Последни написи

(ВИДЕО) Тотален триумф на Оскарите за „Сè во исто време“, Мишел Јео прва актерка со азиско потекло што освои Оскар за најдобра женска улога

„Сè во исто време“ освои вкупно седум Оскари, германскиот филм „На запад ништо ново“ се закити со четири златни статуетки, а „Кит“ со две.

Научно-фантастичната комедија „Сè во исто време“ во режија на Даниел Кван и Даниел Шајнерт е апсолутен победник на 95-тото доделување на Оскарите.

Филмот за азиско имигрантско семејство кое еден ден заглавува во мултиверзумот го освои Оскар за најдобар филм, Кван и Шајнерт освоија Оскар за режисер и оригинално сценарио, ѕвездата на филмот Мишел Јео стана првата актерка со азиско потекло што освоила Награда од Академијата за најдобра женска улога, а наградите за најдобра споредна машка и женска улога отидоа во рацете на Ке Хју Куан и Џејми Ли Кертис. Конечно и Пол Роџерс си оди дома со познатата златна статуетка.

Германскиот антивоен филм „На запад ништо ново“ на швајцарскиот режисер Едвард Бергер освои четири Оскари, вклучувајќи ги и оние за најдобар меѓународен филм, филмска музика, филмска фотографија и сценографија.

Оскар за најдобра машка улога му беше доделен на американскиот актер Брендан Фрејзер за неговата улога во филмот „Кит“ во режија на Дарен Аронофски. „Кит“ е награден и за шминка и маска.

За најдобар долгометражен анимиран филм е прогласен „Пинокио на ​​Гиљермо дел Торо“ на мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо. За најдобар долгометражен документарен филм е прогласен „Навални“ на режисерот Даниел Роер, филм за водачот на руската опозиција кој моментално се наоѓа во затвор во Русија.

„Многу му должиме на семејството Навални. Ви благодариме за вашата храброст. Светот е со вас. Алексеј Навални не можеше да биде со нас. Тој е во самица. Сакам да го посветам овој филм на сите политички затвореници“, рече Роер.

Оскарот за најдобра песна им припадна на М. М. Кееравани и Чандрабос, автори на хитот „Наату Наату“ од филмот „РРР“.

Преносот на Оскарите траеше близу три и пол часа. Водителот Џими Кимел не ризикуваше премногу со хумор, а постојано се осврнуваше на шамарот што Вил Смит му го даде на комичарот Крис Рок минатата година. Со оглед на тоа што доделувањето на наградите помина без инциденти и во лежерен тон, Кимел би можел да биде поканет од Академијата да биде домаќин и на 96. награда.

Подготви: Ј. Ѓ.

Извор: frontline.mk

Latest Posts

Не пропуштај