Фото: „Rosie the Riveter“ измислен лик која ги претставува жените кои работеле во фабрики и бродоградилишта за време на Втората светска војна
Никогаш не им се заблагодаруваме и не им се восхитуваме доволно на жените. Особено не на успешните жени, а ги има многу. Секогаш поминуваат пропратно, а кога ќе дојде празникот 8 Март, сите сакаме да им честитаме, затоа што им е празник. Цути бизнисот со цвеќиња, особено закажаните ручеци и вечери по локални ресторани, славење, радости, фризури, шминкање… и следниот ден повторно суровата реалност. Сите сме исти, ама не сите стигнавме да бидеме исти по истот пат, некои дојдоа до целта, по потешкиот и подолгиот пат, oсобено тие пред нас.
Што значи да си жена?! Денес, утре, вчера…
Ако си родена во четириесетите, педесетите години на минатиот век, тоа значи дека си учела во поранешната држава и си се омажила тогаш кога требало, да не задоцниш. Потоа си морала да одиш на работа, да се грижиш за сопругот, децата, неговите родители и твоите, како и за сè останато што било поврзано со вашето семејство, си била и сметководител, и благајник, и мајстор, и маж ако требало, си била, и дежурен виновник. Си работела и во фабрика, конфекција, дрвна индустрија… Требало да готвиш, можеби дури и да переш на раце, можеби си се родила во период кога немало струја, вода, некаде, и можеби требало да одиш и ноќна смена на работа, да не спиеш, па да штедиш, за да не те прогласат за „расипикуќа“. Можеби сопругот ти помагал, можеби те тепал, можеби бил пијаница, не си смеела да „зуцнеш“, за да не пукне брука и да ти го жигосаат семејството. И сè така со години, додека да стигнат децата за на училиште, па да пораснат, па да завршат факултет, па да се омажат, оженат и да излезат на прав пат. На работа требало да слушаш, да работиш, да ќутиш, да бидеш скромна, па да ја промениш работата, или неколку работи потоа, оти нема фирма што не се затвори од тоа време, тешко си стигнала до зголемување на плата ако не се доусовршувала, завршила училиште , факултет, и ти и сето тоа го направи и на крај и си плати и дополнително стаж за да дочекаш пензија. Си стигнала да отидеш и на одмор, и на слава и насекаде. Можеби и тебе грбот и главата те болеле, ама да е само тоа.
Сега си баба, уште помагаш, иако даде сè од себе, уште можеш. Никогаш не си била ставена на пиеасталот, да бидеш најважна, но среќна си. Сè што даде, сè е твое, сама знаеш. Истото важи и за тие што се родини во шеесетите, седумдесетите…
При крајот на минатиот век и во почетокот на овој, никој не ги забележуваше овие жени, а и не бараа да бидат забележани, само да има мир во куќа. Родени во некое поинакво време, брзо се прилагодија на новото, тргнаа на работа, готвеа по дома, чистеа, чуваа деца, им помагаа на децата за во училиште, да не се лажеме, тие го издржаа најтешкото, беа сè, работеа сè и за сè беа одговорни, како да имаа десет раце и како да беа по 10 во една. Повеќето не одеа да слават 8 Март, понекогаш и да, ама не им беше тоа толку важно, повеќе им беше важна слободата, идејата за рамноправност и желбата тоа да се биде и да се стигне, за друго, доволно им беше сите дома да се живи и здрави, најадени, средени и следниот ден повторно на работа и повторно истото максимално вложување и сега да ги прашате истото ќе Ви го речат. Пак да можат, пак ќе го повторат истиот живот создаден со две раце.
Денес имаме 300 машини, за перење, за готвење, за чистење, за сушење, за миење садови, но не успеваме да постигнеме ниту половина од тоа што го правеле и го направија тие тогаш, а правата и желбата за рамноправност, само ги спомнуваме како да треба да бидат спомен, а не реалност или иднина.
Затоа, да им се заблагодариме за нивниот труд и за сето она што го постигнале, зборувам во оваа наша држава, на овие наши простори. Благодарејќи им на нивната жртва ние, денешните жени можеме да кажеме дека имаме некакви права, дека сме над европскиот просек, оти тие не попуштија пред предрасудите и ни беа и се уште ни се нашата најголема поддршка. За нас се уште не се знае. Некако, како повеќе да сакаме да ги славиме женските права, отколку да се бориме за нив и да ги имаме.
Среќен 8 Март, девојки, мајки, жени со „10 раце“. Овие зборови Ви ги посветувам Вам место цвеќе, оти секако заслужувате многу повеќе.
Анета Тасова
(Извор: Бриф.мк)