Последни написи

Отпадот е приоритет на министерката за животна средина, но е потребно време

Отпадот е приоритет на новата министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, но и за овој и за сите останати еколошки проблеми во државава е потребно време.

За оваа година, Шукова најави распределување на 7.000 контејнери за рециклажа на отпадот во сите општини во Македонија, а парите за нив се обезбедени од фондот од наплатата на ќесите за еднократка употреба, во кој се собрани околу 120 милиони денари. Од нив 105 милиони ќе бидат потрошени на контејнерите за чија набавка ќе биде распишан тендер следниот месец, додека 15 милиони денари ќе се потрошат на кампања за да се подигне свеста кај народот и да се научат како да рециклираат.

Од петте регионални депонии кои Министерството подолго време ги планираше, Шукова информира дека се одлучиле да бидат изграден три. За нив се обезбедени 50 милиони евра од Европската инвестициска банка, како и 55 милиони од ЕБОР и 9 милиони швајцарски франци од Швајцарија. Дополнително, појасни Шукова, кога на овој начин се обезбедуваат пари за вакви големи проекти, може да се побараат грантови од европските фондови, а досега е обезбеден инвестициски грант од 22,5 милиони евра, неповратни средства, со што се намалува сумата која државата треба да ја врати по однос на кредитите. Со тие пари ќе се набави опрема, ќе се направат трансферни станици, а ќе се изградат и депониите. Појасни дека онаа што треба да се прави кај Свети Николе секако ќе се гради и немаат намера да бараат друга локација, но имаат проблем со „градоначалникот и група луѓе“.

„Тоа не е депонија како досегашните, што всушност се места на кои се одлага отпадот. Оваа депонија ќе биде изградена по стандарди, со заштита на протекување во подезмните води, заштита на околината и на воздухот од загадување“, рече Шукова на денешниот брифинг со новинарите.

За депонијата во Русино, Тетовско, додаде дека таа има капацитет за пет години, но дека во наредниот период ќе се бара нова локација. За Југоисточниот регион и Вардарскиот регион, треба да се гради депонија кај Василево.

Брифинг на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова (Фото: Б. Богдановска)

Прашана за ненаплатените долгови по однос на издавањето интегрирани дозволи, таа рече дека во интервјуто од пред некој ден за Телма, направила грешка и дека изнесените бројки не се во милиони, како што кажала, туку во илјади евра. Појасни дека половината се постари долгови од 2019 година.

„Жешките точки се жешки точки“ – вели Шукова, прашана што ќе преземе Министерството за надминување на овој проблем. За решавање на 16-те жешки точки потребни се многу пари, па така само за „Југохром“, гилемата депонија со линдан во ОХИС и онаа во Пеленица крај Скопје, потребни се најмалку 300 милиони евра.

Шукова уверува дека сите проекти кои се почнати од претходните министри ќе продолжат да се реализираат, засега само разговараат со сите засегнати страни. На пример, за насоките од УНЕСКО во Охрид ќе ги интензивираат разговорите со Министерството за култура и со Министерството за транспорт и врски. За решавање на проблемот со отпадот, на маса седнале со директорите на Центрите за развој на планските региони, што досега не било направено, за да се договорат како да ги натераат локалните власти да ги спроведат плановите.

За сите еколошки проблеми потребно е време и многу пари, смета Шукова, иако признава дека од Фонд за екологија се откажале, затоа што многу од даноците, таксите и обврските за екологија кои паѓаат на товар на претпријатијиата или граѓаните всушност се влеваат во државниот буџет, а Министерството за животна средина нема увид колку пари од која ставка се слеале во буџетот. Планира да направат дигитален систем во соработка со Министерството со финансии, за да можат да ги добијат тие податоци.

„Вистина е дека во последните три години буџетот на Министерството за животна средина е зголемен за три пати, а дополнително сите овие кредити и грантови, кои ги набројав претходно, се пари со кои располага министерството. Сега треба да ги реализираме“, рече Шукова.

(Извор: Независен.мк)

Latest Posts

Не пропуштај