Последни написи

Како на филм: Малиот пријател на Индијана Џонс го прослави „Оскарот“ со Харисон Форд

Обично се вели дека филмот е поголем од животот. Но, кога животот станува поголем од филмот, тогаш тоа мора да е холивудска приказна.

Моментот кога актерот Ке Хуј Кван (Ke Huy Quan) во понеделникот (13 март) рано наутро беше прогласен за најдобар актер во споредна улога за филмот „Сè во исто време“ (Everything Everywhere All at Once) на Дан Кван и Дениел Шнејнерт (Dan Kwan, Daniel Scheinert) беше еден од најспектакуларните, но и најтрогателните за време на церемонијата на доделување на „Оскарите“.

Ке Хуј Кван, кинеско-американски актер со виетнамско потекло, познат и под името Џонатан Ке Кван (Jonathan Ke Quan) во „оскаровскиот“ победник „Сè во исто време“ го игра Вејмонд Ванг, сопругот на главниот лик Евелин (Мишел Јео – „Оскар“ за главна женска улога). Кога неговото име беше прочитано како добитник на „Оскарот“ за најдобра споредна машка улога, радоста на Кван немаше крај. Посебно што Харисон Форд, неговиот пријател од филмот „Индијана Џонс и Храмот на проклетството“ (Indiana Jones and the Temple of Doom) – големиот хит на режисерско-продуцентското дуо Стивен Спилберг и Џорџ Лукас од 1984 година – беше на сцената да ја сподели неизмерната радост со него.

Во еден од најгледаните филмови на сите времиња, тогаш 12-годишниот Кван го игра Шорти (Short Round), малиот верен пријател на археологот-авантурист Инди (Форд). Нивното повторно обединување на сцената на киното „Кодак“ во Холивуд на доделувањето на „Оскарите“ не можеше да се случи во подобар момент од оној кога Кван го прима „Оскарот“.

YouTube player

Во говорот што ќе експлодираше од емоции, Кван се потсети дека како дете бил во бегалски камп, а сега го држи „Оскарот“.

Приказни како оваа се случуваат само на филм. Не ми се верува дека ова ми се случува. Ова е американски сон!, рече Кван во поздравниот говор.

YouTube player

Инаку, Кван во 1984 година отишол на аудицијата за „Индијана Џонс и Храмот на проклетството“ придружувајќи го брат му, кој се пријавил за улогата на Шорти, но кастинг-директорите го избрале Кван. Следната година го снимил „Гуниси“ (Data in The Goonies), а во 1990 и 1991 настапил во две сезони од ТВ серијата „Класен раководител“ (Head of the Class).

Наспроти очекувањата, не ја продолжил актерската кариера, туку по дипломирањето на Филмската школа на Универзитетот на Јужна Калифорнија направил кариера на успешен кореограф на каскадери и асистент на режија. Тоа му било поблиску до неговата животна пасија за боречките вештини Tae Kwon Do: Кван е голем фан Џеки Чен и работел со Џет Ли, еден од најпопуларните актери во филмовите од жанрот на боречките вештини.

Емотивната средба на Кван и Форд на „оскаровскиот“ подиум речиси 40 години по „Индијана Џонс“ ги мотивираше хроничарите да нè потсетат и на податокот дека Стивен Спилберг му испраќал подароци на Кван секој Божик, без исклучок, од 1985 до денес.

Извор: racin.mk

Latest Posts

Не пропуштај