Последни написи

Има надеж за скопската пречистителна станица, министерката Шукова е оптимист

Новата министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова денеска изјави дека досегашниот застој со изборот на изведувач на тендерот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје е во насока на надминување, а во интерес на сите граѓани.

„Мислам дека тој проект конечно се движи во добар правец, одредени документи кои требаше да бидат потпишани од Водовод и од Градот Скопје се потпишани, мислам дека скоро можеме да очекуваме започнување на овој проект“, изјави министерката Шукова.

Таа додаде дека во наредните неколку месеци ќе треба да почне реализацијата на проектот, со кој главниот град конечно ќе добие инфраструктурен објект што ќе ги прочистува отпадните води пред нивното испуштање во реката Вардар. Министерката Шукова најави дека наредните денови ќе се потпише еден од договорите за обезбедување на грант средства за овој проект преку фондовите на Европската Унија, со што ќе се олесни заемот од двете банки кој е веќе потпишан.

„При крајот на овој месец ќе се потпише и тој грант договор“, изјави министерката за животна средина.

Инаку, Мета.мк изминативе десетина дена во три наврати испрати барање до ЈП „Водовод и канализација“-Скопје за одговор на прашањето до каде е тендерската постапка за избор на компанијата што ќе ја гради пречистителната станица за отпадни води во Скопје, кога ќе се објави изведувачот на градежните работи и кога би почнала изградбата на пречистителната станица. Одговори на поставените прашања не добивме.

Во капиталниот објект за заштита на водите на реката Вардар е предвидено да се пречиституваат отпадните води од околу 500.000 жители на главниот град, а ќе се гради во близина на селото Трубарево. Од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој веќе се обезбедија кредити во висина од 137 милиони евра за изградба на скопската пречистителна станица. Сепак, по позитивната апликација од страна на владата, од ЕУ најавија дека ќе издвојат неповратни средства од 72 милиони евра, со што би се намалило кредитното задолжување на Македонија за овој проект.

Претходниот министер за животна средина, Насер Нуредини, во ноември лани предупреди дека ако тендерот пропадне, тоа ќе значи губење нови три години за распишување на нов тендер, а со тоа и пречистителната станица за отпадни води во Скопје не би била готова до крајот на 2030 година.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај