на 2 март, портпаролот на високиот претставник на ЕУ, Питер Стано, изјави дека двете страни се согласиле дека не е потребна понатамошна дискусија за европскиот предлог и дека тој станал Договор за патот кон Нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Дали сега е некому појасно што е точно договорено во Брисел на 27 февруари, ако воопшто има нешто?

    Што е експлицитно а што имплицитно признавање?

    Според Борел, двете страни „се согласиле дека не се потребни дополнителни дискусии за европскиот предлог“. Во толкувањето на добриот познавач на меѓународните договори – Владимир Медовиќ од Правниот факултет во Нови Сад, јасно видливо е дека двете страни го прифатиле или договориле понуденото, што е битна разлика во формулацијата.

    Имено, вели тој, во меѓународното право постои концепт на „автентикација“ или „потврда“ на текстот на договорот. Тоа е фаза во процесот на склучување на меѓународен договор што му претходи на неговото потпишување. Во оваа фаза, по завршувањето на преговорите, учесниците преговараат и го фиксираат текстот на договорот за кој се договориле.

    Автентикацијата обично ја вршат преговарачите кои парафираат секоја страница од текстот на договорот, но можно е тоа да се направи на друг начин. На пример, со давање изјави на медијаторите со кои се потврдува договорената содржина на договорот.

    Дека во овој случај се работи на автентичност на текстот на договорот, учесниците во преговорите на самитот изјавија дека разговорите ќе продолжат и дека е неопходно да се договори патоказ за имплементација на договорот.

    Планирано е патоказот или планот за имплементација да биде дел од посебен анекс на договорот, а со тоа и негов составен дел. Откако ќе се постигне договор за содржината на патоказот, договорот ќе биде подготвен за потпишување. Останува да се координира редоследот на потезите и да се договорат модалитетите за членството на Косово во меѓународните организации и степенот на самоуправа на српската заедница, бидејќи е очигледно дека овие две прашања се меѓусебно поврзани.

    Изгубен суверенитет што „не се дава“

    Да се вратиме на она што тука треба да се признае, а што веќе не постои?

    Оние кои се на страната на реалноста во Белград веќе јасно кажуваат дека со повлекувањето на војската, полицијата, судството и другите обележја на една држава (во случајот, Србија) од територијата на поранешната покраина Косово и Метохија, фактички е изгубена било каква власт над таа територија. Може ли да не се признаваат табличките на автомобилите на косовските жители и нивните документи, ако тие постојат со самиот факт што жител на Приштина со нови документи и таблички може преку Србија да стигне во Унгарија или Хрватска, на пример?! Па и во Романија, која не го признава Косово како независен ентитет! Дали пратениците – Срби кои влегуваат во косовскиот Парламент се колнат врз косовскиот устав? Дали српските претставници во полицијата и судовите го прават истото кога се вработуваат таму? Зошто тогаш ги прогласуваат за предавници оние кои бараат таа ситуација да се формализира?

    Тоа се прашува на пример и на заменичката на главниот и одговорен уредник на неделникот НИН во гостувањето на ТВ Н1: „она што е изгубено со војна може да се добие назад само со војна. Тоа очевидно не е можно. Наместо да продолжуваме да војуваме со изјави, зборови, реченици… ‘во зацементирани состојби’, според историчарот Митровиќ ‘со што мора да живееме, ама постојано и постојано се повторуваат стари пароли’. Тоа е особено видливо во постојаната состојба која е претставена од шефот на државата како постојана загрозеност, по што следува дека – само тој може да го донесе спасот. А како рекол покојниот Ѓинѓиќ, вели Малишиќ ако имаш вонредна состојба тогаш нема демократија, нема слобода на печат, нема ништо нормално! Сите сме под шинелот на една личност.“

    „А потоа Вучиќ вели – нема да војуваме, ама тоа што го бара може да се добие само со војна!“ – вели уредничката на НИН.

    Признавањето како река во која Србија одамна влегла

    Има некои од гостите по телевизиите кои јасно кажуваат дека признавањето на Косово е река во која Србија одамна влегла и веќе речиси се наоѓа на другиот брег. Тоа би значело дека Белград се согласува Косово да добие комплетен меѓународен статус. Дали го има тука ставот дека тоа не мора да е направено – експлицитно?

    „Неспорно е дека нема de jure, односно експлицитно признавање на независноста на Косово, но има ставови дека потпишувањето на европскиот договор истовремено значи и имплицитно признавање на независноста. Во оваа смисла, се споменуваат одредбите од договорот за суверена еднаквост, територијален интегритет, добрососедски односи, еднакви права на договорните страни и неспротивставување на Србија за членството на Косово во меѓународните организации“, констатира професорот Медовиќ. Според него, експлицитното признавање на државата се дава свечено, со дипломатска нота, а имплицитното признавање се дава премолчено, со преземање дејствија кои го третираат субјектот како држава, на пример, воспоставување дипломатски односи или гласање за прием во членство во меѓународни организации кои се отворени за државите.

    Затоа, во преамбулата на европскиот предлог јасно стои дека договорните страни го задржуваат правото на различни ставови за фундаменталните прашања, вклучително и статусните прашања. На крајот на краиштата, доколку прифаќањето на европскиот предлог се третира како такво, тогаш може да се заклучи дека петте земји-членки на ЕУ кои не ја признаа независноста на Косово го сторија тоа имплицитно, поддржувајќи го француско-германскиот предлог на состанокот на Европскиот совет на 9 февруари 2023!

    За очекување е овие земји, сепак, кога ќе одлучуваат за барањето на Косово за членство во меѓународните организации, ќе водат политика на конструктивна воздржаност, со што ќе се избегне непријатната ситуација на членките на ЕУ, прегласувајќи се едни со други. Ова, исто така, испраќа силна порака до Србија дека повеќе не може да смета на поделби во ЕУ и дека ЕУ е решена конечно да го реши косовското прашање – цени Медовиќ.

    Дали ова значи дека Вучиќ го прифатил како имплицитно признавањето на Косово како самостојна држава? Но, за да се „избели“ договорот на истите актери, во каква и форма да бил, е неопходна и согласност за формирање на Заедница на српски општини што, пак, експлицитно го бара српската страна? Еден од најголемите противници на ова српско барање, адвокатот Азем Власи, постојан советник на приштинскиот политички врв во последните две децении, го менува својот тврд став што може да се смета за некаков значаен исчекор.

    Во интервју за Ал Џезира, Власи само вели дека ЗСО нема да биде засебен ентитет вон Косово и дека не треба да добива финансиска помош од Србија. Ова второво дава можност за отворање на нови чинови за спорење и одолговлекување на можниот конечен договор за најспорните моменти.

    Договорот од Брисел – драмски говорејќи – ќе остане да виси на ѕидот на сцената. Како пушката на Чехов, таа нема да биде користена во Охрид – ниту за славје, ниту за упокојување на разговорите. Може да биде застрелана само брзината на решавање на споровите.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version