Последни написи

Граѓаните должат 230 милијарди денари во банките, а колкави се нивните профити за 2022?

Минатогодишниот чист банкарски профит, по оданочување, е 157,3 милиони евра, покажуваат податоците од Народната банка. Ако се споредат податоците со 2021 година која ја  завршија со профит од 148,8 милиони евра, излегува дека лани вкупната добивка на 13 банки во земјава се зголемила за 8,5 милиони евра, или за 5,7 отсто, што не е импозантен плус за еден вака во принцип солидно профитабилен сектор.

Нето приходите од камати  им носат убедливо најмногу пари на банките,  па на оваа основа тие заработиле дури 287 милиони евра, што во однос на претходната година е пораст за цели 32 милиони евра.

Нето приходите од провизии и надоместоци лани достигнале над 101 милиони евра, што е раст за 10 милиони во споредба со 2021 година.  Пораст има и кај нето приходите од курсни разлики, кои достигнале лани 29 милиони евра и каде порастот е за 10 млиони евра.

Но, затоа пак ставката останати приходи од дејноста кај банките е серозно намалена и тоа за над 20 милиони евра, сведувајќи се на помалку од 42 милиони евра во 2022 година.

На расходната страна има пораст на сите значајни ставки. Загубите поради резервации на лошите кредити се 70 милиони евра лани и тоа е раст за седум милиони евра. Трошоците за вработените се 93 милиони евра во банкарскиот сектор, што е зголемување за пет милиони евра, што значи или се зголемиле платите, или има нови вработување во македонските банки.

За околу осум милиони евра се зголемиле и останатите расходи од дејноста и тие биле на ниво од 105 милиони евра во 2022 година.

Стопанска банка Скопје, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Шпаркасе и Халк банкаимаат најголема добивка од над 143 милиони евра, наспроти 135 милиони евра во 2021 година.

Трите средни банки имаат вкупна добивка од 10 милиони евра, што е намалување во однос на претходната година за два милиони евра, додека, пак, петте мали банки се подобрени и имале профит лани од 4,5 милиони евра, што е двојно повеќе од 2021 година.

Според податоците објавени од Народната банка за банкарскиот сектор за 2022 година, македонските граѓани должат 230 милијарди 136 милиони денари или околу 3,7 милијарди евра на македонските банки.

Најголемиот износ македонските граѓани го должат по основ на потрошувачки кредити 115 милијарди 250 милиони денари или 1,87 милијарди евра.

Потоа следуваат станбените кредити со износ од 75,6 милијарди денари или околу 1,23 милијарди евра.

На кредитните картички граѓаните се задолжиле 20,7 милијарди денари , а на трансакциските сметки 13,90 милијарди денари.

За реновирање на деловен простор должат 744 милиони денари.

Износот на автомобилските кредити е 362 милиони денари.

За кредити по други основи граѓаните должат 3,46 милијарди денари.

С.Т.

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај