More

    Турција го забрани извозот на домати до 14 април. Како ќе се одрази тоа на нашиот пазар?

    Министерството за земјоделство на Турција донесе одлука да го лимитира извозот на домати до 14 април 2023 година.

    Во соопштението на турското Министерството се вели дека „поради големиот неодамнешен пораст на цената на доматите во Турција и ужасните последици од земјотресот, кој директно погоди 11 провинции, стана неопходно да се преземат мерки за да се обезбеди храната и да се стабилизираат цените“.

    Според аналитичарите на EastFruit, одлуката на турската влада ќе има сериозно влијание врз пазарот на домати во земјите кои зависат од турскиот увоз, пред се, Украина, Молдавија, Грузија, Романија и уште неколку земји од регионот, бидејќи Турција е таа која вообичаено во март доставува најмногу домати на овие пазари.

    За тоа дали оваа одлука ќе се одрази на нашиот пазар, Агротим разговараше со Атила Хасан, сопственик на откупно-дистрибутивниот центар AGA Fruit & Vegetables, кој соработува со многу компании од Турција.

    „Недостиг на храна на глобално ниво секако има веќе неколку години. Покачување на цените веќе има, во очекување сме да има уште поголемо зголемување. Во нашата земја од Турција најмногу се увезува овошје (лимон, портокал, мандарина, цитрон, калинка), а од зеленчук најчесто се врши увоз на сето она кое кај нас го нема во сезона (домати, пиперка, краставица, кромид, компир). Во однос на местата кои се зафатени со земјотресот во Турција, ние не зависиме од земјоделските производи од тие региони, но сепак недостатокот може да се одрази на зголемување на цените на нашите пазари поради одлуката на Турција да го забрани извозот на домати до средината на април. Според тоа каква е ситуацијата на пазарите, можам да кажам само дека веќе нема да има евтино овошје и зеленчук.“, рече Атила Хасан.

    Извор: agrotim.mk

    Exit mobile version