Последни написи

Сопругата на претседателот Пендаровски се обрати на настан по повод Светскиот ден на бубрегот

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на настанот „Здрави бубрези за сите – да се подготвиме за неочекуваното, да ги заштитиме најранливите” во организација на ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија, а по повод 9 Март – Светскиот ден на бубрегот.

Во своето обраќање г-а Ѓоргиевска истакна дека е неопходно навремено информирање, превенција и рана дијагностика, а потоа и соодветен третман на заболувањата на бубрезите. Таа истакна дека незаразните болести кои вклучуваат кардиоваскуларни болести, дијабетес, рак, хипертензија, хронични белодробни заболувања и хронични бубрежни заболувања се познати како водечки причини за смрт ширум светот, особено кај земјите во развој. Во таа насока, потребно е покрај грижата која ја пружаат здравствените работници и ние сите како граѓани со грижа и внимание за своето здравје да им помогнеме со практикувањето на здрави животни стилови, како и со навремени проверки и контроли да ја намалиме потребата од лекување и интервенции.

„Со заеднички напори, со споделување на знаењата и искуствата да дадеме сѐ од себе синтагмата здрави бубрези да не биде само желба, туку реалност”, порача г-а Ѓоргиевска.

На настанот се обратија и проф. д-р Гоце Спасовски – претседател на Македонското здружение за нефрологија, дијализа и трансплантација, д-р Ирфан Ахмети – претседател на Национална комисија за дијабетес и Душко Георгиевски, претседател на Здружението на бубрежно болни пациенти „Нефрон”, а тематски предавања имаа ас. д-р Милена Стевановиќ, доц. д-р Мaја Мојсова Мијовска и ас. д-р Никола Ѓоргиевски.

Одбележувањето на овој ден е насочено кон подигнување на свеста кај граѓаните за  важноста на бубрежните заболувања, можноста за превенција и навремено откривање, начините на лекување и адекватен третман на бубрежно болните лица и негова достапност секаде и за секого.

(Извор: 24инфо)

Latest Posts

Не пропуштај