Последни написи

За пет години државата ќе добие нови 110 километри автопатишта за 1,3 милијарди евра

Во наредните пет години Македонија ќе добие нови 110 километри современи автопатишта вредни 1,3 милијарди евра во најголемиот проект во патната инфраструктура во историјата на земјата. За таа цел денеска во Скопје беше потпишан договор со меѓународниот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој треба да изгради четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д: Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан и автопатот Прилеп – Битола.

Колкав е овој проект покажува и податокот кој беше посочен денеска, дека во изминатите 32 години во земјава се изградени вкупно 186 километри автопатишта, или по околу пет километри годишно, додека сега за пет годиони ќе бидат изградени уште 110 километри или околу 22 до 25 километри годишно.

„Овој историски проект значи реализација на една голема определба, инвестициите во патната инфраструктура се едни од најголемите проекти на Владата на што ставаме посебен фокус. Затоа што развиваме инфраструктура која што значи развој на економијата“, истакна премиерот Димитар Ковачески на потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“.

Тој посочи дека делницата Тетово – Гостивар е во должина од над 17 километри, Гостивар – Букојчани е 30,3 километри, делницата Требениште – Струга – Ќафасан е близу 22 километри, а патниот правец Прилеп – Битола е во должина од речиси 40 километри.

По денешното потпишување се планира во втората половина на април изведувачот да биде воведен во работа за трите делници, а  делницата Требениште – Струга – Ќафасан  се очекува да започне до крајот на оваа година бидејќи треба да се оптимизира техничкото на трасата и потоа ќе започне со изградба и реализација и оваа четврта делница.

Според предложениот динамички план рокот за изградба е до 2027 година или подетално, Тетово – Гостивар има рок на реализација од 33 месеци, Гостивар – Букојчани рок од 57 месеци, Требениште – Струга – Ќафасан рок од 49 месеци и Прилеп – Битола 57 месеци.

„Со изградбата на овие четири нови модерни делници овозможуваме поврзување со нашите соседи, а преку тоа и поврзување со важните поморски трговски пристаништа“, рече Ковачевски.

Првиот потретседател на Владата, Артан Груби, во улога на раководител на Управниот комитет за овој проект рече дека две години по потпишување на меморандумот со „Бехтел и Енка“ денеска дојде до потпишување на договорот кој овозможува почнување со работните активности во наредните недели.

„Ова е само почеток на една фантастична приказна со која што ќе градиме автопати во нашата земја“, рече Груби правејќи споредба со досегашната изградба и предвидената во наредните пет години. „Разликата е голема, а ќе го видиме квалитетот на работите кои што ги врши овој конзорциум, го имаме видено тоа во Србија, во Косово, во Албанија, во Хрватска и други места каде што работат“, рече Груби.

Министерот за транспорт Благој Бочварски истакна дека минатата година беше започнат најголемиот инфраструктурен проект од осамостојување во делот на железничката инфраструктура, а сега реализација на најголемиот во дел на патната инфраструктура.

„Договорот што денес го потпишуваме со изведувачот е прв чекор за изградба на модерна квалитетна инфраструктура на коридорите 8 и 10д. Со овој проект докажуваме дека инфраструктурата е најголем приоритет на Владата“, рече Бочварски додавајќи дека Коридорот 8 од неодамна влезе во мапата на главните коридори на Западен Балкан коишто како проект и како процес го поддржа и Европската унија.

„Веруваме дека изведувачот како реномирана градежна компанија ќе понуди и нови методи и нови техники во изградбата кои во иднина би биле прифатливи и преземени и од домашните компании“, рече Бочварски.

Во Буџетот на Министерството за транспорт и врски веќе се предвидени 15 милијарди денари или 244 милиони евра за оваа година, што значи дека земјата е подготвена за изградба и за модернизација на домашните патни коридори.

„Денес потпишуваме договор за идните генерации, договор за иднината на секој граѓанин на Република Северна Македонија“, истакна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Генералниот директор за нискоградба „Бехтел“, Марк Алисон, истакна дека му е драго што ќе работат со Владата на овој проект за транспорт кој го нарече „навистина возбудлив“.

„Патната поврзаност во регионот и во земјата се навистина важни, ‘Бехтел и Енка’ имаат голема историја во испорачувањето на проекти и особено сложени проекти. Ја презедовме одговорноста да одржиме највисок стандард што е навистина сериозно за овој проект, се радуваме за неговиот почеток“, рече Алисон.

На потпишувањето на договорот присуствуваше и американската амбасадорка Ангела Егелер.

(Извор: Независен.мк)

Latest Posts

Не пропуштај