More

    Охридското Езеро дадено под концесија без заштита на рибите како што бара УНЕСКО

    Еколошкото граѓанско здружение „Фронт 21/42“ преку објава на социјалните мрежи посочува дека во Извештајот доставен до УНЕСКО државата наведува грижа за рибниот фонд на Охридското Езеро, а истовремено ревирот се издава на концесија без соодветна риболовна основа со која би се забранувал риболов, како што стои во препораките од Комитетот за заштита на ОН.

    Од „Фронт 21/42“ појаснуваат дека во Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион усвоен од Владата во ноември минатата година и доставен до УНЕСКО, содржи нацрт-риболовна основа за Охридското Езеро и неговиот слив, која не предвидува забрана за ловење на Охридска пастрмка, белвица и јагула.

    Според здружението, риболовната основа се изработува пред да се усвои Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, што ќе дефинира различни заштитни зони и дозволени активности во секоја од нив, вклучувајќи го и риболовот.

    – И покрај тоа што законот налага концесиите да бидат во согласност со риболовните основи, за Охридското Езеро се објави јавен повик и се одбра концесионер за риболов пред да се усвои риболовна основа, истакнуваат од „Фронт 21/42“.

    Односното прашање во Извештајот до УНЕСКО е претставено како „имплементација на препораката 12 од Реактивната мониторинг мисија од 2017 година“, реагираат од „Фронт 21/42“.

    Независно противењето на екологистите и риболовните здруженија, ревирот на Охридското Езеро по пат на јавно наддавање е доделен на стопанисување на струшка фирма, на времетраење од шест години.

    (Извор: Независен.мк)

    Exit mobile version