Последни написи

Матурантите бараат кратење на материјалот за учење за матура или еден предмет помалку

Да се намали обемот на материјалот предвиден за полагање на матура или да се изостави еден интерен предмет, бараат средношколците кои се дел од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС). Ова бил заклучокот од дебатата организирана викендов на тема „Државна матура 2023: Што велат матурантите?“. Учениците бараат да се скрати материјалот заради дојавите за бомби кои предизвикаа да губат часови, а со тоа и неможност да се предаде и усвои она што е предвидено со наставните програми.

Во исто време, денеска на прес-конференција, и претставници на Средношколскиот сојуз најавија дека деновиве ќе се произнесат по прашањето за претстојното полагање државна матура.

„Ова ќе го дискутираме допрва, генералното собрание за ова прашање ќе се состане деновиве. Контактираме секој ден со учениците од сите градови. Околу полагањето на првиот екстерен испит на 27 мај, е исто така прашање што ќе го дискутираме, ќе видиме дали е тој датум за полагање во корист на средношколците или не. Исто така ќе се зборува и за тоа, дали е доволно да има една недела разлика меѓу двата екстерни испити“, рече претседателот на Средношколскиот сојуз, Лука Павиќевиќ.

На 30 јануари годинава, Павиќевиќ кажа дека дојавите за бомби нарушиле дури 10 наставни недели од првото полугодие. Дојавите почнаа да го прекинуваат наставниот процес и во второто полугодие. Како што за Мета.мк кажа пред извесно време Павиќевиќ, во мнозинството училишта, дојавата доаѓала по вториот час, т.е. се губеле 4 од вкупно 6 часа на ден.

„Ако се има на ум дека застапеноста на предметот Македонски јазик и литература е 4 часа неделно и дека во некои од училиштата се случувало да има дојави за бомби дури 3 дена во неделата, ова значи дека од предвидените 40 часа по Македонски јазик и литература во овие 10 недели, во најлошиот случај има голема веројатност да биле изгубени дури 30“, рече тој.

Мета.мк на 26 јануари ги праша одговорните во Државниот испитен ценар, дали се планира кратење на материјалот за учење.

„Членовите на испитните комисии кои го изготвуваат испитниот материјал за екстерните предмети во рамките на државната матура, ги имаат во предвид случувањата во училиштата во изминатиот период. Ако има промени, училиштата ќе бидат известени“, рекоа во ДИЦ.

За секој испит од државната матура постои официјална испитна програма. Во неа има избор на содржини од прва до четврта година по соодветниот предмет, т.е. не се опфатени сите содржини од наставните програми. За оваа учебна година има нови испитни програми по македонски јазик и литература, математика, народно пеење и по стручните изборни предмети од стручното образование. Сите останати испити ќе се реализираат согласно скратените испитни програми од претходните години.

Минатата година немаше кратење на материјалот, но надлежните овозможија да не се бодуваат прашањата од материјалот кој требало да биде предаден после штрајкот на просветните работници, бидејќи во тоа време матурантите изгубија многу од часовите. Матурските тестови не се менуваа, но не се бодуваа задачите кои беа од материјалот кој учениците не го учеле и тие не влијаеја на вкупниот број поени.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај