More

    Инспиративниот пат кој го избра Естонија

    Естонија направи избор од две понудени алтернативи, под тешки околности и во сложено опкружување. Избра да остане на евроатлантскиот стратешки пат и да продолжи да се развива како примерна, слободна и современа европска демократија. Останува ние да процениме и потоа да одлучиме што е од наш најдобар, национален интерес.           

    Тони ПОПОВСКИ

    Европската јавност со особено внимание ги следеше собраниските избори во Естонија кои завршија пред една седмица со убедлива победа на Реформската партија на Каја Калас. Партијата е лоцирана во политичкиот центар и е од либерална провиниенција.

    Изборите се одвиваа во напната атмосфера поради војната во Украина и спецификите на Естонија, која е балтичка држава – членка на НАТО, со копнена граница со Латвија и Руската Федерација, а во вкупното население од малку над 1.3 милиони жители,  втора по бројност со 23% е етничката руска заедница. Втора крупна причина поради која изборите привлекоа внимание беше директниот дуел помеѓу еврофилите преводени од Калас и евроскептиците предводени од Мартин Хелме, радикален популистички лидер на Конзервативната народна партија – ЕКРЕ, која од 2015 година бележи значаен подем во популарноста. На една од влезните анкети во изборите, Конзервативците на Хелме имаа и мала предност, но изборите завршија со двојно повеќе гласови за Реформистите.

    Eстонското општество е мултиетничко и низ годините докажано умерено и особено економски иновативно и напредно (просечната бруто плата е близу 1800 евра, a БДП по глава жител надминува 27,000 американски долари). Сепак и вакво општество кое е блиску до благосостојба, очигледно не е доволно отпорно на радикален популизам. Конзервативците, од најмала партија во естонското Собрание со 7 пратеници (од вкупно 101) во 2015 година, нараснаа на 19 пратеници во 2019 (станаа трета партија по застапеност), за да на последниве избори го освојат второто место со 17 пратеници, потиснувајќи ја Естонската центристичка партија за која претежно гласаат Русите во Естонија, на трето место. Овој подем на Конзервативците се должи на нивните антиемигрантски ставови во комбинација со масовно ширење на теории на заговор и негирање на пандемијата и климатските промени. Истовремено војната во Украина беше искористена од Конзервативците да ја засилат својата  нативистичка агенда портретирајќи ги украинските емигранти како суштинска закана по етничките Естонци, односно дека ќе се претворат во малцинство во сопствената земја. Партијата не се воздржуваше од обвинувања до владата на Калас дека нејзината надворешна политика и силната поддршка за Украина е причина за високата инфлација и цените на енергијата, игнорирајќи ги целосно клучните економски фактори кои не се под директно влијание на Естонија, туку се последица на руската инвазија врз Украина.

    Примерот со зголемената поларизација во Естонија е од полза, резонски односно без поголеми емоции да се мапираат облиците на радикален популизам и придружните фактори за политичката поларизација кај нас.

    Во 2007 година, Кас Муд, истакнат холандски политиколог и професор на Универзитетот во Џорџија (САД) оформил „дијагностички“ протокол за детектирање на клучни одлики на популизмот и радикалната десница. Овој протокол содржи три генерални групи на карактеристики: 1) нативизам (ксенофобија, расизам, антиглобализам, евроскептицизам, шовинизам), 2) авторитаризам (поттик за силен лидер, строгост кон криминалот, акцент на традиционалните семејни вредности и културен идентитет) и 3) популизам (антиелитизам, недоверба кон експертите, неостварливи ветувања, верување во длабоки државни заговори и сл.).

    Радикалниот популизам од крајно лева или десна провиниенција е атрактивен за избирачите Македонци, бидејќи е обликуван како одговор на низа стравувања и загрижености, дел објективни, дел пренагласени, а кои овие актери но и нивни приврзаници и истомисленици во влијателни навидум „независни“ општествени кругови, ги генерираат во позадина. Најчестите теми се поврзани со: јакнењето на влијанието на партиите од албанскиот политички камп на сметка на Македонците, притоа генерирајќи албанофобија, наводни ризици од задржување на мигрантите (илустративен беше покажаниот отпор за времено сместување на бегалците од Авганистан) генерирајќи расни и верски предрасуди и антагонизам,  портретирање на евроатлантските интеграции и улогата и влијанието на ЕУ и САД во тој процес, а особено после склучувањето на Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија, како проекти на Западот кои му наштетиле на македонскиот идентитет и суверенитет, притоа генерирајќи тренд на нагласен евроскептицизам, антиамерикански и антиНАТО сентимент проследен со отворени симпатии кон сите противници на Западот, во комбинација со албанофобија (лојалните Албанци кон Западот) и бугарофобија (Договорот и Протоколот, поддржани од ЕУ и САД за примарна цел имаат бугаризација на Македонците) како и зголемен шовинизам и говор на омраза кон поинакви етнички заедници, особено на социјалните мрежи. Истовремено, се прави обид да се искреира понаклонето јавно мислење за авторитарни облици на владеење, залагајќи се на чело на државата да дојде силен, одлучен, маскуларен и бескомпромисен лидер, на кој треба да му се дадат „одврзани раце“ за да може да им пресуди на сите фактори и генератори на стравови и загрижености, а пред сето останато да му пресуди на спротивставениот „политички народ“ кој се портретира како предавник на националните интереси.  На сето ова успешно се надградуваат и теми поврзани со оспорување на целисходноста на вакцините, негирање на пандемијата како производ на заговор, хомосексуалноста како голема закана за одржливоста и иднината на македонското семејство, итн.

    Заедничко за оваа политичка понуда е што подгрева инфлација на стравувања, загрижености и „страдања“ нудејќи се себеси како единствена алтернатива за враќање на загубеното достоинство на нацијата. Во основа се работи за политичко – популистичко симулирање на драматична емоционална реалност како нова вистина. Францускиот социјален теоретичар и филозоф Жан Бодријар објаснува дека симулакрумот (симулираната реалност) не е копија на реалноста, туку симулакрумот станува нова хипереална вистина. Естонија направи избор од две понудени алтернативи, под тешки околности и во сложено опкружување. Избра да остане на евроатлантскиот стратешки пат и да продолжи да се развива како примерна, слободна и современа европска демократија. Останува ние да процениме и потоа да одлучиме што е од наш најдобар, национален интерес.

    Извор: racin.mk

    Exit mobile version