More

    Се планира „увоз“ на работна сила во земјата, најголем дефицит од работна сила има во туризмот и градежништвото

    Туризмот и градежништвото се секторите кои најмногу „кубурат“ со кадар и за кои земјава веќе размислува да увезува работна сила.

    Како што рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, „увозот“ на работна сила не е ништо ново и е процес кој одамна постои, само што сега за него се зборува отворено. Тоа е пракса, напомена Битиќи, во сите земји.

    Според Битиќи, примарно е работната сила да се осигура од домашниот пазар, но, анализите покажуваат дека на земјава годишно и недостигаат околу 10 000 работници. Тој смета дека првично за „увоз“ би требало да се „искористат“ луѓето од регионот.

    Се уште не е дефинирано од каде би се увезувале работници, ниту се утврдени квоти. Во Владата е отворена дискусија затоа што, напомена Битиќи, тоа е актуелен проблем.

    -За жал, долго време вештините и знаењето на тие што се невработени не одговараат на потребите на пазарот на труд. Стопанството има потреба некако да ја надополни таа празнина. Факт е дека секој ден има се повеќе и повеќе компании кои укажуваат дека многу тешко наоѓаат работна сила од она што го има на располагање во Агенцијата за вработување или од оние што не се пријавени во Агенцијата. Затоа, Владата прави план преку Оперативниот план за вработување, со преквалификација и доквалификација, да ги подготви за пазарот на труд. Но, до тогаш, има потреба да се увезе работна сила зашто миграцијата е очигледна, не само во Северна Македонија, туку во сите земји од Западен Балкан, па и во Европа, напомена Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со претставниците на германското стопанство.

    Во овој момент, информира, се разговара со стопанските комори кои гранки би увезле работна сила.

    -Најзагрозени се градежништвото, ниско и високоградба, како и хотелиерство и туризам зашто се работи за сезонски работници кои одат во други земји, во блиското соседство, Хрватска, Словенија, па и во земјите членки на ЕУ. Се отвора сериозна потреба за луѓе кои би служеле во тој сектор зашто платите се конкурентни, но не толку како во земјите членки на ЕУ. Тоа е нормален процес, сме го имале, сега само отворено го дискутираме. Лани сме имале 5 300 работници од надвор, подвлече вицепремиерот, додавајќи дека новите работни места кои се отвораат, не се со стари знаења.

    Тој нагласи дека конкурентноста е секогаш здрава.

    -Мораме да сфатиме дека нашата економија досега се развивала со незадоволителни стапки, а за тоа да се поправи ни треба поконкурентна работна сила. Работниците „бегаат“ за повисоки плати. Кај нас просечната плата достигна 550 евра, а таму каде што одат да работат е 1 100 евра. Во земјите, пак, од кои најверојатно ќе доаѓаат тука работници за во рударство, градежништво, е во просек 200 евра. Тоа е природен циклус на движење на работна сила за подобро, рече Битиќи.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version