Последни написи

Една просечна и една минимална плата се поголеми од потрошувачката кошничка и покрај двојното броење на инфлацијата од ССМ

Со една минимална плата и една просечна плата домаќинство во државава може да ја покрие синдикалната кошничка, која ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија во која е изразено задоволувањето на потребите на едно семејство.

Во минималната синдикална кошничка влегуваат трошоците за исрахана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, како и одржување на здравје. Сумата која ја презентира ССМ како минимална потрошувачка кошничка за месец февруари изнесува 50.909 денари, но во неа двојно е пресметана инфлацијата, бидејќи таа стои и како посебна ставка, а ја има и во зголемите цени во малопродажба. Значи, покачувањето на цените на производите, односно инфлацијата е сметана еднаш во основните ставки и потоа дополнително како посебна ставка инфлација.

Доколку се отсрани ваквото двојното сметање минималната потрошувачка кошничка за февруари се намалува за 7.285 денари и таа изнесува 43.624, што е сума која е доста блиску до две минимални плати од 20.175 денари. Нејасно е зошто ССМ прави двојно сметање на инфлацијата. Ако се спореди со бројките од ланската година, кога синдикатите објавувале табела со потрошувачката кошничка, се гледа дека нема посебна ставка за инфлацијата. На пример, за јуни 2022 година се објавени основните трошоци за живот и таму инфлацијата е пресметана во самите трошоци, а не во посебна графа, како што е примерот за февруари 2023 година.

И министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата „Топ тема“ посочи дека синдикатите пласираат двојни податоци за инфлацијата.

– Кај нас има погрешни статистички податоци на кои се повикуваме и за тоа разговарав со моите советници во делот на утврдување на минималната кошничка. Во август е изменета методологијата, што значи дека два пати се калкулираат трошоците за живот согласно инфлацијата. Методологијата за пресметување има седум елементи, на пример таа во јули минатата година, а од декември наваму методологијата има осум елементи каде што дополнително уште еднаш е пресметана инфлацијата, но инфлацијата е калкулирана во другите седум елементи и дополнително како осми елемент во табелата“, појасни Бектеши.

Сепак, какви и да се податоците што се пласираат за кошничката, тие покажуваат дека растот на минималната плата, но и растот на просечната плата, која сега е над 34.000 денари, е поголем и побрз од растот на цените на производите со што не се намалува потрошувачката моќ на граѓаните.

Пред 10 години, кога минималната плата изнесуваше 8.050 денари, минималната синдикална кошничка беше 31.989 денари и потребни беа четири минимални плати за едно домаќинство да може да ја обезбеди. Ситуацијата не беше ништо подобра ни во 2016 година, последната година од владеењето на ВМРО ДПМНЕ, кога минималната потрошувачка кошничка беше 32.254 денари и беа потребни 3,2 минимални плати која тогаш изнесуваше 10.080 денари.

Сега, дури и со двојно пресметаната инфлација, потребни се 2,5 минимални плати за покривање на синдикалната кошничка или со една просечна плата од 34.364 денари и една минимална плата од 20.175 денари на едно домаќинство му остануваат 11 илјади денари до крајот на месецот за останати трошења и вложувања, по задоволувањето на 43.624 денари потребни за трошоците за исрахана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, како и одржување на здравјето.

Р.Р.

Извор: racin.mk

Latest Posts

Не пропуштај