Последни написи

Пресвичувањето е тешко, ама неопходно ако ВМРО-ДПМНЕ сака граѓаните да ја запаметат како одговорна партија

Зоран БОЈАРОВСКИ

„Господа направете го последниот чекор на патот кон отворање на преговорите по поглавја. Сега кога скрининг процесот дава одлични резултати не треба вие самите да си го блокирате членството во ЕУ“. Ова се двете реченици што македонските политички лидери, и од власта и од опозицијата, ги добиваат редовно. И не треба повеќе. Толку е едноставно.

Тоа е нашата домашна работа.

Од другата страна, од страна на надворешните фактори во ЕУ или на глобален план, Северна Македонија е во моментум кој би било бесмислено да се пропушти заради ситнопартиски интереси или заради малициозно-суетни амбиции на некои лидери, особено од опозицијата, односно Мицкоски.

Вчера, во пресрет на средбата Вучиќ-Курти на 18 март во Охрид, Урсула фон дер Лајен уште еднаш порача: „ Сакаме да ги приближиме нашите партнери од Западен Балкан што е можно побрзо до Европската Унија. Србија и Косово треба да го прифатат планот на ЕУ за нормализација на односите, кој е клучен за стабилноста на целиот регион“.

Затоа сега е време тие што имаат моќ да ја одлучуваат иднината на земјата и на граѓаните треба да ја преземат одговорноста, но и признанијата дека во пресуден момент како политички лидери го избрале единствениот исправен чекор во овој момент за вистинскиот пат без алтернатива. Таа ситуација ќе ја остави Левица и нејзините челници во длабока изолација. Таму каде што припаѓа заради бесмислениот избор, без визија за тоа каде избра да припаѓа нашата земја во новиот светски поредок.

Пресвичувањето е тешко, ама неопходно ако опозицијата, односно, ВМРО-ДПМНЕ сака граѓаните да ја запаметат како одговорна партија.

Ако водството на оваа партија само за момент ги замрзне партиските калкулации и пуста желба на нивниот лидер да биде „везир наместо везирот“, што не е нелегитимно, ама треба да се изработи на избори, тогаш од кулата на белиот дворец би требало да видат дека нивните политики се политики на блокади кои не носат ништо добро за иднината на земјата.

Да, популизмот на кој игра оваа партија во јавната комуникација е атрактивен за рејтингот на партијата, но треба да се запрашаат дали е добар за рејтингот на земјата, за благосостојбата на граѓаните којашто се очекува од колку што може побрзото окончување на процесот за членство во ЕУ.

Отпорот или политичката калкулација да се прифатат и да се учествува активно во процеси какви што беа Охридскиот и Преспанскиот договор во моментот кога се рализираа или какви што се од аспект на иднината на земјата, досега се покажаа како апсолутно губитнички.

Истите димензии ги има и актулениот процес за уставни измени кои ни ја обезбедуваат брзо европската иднина. Наместо да учествуваат во него и да бидат дел од политичките субјекти кои уште еднаш ќе ја потврдат и еднаш засекогаш ќе ја „забетонираат“ Северна Македонија како пример за мултиетничко општество, како модел за соживот на сите етнички заедници кој светот го препознава и му оддава признание, ВМРО-ДПМНЕ, барем досега покажува дека не ги научи, или одбива да ги прифати лекциите од блиското минато.

Во таква ситуација се наметнува прашањето од каде доаѓа отпорот на ВМР-ДПМНЕ против уставните измени? Кои се мотивите за таква позиција?

Секако не држи „баба рога“ заканата за бугаризација на народот или на земјата бидејќи сите аргументи што неосновано ги дуваат за да го одржуваат овој „страв“ и да го наметнуваат како „реалност“ – паднаа во вода.

Оттаму, логично е да се заклучи дека отпорот против уставните измени има други мотиви. Ако го земеме популизмот како исклучително податлив, кој вклучува отфрлање на стручни мислења, а блиски му се теориите на заговор, тогаш логиката вели дека треба сѐ што може да се вложи во креирањето и „пумпањето“ на негативниот набој за соседски спорови како „маша“ за манипулирање и да се држат колку што може подолго како отворени прашања и да доминираат.

Затоа што со што ќе се занимава опозицијата, читај ВМРО-ДПМНЕ кога ќе поминат уставните измени?

Нема што повеќе да има да ја дефокусира јавноста. Ниту меѓуетничките прашања, ниту прашањата со соседите… Сѐ ќе биде насочени кон корупцијата и владеењето на правото.

Затоа што кога ќе се завршат уставните измени и кога ќе преминеме во фазата на затворање на преговорите по поглавја, единствена тема во наредните години ќе биде владеење на правото и антикорупциските политики.

Тоа се теми на кои вреди да се „трошиме“. Тоа се вистинските европски вредности кои треба да бидат наши двигатели за модерно општество за да ја ставиме Северна Македонија на истото рамниште на кое таа се препознава како општество кое на најдобар начин ги решава и правата на сите нејзини граѓани без исклучок.

Извор: racin.mk

Latest Posts

Не пропуштај