More

    ФОТОВЕСТ: Студентот Стојановски конечно има пристап до мензата, се изгради пристапна рампа во студентскиот дом „Стив Наумов“

    Неколку месеци по барањата упатени од студентот Дарко Стојановски и неколку дена откако Мета.мк објави за проблемот со непристапната менза, студентскиот дом „Стив Наумов“ конечно доби пристапна рампа, со која се овозможува еднаков пристап за сите студенти до мензата.

    За непристапноста до мензата прв алармираше Стојановски, студент во втора година на Филозофскиот факултет и корисник на инвалидска количка, затоа што бил спречен правото на трите оброка во денот да го користи како сите останати студенти. Тој за првпат за Мета.мк проговори и за проблемите со кои се соочува поради непристапноста до мензата.

    Стојановски пред повеќе од три месеци се обратил и до сите надлежни институции – Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД Скопје), Министерството за образование и наука (МОН), Владата, Народниот правобранител, но и до Националното координативно тело за имплементација на правата на лицата со хендикеп и до Мониторинг телото за спроведување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

    Во својата изјава Стојановски рече дека откако ги упатил барањата до институциите, од дел од нив бил контактиран неколку пати и му било ветувано дека пристапна рампа до мензата ќе биде изградена. Но, и пет месеци по ветувањата, пристапна рампа немаше.

    На 15 февруари годинава Мета.мк од ДСД Скопје побара дозвола за снимање на дворот и мензата во студентскиот дом „Стив Наумов“. Одговорот и дозволата од Државниот студентски дом стигнаа шест дена подоцна, а снимањето беше одобрено на 24 февруари.

    Рампата до влезот во студентската менза почнала да се гради откако Мета.мк изврши снимање на локацијата и истата беше изградена за неколку дена, преку донација од приватна компанија.

    „По сугестија на студентот и Народниот правобранител, и покрај тоа што немаме средства за таква работа, успеавме преку фирма, како донација од нив, да ја направиме пристапната рампа. Изградбата е бетонска, според унифицирани стандарди за пристапност“, изјави Виктор Велевски, претседател на ДСД „Скопје“.

    Во меѓувреме, изминативе пет месеци, колку што Дарко престојува во „Стив Наумов“, тој оброците ги чекал пред задниот влез од студентската менза, каде вработените излегувале и му даваа храна, по што јадел сам во соба.

    „Имам броеви од некои од вработените во мензата и им се јавувам, им кажувам дека доаѓам. Земам канче од соба, одам кај службениот влез за вработените во мензата, тие излегуваат, ми ставаат во канчето јадење и се враќам во соба и јадам тука“, раскажа Дарко на 24 февруари годинава.

    Непостоењето на пристапна рампа досега недвосмислено укажуваше на извршена дискриминација според Законот за спречување и заштита од дискриминација.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version